Уставното судство во Македонија за прв пат се востановува со Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1963 година. Уставниот суд на Македонија е конституиран и отпочнал со работа во 1964 година.
Во услови на федеративно уредена заедница на поранешна Југославија, во која Македонија беше федерална единка, Уставниот суд на Македонија како самостоен орган на Републиката за заштита на уставноста и законитоста, започна со работа на 15 февруари 1964 година. Неговата положба и надлежност беа уредени со Уставот, а постапката и правното дејство на неговите одлуки беа уредени со Законот за Уставниот суд на Македонија од 1963 година.
Пред воведувањето на овој посебен орган, претставничкиот односно законодавниот орган, истовремено бил и носител на уставноста, бидејќи се сметало дека создавачот на законите ја одредува и нивната уставност што, пак, било општо прифатен модел во системот на единството на власта, односно во земјите на народните демократии.
Потребата од воведување на уставното судство била непосредно поврзана со востановувањето на надлежноста на судовите во управните предмети, чии делокруг дотогаш се засновал на пресудување само во граѓанските и кривичните предмети. Со воведувањето на управниот спор, односно судската контрола на поединечните управни акти, функцијата на редовното судство се комплетирала опфаќајќи го граѓанското, кривичното и управното право. Тоа било израз на потребата, заштитата на правата на човекот и граѓанинот да се остварува преку судовите како посебни и независни органи кои ја вршат судската функција, а не преку арбитрерноста на управните и други органи. Судовите, ако сметале дека законот што треба да го применат не е во согласност со Уставот, имале право да му предложат на Врховниот суд да покрене постапка за оценување на согласноста на тој закон со Уставот. Во овој период, законодавниот орган го задржал правото на поништување, односно укинување на противуставните и незаконити прописи и други акти на извршниот орган, а овој орган, пак, во однос на актите на управата.
Со Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година и Законот за основите на постапката и дејството на одлуките на Уставниот суд од 1976 година, се направија мали измени во надлежноста на Судот и правното дејство на неговите одлуки, но неговата позиција во однос на законодавната и извршната власт останаа неизменети. Уставниот суд беше дел од системот на единство на власта и имаше задача да ја обезбедува внатрешната хармонија на правниот поредок. Наспроти релативно ограничената надлежност (помеѓу другото, Уставниот суд немаше можност да укинува или поништува неуставни закони туку само да ја констатира нивната несогласност со Уставот), Уставниот суд во тој период играше значајна улога во заштитата на правниот поредок во рамките на поли-тичкиот систем заснован на принципот на единство на власта.
Една од основните функции на Уставниот суд според Уставот од 1974 година беше тој да ги следи појавите од интерес за остварување на уставноста и законитоста, да го известува законодавниот орган за состојбите и проблемите во врска со остварувањето на уставноста и законитоста и да му дава мислења и предлози за донесување и изменување на закони и за преземање на други мерки заради обезбедување на уставноста и законитоста. Всушност, во најголемиот број на случаи во кои интервенирал во однос на уставноста на законите, Уставниот суд во овој период, најчесто го практикувал методот на предупредување и укажување, оставајќи му на доносителот на законот сам да ја отстрани противуставноста на законот. На овој начин, свесно била одбегнувана дирекната касациона интервенција, создавајќи една атмосфера на колаборација во постигнувањето на заедничката цел.
Граѓаните на Република Македонија на референдумот одржан на 8 септември 1991 година, самопотврдувајќи ја плебисцитарно државноста и сувереноста на Република Македонија ја изразија својата волја и го дадоа својот глас Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна држава Македонија, што уставноправно се заокружи со донесувањето на Уставот на Република Македонија на 17 ноември 1991 година.
Според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се заснова на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество.
Сегашниот Устав го конституира Уставниот суд на Република Македонија како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста и ги заштитува основните слободи и права на човекот и граѓанинот.