Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за XVII-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 26.05.2022 година (четврток), со почеток во 09,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Реферат У.бр.24/2022

Оспорен: Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 294/2021) и посебно: член 3 став 1 точка е), членовите 35, 36, 37, член 54 став 1 точки б) и г), член 55 ставови 4, 5 и 9, член 56 став 3 точки 2) и 3) и членовите 57, 58, 60, 61, 62, 63, 64, 65, 66, 67, 68 и 69 од овој закон.

Подносители: Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска, адвокати од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата, Законот за медијација во целина и посебно оспорените членови од Законот, биле спротивни со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, членот 55 и член 95 став 3 од Уставот, затоа што создавале монополско однесување и монополска положба на пазарот и нееднаква положба на субјектите на пазарот, поточно затоа што Законот не бил донесен со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници во Собранието. Уставното начело на слободата на пазарот и претприемништвото било повредено бидејќи оспорениот закон и оспорените законски одредби создавале своевиден картел, односно, целиот пропишан систем (акредитирање на обуките на идни медијатори и за идни обучувачи на медијатори, спроведувањето и полагањето на испитот за идни медијатори, составот на испитната комисија, одредбита за Националниот совет за медијација, издавањето на лиценци, државната контрола во областа на медијаторството и неоснованата државна помош во облик на субвенционирање) бил целосно во рацете на тесен круг на лица кои станале медијатори според прописите од областа на медијаторството коишто важел до денот на влегување во сила на оспорениот закон, односно, целата област на медијаторство била под нивна контрола, а тоа доведувало до неуставна контрола на пазарот, односно до монополско однесување и монополска положба на пазарот. Меѓудругото, во иницијативата се наведува дека оспорениот закон во целина не бил уставен, затоа што не бил донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а требало да биде донесен со тоа мнозинство, бидејќи со оспорените одредби од член 3 став 1 точка е), членот 63, членот 64, членот 65, членот 66 и членот 67 од оспорениот закон, се пропишувало основање на орган на државната управа – Националниот совет за медијација, како тело на Владата на Република Северна Македонија.

2. Реферат У.бр.44/2022

Оспорен: Член 115 став 1, член 116 ставови 1, 2 и 4 и член 154 став 1 точка 10 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020 и 67/2022).

Подносител: Доне Николовски и Славко Лазовски, двајцата од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителите на иницијативата, оспорените законски одредби биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 20 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија. Според наводите од иницијативата, собирањето и распределбата на средствата од членарината било неуставно да го врши Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, односно собирањето и распределбата на средствата требало да го вршат сојузите на здруженијата и самите здруженија, поради тоа што членувањето во пензионерско здружение било доброволно согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Подносителите сметаат дека неуставно било и тоа што со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се предвидувало пензионерите да бидат условувани со членство во пензионерско здружение за да бидат членови на Солидарниот фонд, а со цел да ги уживаат правата од истиот. Ова оттаму што пензионерите кои не биле членови на пензионерското здружение немале право на посмртна помош. Додека, од друга страна, уставно право било пензионерот да одлучи дали ќе биде член на пензионерско здружение или не, затоа што членувањето во пензионерското здружение било доброволно.

3. Реферат У.бр.30/2022

Оспорена: Одлуката за разрешување на член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија бр.08-1046/1 од 3 март 2022 година („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.45/2022).

Подносител: Политичка партија „ЛЕВИЦА” – Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, оспорената Одлука за разрешување на член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 61 став 2, член 68 став 1 алинеја 16, член 76 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, член 4, член 6 став 4, член 10 став 1 и член 12 став 1 од Законот за пратениците, член 20, член 69 став 2, член 79 став 1, член 108 став 1 и 2, член 117 став 2, член 125 став 1 и член 184 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија и член 2 став 7 алинеја 3 од Одлуката за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Северна Македонија. Во наводите на иницијативата, меѓудругото, се наведува дека оспорениот акт ја суспензирал законската должност на пратеникот да учествува во работата и одлучувањето на работното тело односно со оспорениот акт се правело обид членувањето во работното тело во Собранието на Република Северна Македонија да се претстави како „јавна или друга функција“ која ја извршува пратеникот што било спротивно на членот 63 став 5 од Уставот според кој пратеничката функција била неспојлива со вршење на други јавни функции или професии. Исто така, како причини за оспорување на Одлуката се наведува и дека пратеник не можел да биде разрешен од работно тело на Собранието на Република Северна Македонија без предлог на матичната Комисија за прашања на изборите и именувањата што било спротивно на уставното начело на уставност и законитост од причина што оспорениот акт го нарушувал системот на нормативна хиреархија и овозможувал заобиколување на предвидените уставни и законски норми и создавал неконзистентност на правните прописи од ист и различен ранг. Според подносителот, меѓудругото, се наведува дека оспорениот акт не ги исполнувал кумулативно сите деловнички услови за истиот да се најде на дневен ред на собраниска седница. Поради наведеното, со иницијативата се бара Уставниот суд да ја поништи оспорената одлука во целост, со ретроактивно дејство од причини што смета дека постојат неотстранливи формално-правни и материјално-правни причини за негова ништовност, коишто биле во спротивност со Уставот на Република Северна Македонија, Деловникот на Собранието на Македонија и Законот за пратениците. Со иницијативата, посебно е истакнато барање за изрекување времена мерка по член 27 од Деловникот на Уставниот суд и Судот да донесе привремено решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука, поради тоа што со ефективното спроведување во пракса на побиваниот акт, односно со неговото извршување, можеле да настанат тешко отстранливи и штетни последици по должностите на пратениците, како и врз демократијата во законодавниот дом гарантирана со Уставот.