14/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 април 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ точките 2 и 17 Модел III – откуп на претпријатието од Упатството за начинот на остварување на одлуките за трансформација на претпријатијата со општествен капитал – по модели за трансформација, донесено од Управниот одбор на Агенцијата на Република Македонија за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од “Технометал-Вардар” – Скопје, со Решение У.бр.297/95 од 28 февруари 1996 година, поведе постапка за оценување законитоста на оспорените точки од Моделот III – откуп на претпријатието од упатството означено во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

4. Судот на седницата утврди дека со точката 2 од Моделот III – откуп на претпријатието се предвидува во рок од седум дена од објавувањето на одлуката за трансформација, органот на управување на претпријатието да донесе одлука за издавање на удели, односно акции и одлука за организирање на претпријатието како друштво со ограничена одговорност, односно акционерско друштво и дека според точката 17 од истиот модел при еднаква цена по акција се смета дека поповолни услови за откуп понудил оној кој ќе оствари повисока вредност на продажбата (цена на акција по број на акции) и кој прв ќе достави понуда за купување.

5. Согласно член 57 став 2 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, претпријатието во согласност со одлуката за трансформација истовремено донесува одлука за издавање на акции и одлука за организирање на претпријатието како акционерско друштво, па предвидувањето на друг рок за донесување на овие одлуки, според оценката на Судот значи менување на законски предвидениот рок.

Со оглед на тоа што со точката 2 од Моделот III – откуп на претпријатието се предвидува одлуките за издавање на акции и одлуките за организирање на претпријатието како друштво со ограничена одговорност да се донесат во рок од седум дена од објавувањето на одлуката за трансформација во “Службен весник на Република Македонија”, а не истовремено како што предвидува Законот, Судот оцени дека тоа претставува менување на законски предвидениот рок односно дека е несогласно со Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

Согласно член 57 став 1 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, откуп на претпријатието се врши на начин и под услови утврдени со одлуката за трансформација.

Со оглед на тоа што точката 17 од Модел III – откуп на претпријатието предвидува при еднаква цена по акција да се смета дека поповолни услови за откуп понудил оној кој ќе оствари повисока вредност на продажбата (цена на акција по број на акции) и кој прв ќе достави понуда за купување, односно ги утврдува условите под кои ќе се врши откуп на претпријатието, Судот оцени дека оваа точка од Моделот III – откуп на претпријатието од Упатството, исто така, е несогласна со Законот за трансформација нба претпријатијата со општествен капитал.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.14/96).