Дневен ред за 2. седница на Уставниот суд закажана за 17.01.2024 година

На 17 јануари 2024 година (среда) во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи втората седница со дневен ред за кој се предвидени пет иницијативи за оценување на уставност и законитост. 

  1. Реферат У.бр.176/2023 

Оспорен: Член 12 од Законот за адвокатура и член 67 став 2 од Статутот на Адвокатска комора на Република Северна Македонија.

Подносител:  Стевче Стојанов

Од содржина на оспорената одредба:

Член 12

Во Именикот на адвокатите може да се запише лице, кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, кое ужива углед и е достојно за вршење на адвокатската дејност и ги исполнува следниве услови:

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека се нарушува владеењето на правото со тоа што се бара адвокат да биде лице кое “ужива углед и е достојно” бидејќи според него станува збор за морална, а не правна норма која не смее да биде услов и предмет на нормативно регулирање, ниту пак е нешто кое може да се утврди низ законска и правна постапка. 

  1. Реферат У.бр.135/2023

Оспорен: Одлука бр.27-6567/1 од 07.06.2022 година за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 од 07.06.2022 година, година донесена од Советот на Град Скопје

Подносител на иницијативата: Дуња Туртурова и Бојан Милошевски, адвокати од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесениот Регулациски план на ГУП кој има важност за градска четврт ЈИ 03 содржи нерегуларности, односно предвидена е намена B (јавни институции), спротивно на постоечкиот и важечки ДУП каде што за тој простор е предвидена намена Б (комерцијални и деловни намени). Се наведува дека со донесувањето на Регулацискиот план на ГУП, противзаконито и противуставно е извршена пренамена на одреден простор кој бил предвиден за постоечки и сеуште важечки ДУП како простор за градење деловни/станбени објекти и се менува во простор за изградба на јавни институции. Според подносителите  одлуката на Советот на Град Скопје ги доведува во нееднаква положба граѓаните и институциите кои имаат сопственост на недвижности на територијата на Општина Аеродром, да не можат да ја реализираат намената и правото загарантирано со важечкиот ДУП. 

  1. Реферат У.бр.38/2023

Оспорен: Одлука за условите и начинот на давање под закуп на недвижен имот во сопственост на Град Скопје

Подносител на иницијативата: Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје

Од наводите: 

Се наведува дека Одлуката е во спротивност со член 8, 51 и член 117 од Уставот, односно владеењето на правото, правна заштита на сопственоста и локалната самоуправа. Исто така е наведено дека Одлуката е во спротивност со Законот за користење и располагање со ствари во државна сопственост и ствари во општинска сопственост, како и со Законот за локалната самоуправа. Според подносителката спорно е што просторот во сопственост на Град Скопје се дава под закуп по предлог на директорот и со одлука на установата, а бидејќи станува збор за недвижен имот сопственост на Град Скопје, одлука треба да донесе само сопственикот, односно советот на Градот Скопје, се наведува во инцијативата. Подносителката оспорува и член кој предвидува средствата по основ на закупнина да се уплатуваат на сметка на установата, бидејќи наведува дека тие средства остварени од закупот на стварите во општинска сопственост се приход на буџетот на Град Скопје, а не на установите и поради тоа е наведено дека овој член од Одлуката е во директна спротивност со член 7 од Законот за локална самоуправа. 

  1. Реферат У.бр.99/2023

Оспорен акт:  Правилникот за формата и содржината на лиценцата за изработка на рударски проекти за површинска и подземна експлоатација, преработка на минерални суровини и други рударски проекти од областа на рударството.

Доносител на актот: Министерство за економија

Подносител на иницијативата: Кренар Лога

Се оспорува рокот на објавувањето на актот во Службен весник, како спротивен на Уставот. Подносителот наведува дека оспорениот акт е неуставен бидејќи со него е повреден членот 52 од Уставот,  кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување”.

  1. Реферат У.бр.105/2023

Оспорен акт: Правилникот за формата и содржината на Барањето за остварување на ослободувањето од данок на додадена вредност, увозни давачки и акциза на енергенти и данок на мотрони возила за патнички автомобили и потребната документација која треба да се достави кон барањето

Доносител на актот: Влада на Република Северна Македонија

Подносител на иницијативата: Кренар Лога

Се оспорува рокот на објавувањето на актот во Службен весник, како спротивен на Уставот. Подносителот наведува дека оспорениот акт е неуставен бидејќи со него е повреден членот 52 од Уставот,  кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување”.