Дневен ред за XXXV-та седница закажана за 9 ноември 2022 година (среда)

Уставниот суд на 9 нoември 2022 година (среда) во 9.30 часот ќе ја одржи XXXV-та седница со дневен ред на кој се закажани три иницијативи за оценување на уставност и законитост:

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Реферат У.бр.89/2022

Оспорен: Член 17 од Законот за државното правобранителство „Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007, 167/2010 и 104/2015)

Подносители: Адвокати Владимир Стојкоски и Глигорие Ќатоски, и двајцата од Струга

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот членот 17 од Законот за државното правобранителство не бил во согласност со член 53 од Уставот на Република Северна Македонија од причина што според иницијаторите, било нејасно како можело државен орган да определува, односно побарува трошоци на постапка по тарифа која е предвидена за работа и надомест исклучиво на адвокатите и врз основа на тоа од страна на судовите да определувале и досудувале трошоци согласно адвокатската тарифа во корист на Република Северна Македонија. Определувањето на трошоци по оваа тарифа на други субјекти било неосновано и спротивно на член 53 од Уставот, бидејќи согласно истиот адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања согласно закон.

2. Реферат У.бр.77/2022

Оспорен: Член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.149/2021)

Подносител: Синдикат на полиција во Македонија – Велес

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорениот член 5 од Колективниот договор бил во спротивност со член 37 од Уставот на Република Северна Македонија и со член 184 став 1 од Законот за работните односи. Според подносителот, со оспорениот член 5 од Колективниот договор како единствен синдикат незаконски бил наметнат Македонскиот полициски синдикат, што било спротивно на Уставот поаѓајќи од тоа што и другите синдикати опстојувале и функционирале во рамките на Министерството за внатрешни работи. Со незаконска примена и толкување на оспорениот член од Колективниот договор, според подносителот, Македонскиот полициски синдикат се ставал во улога над Министерството за внатрешни работи и над Уставот, бидејќи истиот не бил единствен синдикат во Министерството за внатрешни работи.

3. Реферат У.бр.76/2022

Оспорен акт: Одлука за изменување на Одлуката за утврдување на стапката на данок на имот, бр.07-3165/26 од 29.12.2008 година, донесена од Советот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид” бр.10 од 30.12.2008 година)

Подносител: Димитрија Атанасовски од Охрид

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, Советот на Општина Охрид не можел да пропишува нови даноци, ниту повискоки стапки од тие определени во Законот, па од тие причини смета дека Одлуката на Советот на Општина Охрид број 07-3165/26 од 29.12.2008 година, била спротивна на член 6 од Законот за даноците на имот и член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.