Дневен ред за 20. седница закажана за 3 јули 2024 година

Уставниот суд информира дека 20. Седница ќе се одржи на 3 јули 2024 година (Среда) во 10:30 часот. На дневен ред закажани се 10 (десет) иницијативи за оценување на уставност и законитост. Предвидено е да се одлучува по 5 (пет) предлози за одлучување со нацрт-одлуки.

I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

1. Реферат У.бр. 83/2022

Оспорен: Член 22-а став 1 точка 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 18/1999, 31/2000, 42/2003, 64/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 8/2011, 55/2013, 33/2015 и 104/2015)

Подносител на иницијативата: Адвокатско друштво Бачовски Синколи Адвокати од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека оспорената законска одредба не е во согласност со член 9 став 2 и член 30 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, од причина што, за подносителот како спорно се поставува прашањето дали граѓаните како баратели во постапка за денационализација со оспорената одредба можат да бидат доведени во нерамноправна положба, имајќи во предвид дека доколку одземеното земјиште, порано земјоделско сега градежно, ако би можело да се врати би се вратило како градежно земјиште. Наспроти ова доколку одземеното земјоделско земјиште станало градежно изградено земјиште и повеќе не може да се врати, тогаш на граѓаните односно барателите за денационализација им се дава надомест земјоделско земјиште соодветно на одземеното.
Во иницијативата се наведува и дека со оспорената одредба, на граѓаните на кои земјиштата не можат да им се вратат се ставани во нерамноправна положба со граѓаните на кои им било одземено земјоделското земјиште од владение, кое подоцна го сменило правниот режим во градежно, но за разлика од првите нивното земјиште останало неизградено и им се враќа во сопственост како градежно неизградено земјиште. Воедно оспорената одредба го условува давањето на друго земјиште со видот на земјиштето во време на одземањето, а враќањето во сопственост на земјоделско земјиште кое подоцна станало градежно не е условено со видот на земјиштето со што се доведуваат граѓаните во нееднаква положба во зависност од тоа дали земјиштето им било одземено или не пред да стане градежно земјиште.

2. Реферат У.бр. 200/2023

Оспорен: Член 38-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019)

Подносител на иницијативата: Зоран Стојановски, адвокат од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека со оспорената одредба законодавецот ги пречекорил уставните овластувања, односно го повредил Уставот. Според подносителот, оспорената одредба претставува различно третирање на судиите без постоење на уставен основ што има за последица преместување на судија на основен суд со проширена надлежност во суд со основна надлежност спротивно на неговата волја и без за тоа да има одлука на Судскиот совет, што претставува мешање на законодавната и извршната власт во судската власт со цел избор на „подобни“ судии да судат предмети од надлежност на суд со проширена надлежност.

3. Реферат У.бр. 209/2023

Оспорен: Член 42 став 8 во делот „став (7)“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Репуб¬лика Северна Македонија“ бр. 96/2019 и 253/2023)

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот за прекршоците е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија од причина што со измените на Законот за прекрошоците извршено е номотехничко поместување на ставовите на членот 26, така да став 7 станува став 8, што според подносителот може да дојде до забуна во примената на одредбата, како од страна на оние кои треба да ја применуваат, така и од страна на оние кои се однесува.

4. Реферат У.бр. 11/2024

Оспорен: Член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122/2021)

Подносител на иницијативата: Политичка партија ВМРО-ДПМНЕ

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека истекувањето на рокот на важност порано од декларираниот рок на документите од страна на државата, ги става граѓаните во состојба на изгубена правна заштита и правна сигурност. Неможноста граѓаните кои уредно извадиле важечка возачка дозвола или возачка книшка пред стапување во сила на Законот да ја искористат истата до крајот на нејзиното важење декларирано на самата исправа, ги става во нееднаква/дискриминирана положба сите овие граѓани. Со промената на датумот на важност, сите лица кои извадиле возачка дозвола во периодот од јули 2014 до јули 2021 година (кога стапува на сила оспорениот закон) се ставени во нееднаква/дискриминирана позиција, во споредба со сите останати лица, затоа што се обврзани на свој двоен трошок повторно да извадат возачка дозовола.

5. Реферат У.бр. 112/2024

Оспорени: Член 12 став 4 во делот „и тарифата од ставот (3) на овој член” од Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија” број 101/2019) и Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање на примарна правна помош, донесена од министерот за правда, број 01-4047/1 од 26.09.2019 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 199/2019).

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека овластувањето на министерот за правда да го утврдува надоместокот на здружението и правната клиника, како и овластувањето да ги утврдува самите критериуми и мерила за определување на висината на самиот надоместок, значи навлегување на извршната во законодавната власт од причина што во Законот за бесплатна правна помош не се содржани критериуми и мерила во однос на ова прашање.

6. Реферат У.бр. 148/2024

Оспорен: Член 26 став 2 во делот „во рок од 30 дена“ од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019)

Подносител на иницијативата: Александар Наумовски од Битола

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба од Законот се ограничува уставното гарантирано право на граѓанинот да се повика на заштита на правата пред судовите, се ограничува на со закон обезбеденото право на судска заштита против дејствија на јавните органи и се ограничува правото на судење во разумен рок, а воедно се ограничуваат слободите и правата на човекот, дискриминаторски за граѓаните врз основа на нивната општествена положба – правен статус во управна постапка креиран од јавните органи, граѓани спрема јавните органи и граѓани спрема други граѓани, сите учесници во иста постапка. Се наведува дека кога се допушта поведување управен спор поради недонесување на одреден акт во пропишаниот рок (молчење на управата), дејствие на пропуштање на јавните органи да одлучат во законскиот рок за правата, тоа право е допуштено без ограничување, за разлика од уредувањето во оспорената одредба коешто не допушта на субјектите по 30 дена од пропуштањето на јавните органи да донесат поединечен управен акт, да поднесат тужба до судот.

7. Реферат У.бр. 113/2021

Оспорен акт: Упатство за начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија („Службен весник ан Република Македонија“ бр.198/2014 и 219/2015)

Подносител на иницијативата: Државна комисија за спречување на корупцијата

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, законот не и дава право на Агенцијата, односно на нејзините органи Советот и Директорот да донесуваат подзаконски акти кои излегуваат надвор од предвиденото во членот 9 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во иницијативата се спори тоа што врз основа на одредбата „уредување на начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите односно програмските сервиси на радиодифузерите“ Агенцијата донела Упатство и дала зелено светло за формирање на „Македонски комитет за мерење на публиката“ како профитабилна стопанска интересна заедница (СИЗ), регистрирана во Трговскиот регистар на Република Северна Македонија, за вршење на трговска дејност, која во иднина ќе ги координира мерењата на гледаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите што емитуваат телевизиска програма на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс и на јавното радиодифузно претпријатие МРТ. Во иницијативата, исто така, се наведува дека со оспореното Упатство се нарушува конкуренцијата на пазарот на радиодифузерите во Република Северна Македонија и одредени правни лица ги става во повластена положба, бидејќи без критериуми се избрани членовите на Комитетот од страна на директорот на Агенцијата, при што се дискриминирани национални телевизии во Република Северна Македонија кои емитуваат програма преку сателит и јавна електронска комуникациска мрежа на државно ниво, бидејќи им е ограничено правото тие да имаат членови во Комитетот, што е спротивно на член 55 од Уставот.
Во иницијативата е наведено дека оспорените одредби од Упатството немаат уставна и законска основа од причини што со истото како подзаконски акт не се операционализираат законските одредби, туку напротив изворно се утврдуваат критериуми врз основа на дискрециони овластувања на директорот и Советот да предлагаат и избираат членови на Комитетот за мерење на гледаноста.

8. Реферат У.бр. 137/2022

Оспорен акт: Одлука за јавните паркиралишта од значење за Градот Скопје, донесена од Советот на Град Скопје на 75-тата седница, одржана на 04.12.2008 година, број 07-3395/1 од 04.12.2008 година, објавена во „Службен гласник на Град Скопје” број 17/2008 и посебно членовите 1, 4 и 5 од Одлуката.

Подносител: Друштво за управување со недвижен имот ЕАСТ ГАТЕ МАЛЛ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, застапувано од адвокат Зеќир Зеќири

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека со Одлуката на Градот Скопје не е направена разлика дали обележаните простори наменети за групно паркирање се наоѓаат во рамки на земјиште или објект кои се во приватна сопственост или се во сопственост на државата, Градот Скопје или општините. Подносителот смета дека со одлуката, Градот Скопје незаконски и неосновано воспоставува надлежност врз приватната сопственост на физички и правни лица, право кое според Уставот му припаѓа единствено на сопственикот на стварта. З  а подносителот спорна е и одредбата од Одлуката во која се предвидува дека „никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон”, бидејќи Градот со неа на манипулативен начин без законски основ ја ограничува приватната сопственост на паркиралишта на приватни лица дури и кога не постои јавен интерес со закон, односно подносителот наведува дека не постои закон кој утврдува постоење на јавен интерес. Во иницијативата се поставува прашањето за сопственоста гарантирана со Уставот, односно од кој акт Советот на Град Скопје го црпи правото да утврди забрана за вршење дејност паркирање во приватно паркиралиште.

9. Реферат У.бр. 19/2023

Оспорен акт: Правилник за начинот и постапката на утврдување на исплата на надоместок на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња, заведен под број 08-12159/20 од 28 октомври 2022 година, донесен од Советот на Општина Тетово и објавен во „Службен гласник на Општина Тетово” бр.14 од 31 октомври 2022 година.

Подносител на иницијативата: Дарко Котески, адвокат од Тетово

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека Советот на Општина Тетово нема надлежност за донесување на оспорениот правилник и го оценува како спротивен на Законот за локална самоуправа, според кој таа надлежност му припаѓа исклучиво на градоначалникот. Се наведува дека оспорениот правилник е спротивен на член 8 и член 51 од Уставот. Подносителот ги оспорува и критериумите за утврдување на висината на надоместокот на штета предизвикана од куче бездомник според кои граѓаните се поделени според возраста за добивање отштета.

10. Реферат У.бр. 166/2024

Оспорен акт: Одлука за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово Транспорт“ – Тетово, бр.08-12322/67 од 27.09.2023 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 15/2023)

Подносител: Даријан Сотировски од Тетово

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека Општината Тетово со оспорената одлука спротивно на одредбите од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, без законски основ Градскиот стадион во Тетово го дала на трајно користење на ЈП „Тетово транспорт“. Се наведува дека надлежност да дава на трајно користење и да утврдува престанок на корисничко право има само Владата, а не Советот на Општината.

II. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ

1. У.бр. 17/2024

Оспорен: член 19 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Крушево, број 07-104/4 од 31.01.2008 година („Службен гласник на Општина Крушево” број 1/2008)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

2. У.бр. 34/2024

Оспорен: член 15 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Кочани („Службен гласник на Општина Кочани“бр.5/2006)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

3. У.бр. 41/2024

Оспорен: член 33 алинеја 3 и глава 14 „Автентично толкување на општи акти“ членовите 175, 176, 177 и 178 од Деловникот на Советот на Општина Кавадарци бр.07-3454/2 од 30.11.2006 година („Службен гласник на Општина Кавадарци” број 21/2006)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

4. У.бр.53/2024

Оспорен: член 15 алинеја 3 од Деловникот за работата на Советот на Општина Чашка број 08-913/5 од 30.06.2022 година

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

5. У.бр.67/2024

Оспорен: член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Ново Село

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.