д-р Осман Кадриу


Д-р Осман Кадриу

Судија

Образование


Професор д-р Осман Кадриу е роден во село Аранѓел, Кичево. По завршувањето на основното образование во родниот крај го продолжува школувањето во Белград. По завршувањето на средното образование се запишува на Правниот факултет во Белград и дипломира на истиот факултет во 1973 година. На истиот факултет во Белград се запишува и на последипломските студии кадешто во 1992 година ја одбрани магистерската теза од граѓанско правната област под наслов: “Одговорност за штета сторена од работник спрема трето лице”. Со одбраната на магистерската теза се стекнува со научно звање магистер по правни науки.

На Правниот факултет во Белград во 1999 година д-р Кадриу ја одбрани докгорската дисертација под наслов “Незаконитиот престанок на работен однос и одговорноста на претпријатието за штета” и се стекна со научно звање доктор по правни науки.

Работна кариера и движење во службата


По завршувањето на Правниот факултет д-р Осман Кадриу засновал работен однос во тогашниот Општински суд во Кичево, прво како судиски приправник во 1974 година а по полагањето на правосудниот испит работел како стручен соработник во истиот суд.

Бил на следните функции:

  • Судија на Општински суд Кичево, избран 1976 година;
  • Секретар на Собранието на Општина Кичево, 1978 – 1982 година;
  • Секретар на Собранието на Општина Кичево, 1982 – 1986 година;
  • Потпретседател на Извршниот совет на Собранието на Општината, 1986 – 1990 година;
  • Претседател на ОК на ССРНМ за Општина Кичево, 1980 – 1981 година;
  • Член на Републичкиот судски совет, 1994 – 2000 година;
  • Адвокат во Скопје, 2001 – 2007 година;
  • Професор на Правниот факултет при Државниот Универзитет во Тетово, 2001 – 2007 година;
  • В.Д. декан на Правниот Факултет на Државниот Универзитет во Тетово, 2004 – 2005 година;
  • Професор на Педагошкиот факултет при Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје, 1996 – 2010 година;
  • Проректор на ФОН Универзитет, 29.11.2007 – октомври 2009 година;
  • Член на Сенатот на ФОН Универзитетот, 2012-2016 година;
  • Делегат на Интер-Универзитетска Конференција
  • Професор на ФОН Универзитет, од 2006 и сега;

Со Одлука на Собранието на Република Македонија од 11.01.2018 година е избран за судија на Уставниот суд на Република Македонија

Научни активности


Паралелно со професионалните должности и многубројните функции, д-р Осман Кадриу се занимава и со научно-истражувачка активност. Има објавено седум книги и повеќе од 80 библиографски единици, научни и стручни од областите : граѓанско-правната област; уставно-правната и политичката област; трудово-правната област. Статиите се објавени во неколку списанија: “Судска ревија”; “Адвокатура”; “Правник” – списание на здружението на правниците на Република Македонија; исто така и во одделни публикации објавени на ФОН Универзитетот; Правниот факултет во Скопје и МАНУ. . Голем дел од научните и стручните статии се објавени и надвор од држаата. Најголемиот дел од нив се објавувани во списанието “Правни живот” од Белград. Трудовите се објавени на македонски, албански, српски јазик и англиски јазик.

Книги


1. Одговорност за штета поради незаконитиот престанок на работен однос, Академик, Скопје, 2000.

2. Причинување на штета и граѓанско правна одговорност (на албански јазик), Тетово, 2003.

3. Уставно уредување на Македонија (на албански јазик), универзитетски учебник, Скопје, 2006.

4. Вовед во граѓанско право (на албански јазик), универзитетски учебник, Скопје, 2008.

5. Коментар на Законот за работните односи, заедно со д-р Војо Беловски, Скопје, 2011.

6. Навреда и клевата и одговорност за штета (монографија), Скопје, 2017.

7. Навреда и клевата и одговорност за штета (монографија на албански јазик), Скопје, 2017.

Други активности и вештини


Д-р Осман Кадриу се истакнува и во сферата на разни експертизи, консултиран како правен експерт и политички аналитичар и во тој контекст во јавноста има повеќе од 300 обраќања, толкувања, предлози и конкретни сугестии.

Професорот Кадриу на Факултетот за правни науки на ФОН покрива девет предмети сметано од првата година па сè до последната година на студиите и истите ги предава на албански и на македонски наставен јазик.

Покрај ФОН Универзитетот, професорот Кадриу бил ангажиран и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола.

Се служи со англискиот и францускиот јазик.