Издвоено мислење по предметот У.бр.13/2024

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против Одлуката У.бр.13/2024 со која Уставниот суд, на седницата одржана на 3 април 2024 година, одлучи да го укине насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти” и членовите 123, 124, 125 и 126 од Деловникот на Советот на Општина Битола („Службен гласник на Општина Битола“ бр.10/2005 и 20/2020), писмено го образложувам моето несогласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд постапувајќи по предметот У.бр.31/2023 година, на седницата одржана на 27.09.2023 година одлучи да ги поништи:

– членовите 99, 100, 101 и 102 од Статутот на Општина Кисела Вода („Службен гласник на Град Скопје” број 8/2005 и „Службен гласник на Општина Кисела Вода” број 13/2006, 15/2014 и 7/2019);
– Автентичното толкување на општи и посебни одредби на донесени урбанистички планови и урбанистичко-планска документација, дадено од Советот на Општина Кисела Вода, број 09-3617/9 од 26.04.2022 година и
– Решението на градоначалникот на Општина Кисела Вода, број 08-5203/7 од 27.05.2022 година за објава на Автентично толкување.

Во оваа одлука која беше поддржана од моја страна, Судот оцени дека Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. При таква фактичка и правна состојба, недвосмислено беше оценето дека Советот на Општина Кисела Вода ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел оспорениот Статут во кој предвидел можност за автентично толкување согласно со членовите 99, 100, 101 и 102 од Статутот на Општина Кисела Вода, и врз основа на истите го донел и објавил Автентичното толкување на општи и посебни одредби на донесени урбанистички планови и урбанистичко-планска документација. Оттука, Судот оцени дека оспорените одредби од Статутот како и актите донесене врз основа на истите, се незаконити, а со тоа и спротивни на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, и истите ги поништи.

Овој предмет и дилемата која се отвори при расправата (која подоцна и се потврди), беше поттик за Уставниот суд на работен состанок одржан на ден 25.12.2023 година да одлучи врз основа на одредбата од член 14 став 1 од Деловникот, по сопствена иницијатива да оформи повеќе предмети во кои предмет на уставно-судска оценка требаше да бидат статути и/или деловници на сите единици на локалната самоуправа, во деловите во кои со свои акти предвидуваат надлежност за автентично толкување на општите акти кои ги донесуваат Општините.

По ваквата одлука, беа формирани голем број предмети по кои Судот постапуваше, и во сите, со исклучок на У.бр.31/2023 како и во предметот У.бр.157/2023 во кои Судот одлучи да ги поништи одредбите во статутите на општините Кисела Вода и Сарај, одлуката на мнозинството судии беше неуставните и незаконитите одредби да бидат укинувани. Моето несогласување со мнозинството судии се однесува токму на различниот пристап на Судот, во посочените два предмети да се определи за поништувачка, а во сите останати за укинувачка одлука. Наспроти ставот на мнозинството судии, за сите предмети кои до овој датум беа расправани и одлучувани мојот став беше и гласав за поништување на одредбите во статутите и/или деловниците на општините за кои Судот утврдуваше дека се неуставни и незаконити. Моето несогласување и мојот став се темели на подолу наведените аргументи.

Во сите овие предмети, при поведувањето на постапките за оценка на уставноста и законитоста Судот го примени член 27 од Деловникот според кој „Уставниот суд може во текот на постапката до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.“ Донесувањето на вакви решенија за времена мерка до конечната одлука значи дека за Уставниот суд е неспорно дека оспорените одредби или веќе создале или можат да создадат последици чиешто продолжение или настанување имал намера до конечната одлука, да го запре. Целисходноста на институтот времена мерка е да не настапат штетни последици чие отстранување може да создаде сериозни дополнителни последици, што значи прашањето дали се создадени и дали можат да настапат штетни последици веќе е апсолвирано.

За да биде мојот став појасен, важно е да се анализира причинско-последичната врска меѓу членовите 70 и 73 од Деловникот. Ако член 70 од Деловникот уредува дека „Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата и тоа: за поништување или укинување на закон и друг пропис, програма и статут на политичка партија или друг општ акт“, член 73 од Деловникот ги дава критериумите, односно околностите кои судот треба да ги има во вид при определбата за конечната одлука, според кој „При одлучувањето дали законот, прописот или општиот акт ќе го поништи или ќе го укине Уставниот суд, ќе ги земе предвид сите околности што се од значење за заштитата на уставноста и законитоста, а особено тежината на повредата и нејзината природа и значење за остварување на слободите и правата на граѓаните или за односите што се воспоставени врз основа на тие акти, правната сигурност и други околности од значење за одлучувањето“. Во конкретниот случај, мнозинството судии покрај утврдената неуставност и незаконитост на одредбите од статутите и /или деловниците на општините, што е неспорно прашање, во своите одлуки воопшто не се осврна на околностите од значење за одлучувањето, односно зошто се определи за укинување, а не за поништување на неуставните одредби. Избегнувањето да се посочат ваквите околности, по мое длабоко уверување, е неприфатливото компромисно уставноправно раздавање од страна на мнозинството судии.

Во околности кога самиот Суд со времената мерка ги препознaва и штетните последици кои произлегле или можат да произлезат од неуставните и незаконските одредби, а во постапувањето по предметите нема утврдено фактичка состојба во смисла дали некоја од општините, за што, и во кој обем ги применила одредбите за автентично толкување, одлуката во два предмети да ги поништи таквите одредби, а во сите останати да ги укине, претставува повреда на принципот на еднаквост на граѓаните, повреда на правната сигурност, а со тоа и повреда на темелната вредност – владеењето на правото. Природата и значењето на повредата се такви што сите граѓани кои живеаат на територијата на Република Северна Македонија во сите општини освен жителите на општините Кисела Вода и Сарај, се ставени во попривилегирана положба што секако има влијание во остварување на слободите и правата на граѓаните, како и влијание на правната сигурност. Оттука сметам дека мнозинството судии со одлуките да ги укинува, а не да ги поништува одредбите кои даваат правен основ за автентично толкување на општините, пропушти на правилен начин да ги оцени сите околности што се од значење за заштитата на уставноста, на правната сигурност и владеењето на правото, на принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Ова од причина што со одлуката за укинување на одредбите од статутите и/или деловниците, мнозинството судии го примени начелото еx nunc, што значи дека неуставните одредби ги стави надвор од правниот промет, така што во иднина, односно од објавувањето на одлуката на Судот истите не може да се применуваат, но правните односи и последиците коишто можеби во некои општини настанале врз основа на неуставните одредби остануваат без уставно-судска санкција. Доколку Судот се определеше за поништувачка одлука со ex tunc ефект, за сите општини ќе беа поништени сите последици кои евентуално произлегле од примената на неуставните одредби. Сметам дека единствено на ваков начин и само со вакво решение, би се задоволил критериумот на темелната вредност на уставниот поредок, владеењето на правото и правната сигурност, како и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Конечна одлука У.бр.13/2024