131/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 март 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 37 и 38 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањет во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по сопствена иницијатива во однос на член 37 и по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје во однос на член 38, со Решение
У.бр. 131/2000 од 28 декември 2000 година, поведе постапка за оценување уставноста на членовите 37 и 38 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 37 од Законот, Владата го обезбедува извршувањето на одлуките на Уставниот суд на Република Македонија во случаите кога
надлежните органи за извршување на овие одлуки не ја извршиле одлуката на Судот, а според член 38 од Законот во зависност од природата на предметот на извршувањето, како и од органот кој во смисла на член 37 од овој закон бил непосредно надлежен и
должен за извршување на одлуката, доколку со друг закон поинаку не е определено, Владата донесува заклучок со кој поблиску го определува начинот на обезбедување на
извршувањето.
5. Според член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни извршни, а според член 113 од Уставот, начинот на работата и постапката пред Уставниот суд се
уредува со акт на Судот.Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, според ислењето на Судот, Уставот е категоричен воопределбата дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Поаѓајќи од категоричноста на уставната определба за конечност и извршност на одлуките на Уставниот суд и определувањето на начинот на извршувањето на одлуките што е во надлежност на самиот Суд, а имајќи предвид дека со оспорените одредби може да се наруши принципот на конечност и извршност на одлуките на Уставниот суд, односно дека тие содржат елементи кои допуштаат Владата на Република Македонија да ги толкува одлуките на Уставниот суд, да го пролонгира и оневозможува нивното извршување, Судот оцени дека членовите 37 и 38 од Законот за Владата на Република Македонија не се во согласност со одредбите на член 112 став 3 и член 113 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.131/2000
21 март 2001 година
С к о п ј е