Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1999 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА насловот на глава ИВ кој гласи
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.116/99 од 6 октомври 1999 година поведе постапка за оценување уставноста на насловот на главата ИВ и членот 77 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека главата ИВ ја предвидува употребата на јазиците и писмата на народите и народностите на Југославија во работата на органите на управата.
Исто така, Судот утврди дека согласно член 77 од Законот во постапката пред органите на општината во согласност со закон и со статутот на општината припадниците на народностите во остварувањето на своите права и должности имаат право на употреба на својот јазик и писмо, а на припадниците на другите народи и народности, органите на општината ќе им обезбедат усно преведување на текот на постапката, како и на исправите и на другите списи што се користат во постапката.
Со оглед на тоа што Република Македонија не е веќе во склопот на СФР Југославија кога во нејзиниот правен поредок постоеја припадници на народностите, односно не беше познат квалификативот припадници на националности, а Законот за органите на управата влезе во сила на 6 декември 1990 година, односно пред донесувањето на Уставот на Република Македонија, кога статусот на Република Македонија се уште беше Социјалистичка Република Македонија, Судот утврди дека главата ИВ од Законот, како таква, не може да опстојува во правниот поредок на Република Македонија ниту од суштинска ниту од терминолошка гледна точка.
Согласно член 7 став 1 од Уставот, во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Согласно ставот 2 на овој член од Уставот, во единиците на локалната самоуправа, во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон.
Согласно став 3 на овој член од Уставот, во единиците на локалната самоуправа во кои како значителен број живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите, под услови и начин утврдени со закон.
Во таа смисла, Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95 и 60/95) во членот 88 став 1 предвидел во единиците на локалната самоуправа во кои граѓаните припадници на националноста се над 50% од вкупниот број жители, да се сметаат како единици на локалната самоуправа во кои во мнозинство живеат припадниците на националностите.
Според ставот 2 на овој член од Законот, во единиците на локалната самоуправа во кои граѓаните припадници на националноста се над 20% од вкупниот број жители, се сметаат како единици на локалната самоуправа во кои во значителен број живеат припадници на националностите.
Од наведените одредби произлегува дека Уставот, во Република Македонија, предвидувајќи го како службен јазик македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, предвидел уште две можности кога, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, ќе се употребува и јазикот и писмото на националностите.
Првата можност се однесува на националностите кои се мнозинство (50% од вкупниот број жители) во единиците на локалната самоуправа при што употребата на нивниот јазик се определува на начин утврден со закон.
Втората можност се однесува на националностите кои се значителен број (20% од вкупниот број жители) во единиците на локалната самоуправа, при што употребата на нивниот јазик се определува под услови и на начин утврдени со закон.
Од изнесеното произлегува дека Уставот упатува во единиците на локалната самоуправа употребата на јазикот на националностите, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, да се уредува со закон.
Наспроти овие уставни одредби, оспорениот закон во членот 77 го употребува терминот припадници на народностите, давајќи им право, во постапката пред органите на општината, да го употребуваат својот јазик, независно дали претставуваат мнозинство или значителен број, поради што Судот утврди дека овој член од Законот е несогласен со Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.116/99)