107/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 септември 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на месечните трошоци и надоместоци на градоначалникот и претседателот на Советот на општина Аеродром и на координатори на советничките групи, бр. 07-2029/12 од 16 мај 2006 година (“Службен гласник на општина Аеродром” бр.4/2006) како неуставна и незаконита во време на нејзиното важење.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, со Решение У.бр.107/2006 од 6 и 12 јули 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со одребите од Уставот на Република Македонија, како и со член 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа.

5. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената одлуката, со оваа одлука се утврдуваат месечни трошоци и надоместокот на градоначалникот и на претседателот на Советот на општина Аеродром и на координаторите на советничките групи.

Според член 2 од Одлуката, на градоначалникот на општина Аеродром за учество, организирање и работа на седници и работни тела на Советот, му се утврдува месечен надоместок во износ од 30.000 денари.

Според член 3 од Одлуката, на претседателот на Сове­тот на општина Аеродром за учество, организирање и работа на седници и работни тела на Советот, му се утврдува месечен надоместок во износ од 10.000 денари.

Согласно член 4 од Одлуката, на координаторите на советничките групи за учество, организирање и утврдување на дневен ред за седниците, им се утврдува месечен надоместок во износ од 1.500 денари.

Според член 5 од Одлуката, Одлуката влегува во сила од 01 јануари 2006 година, а ќе се објави во ”Службен гласник на општина Аеродром”.

Одлуката е донесена под бр. 07-2029/12 од 16 мај 2006 година и објавена е во ”Службен гласник на општина Аеродром” бр.4/2006 од 16 мај 2006 година.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот на Репуб­лика Македонија, владеење­то на правото и локалната самоуправа се утврдени како темелна вредност на устав­ниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и сите други прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од истата одредба, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓа­ни­те.

Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.

Според член 32 став 1 од овој закон, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рам­ки­те на надлежностите на општината.

Согласно член 45 од истиот закон, членовите на сове­тот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Согласно член 100 од Законот, кој се наоѓа во главата „Преодни и завршни одредби“, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Во членот 50 од Законот се утврдени надлежностите на градоначалникот, меѓу кои спаѓа и надлежноста да ја контролира законитоста на прописите на советот.

Со член 51 од Законот се регулира начинот на контролата на законитоста на прописите пред нивното објавување. Така, согласно став 1 на овој член, ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето. Според ставот 2 на истиот член, советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него. Во ставот 3 на истиот член се утврдува дека ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија. Според ставот 4 на овој член, за поднесената иницијатива од ставот 3, градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

Согласно член 52 став 2 од Законот, градоначалникот ја врши својата функција професионално. Согласно став 3 на истиот член, за време на вршењето на функцијата градоначалникот не може да врши друга професионална дејност. Согласно став 8 на истиот член, платата и надоместоците на градоначалникот се уре­дуваат со закон.

Согласно член 17-в став 1 од Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (”Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр. 36/1990, ”Службен весник на Република Македонија” бр. 38/1991, 23/1997 и 37/2005), коефициентот за утврдување на платите на гра­доначалниците на општините и за градоначалникот на град Скопје изнесува од 2,70 до 3,70. Според став 5 на истиот член, правата на градоначалниците утврдени со овој за­кон им припаѓаат на градоначалниците од денот на нивниот избор до крајот на месецот во кој им престанал мандатот, ако со овој закон не е поинаку определено.

7. Од анализата на членовите 45 и 100 на Законот за локалната самоуправа произлегува дека законодавецот за членовите на советот утврдил право на надоместок за присус­т­во на седници, кој го ограничил во висина до 30% од просеч­ната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во пос­ледните три месеци, како и утврдил право на надо­мест на патни и дневни трошоци кои ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Со наведените одредби, како и со другите одредби од Законот, не се утврдува посебно право на надоместок на претседателот на советот и на координаторите на советничките групи за учество, организирање и работа, односно утврдување на дневен ред за седниците.

Според тоа, Судот утврди дека Законот за локалната самоуправа не ги издвојува претседателот на советот и координаторите на советничките групи од другите советници во однос на правото на надоместок за присуство на седница, поради што и не предви­дува за нив посебно право на месечен паушал за учество, организирање и работа, односно утврдување на дневен ред за седниците, како што тоа е определено во оспорената одлука.

Оттаму, анализирајќи ја содржината на оспорената одлука во однос со одредбите од член 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека претседателот на советот и координаторите на советничките групи имаат право, како и другите советници, на надо­месток за присуство на седници утврден со закон, а не и право на месечен паушален надоместок за учество, организирање и работа, односно утврдување на дневен ред за седниците, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со наведените законски одредби.

Од содржината на членот 52 на Законот за локалната самоуправа произлегува дека функцијата градоначалник се извр­шува професионално. Градоначалникот има право на плата и на­доместоци на плата утврдени со закон. Платата и надоместоците на градоначалникот се определуваат во согласност со одредбите на Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и имену­вани лица во Републиката.

Со оглед на тоа што со членот 45 од Законот за локал­ната самоуправа се утврдува право на надоместок за присуство на седници за членовите на советот, а такво право не се утврдува за градоначалникот, Судот утврди дека надоместокот на градоначалникот за учество, организирање и работа на седниците на советот утврден со оспорената одлука не е во согласност со наведената законска одред­ба.

Имајќи предвид дека оспорената одлука е донесена на 11 мај 2006 година, објавена е во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр. 4 од 16 мај 2006 година и се предвидува нејзина примена од 01 јануари 2006 година, односно наместо по објавувањето, се утврдува повратно дејство на нејзината примена, Судот оцени дека Одлуката не е во согласност со членот 52 став 1 од Уставот.

Освен тоа, според Судот во овој случај не станува збор за повратно дејство што е поповолно за граѓаните како што определил членот 52 став 4 од Уставот, туку за повратно дејство поповолно за конкретно определен помал број на лица – градоначалникот и претседателот на Советот на општина Аеродром и координаторите на советничките групи, поради што Одлуката не е во согласност и со оваа уставна одредба.

Судот имаше предвид дека во текот на постапката оспорената Одлука престана да важи, меѓутоа врз основа на истата се вршени исплати на надоместоци за кои немало уставна и законска основа, при што Одлуката имала и ретроактивно дејство, поради што оцени дека има основа за утврдување на нејзина неуставност и незаконитост во време на нејзиното важење, согласно член 70 алинеја 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

9. Оваa одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.107/2006
13 септември 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи