133/2006-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членови 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 февруари 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 57 во делот „а ќе се применува од 1 јануари 2005 година“ од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005 и 70/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Друштвото за промет и услуги „Порше Македонија“ ДООЕЛ-Скопје, Трговското друштво за производство и трговија на големо и мало „КА-ДИС“ ДОО увоз-извоз – Скопје, Друштвото за производство, промет и услуги „ХИТ АУТО“ ДОО Скопје, Друштвото за внатрешна и надворешна трговија „Еуро импекс“ ДОО – Скопје, Друштвото за трговија и услуги „Кореа Ауто-Трејд“ ДОЕЛ Скопје, Трговското друштво за промет и посредување „Мак КАР“ Балфинко Макфин ДОО-Скопје и Друштвото за увоз-извоз, трговија на големо и мало, национален и интернационален транспорт и шпедиција, земање и давање под закуп и сервисни активности „МАК Аутостар“ ДОЕЛ – Скопје, преку полномошникот Никола Додевски адвокат од Скопје, со Решение У.бр.133/2006 од 20 декември 2006 година поведе постапка за оценување уставноста на членот 57 во делот „а ќе се применува од 1 јануари 2005 година“ од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

4. Судот на седницата утврди дека во член 57 од Законот е предвидено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јануари 2005 година.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба наспрема содржината на оспорениот член од Законот според кој законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија (Законот е објавен на 17 јануари), а ќе се применува од 1 јануари 2005 година очигледно е дека законот се применува ретроактивно, односно пред да влезе во сила поради што Судот оцени дека оспорениот дел на член 57 од Законот не бил во согласност со Уставот.

Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.133/2006
7 февруари 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи