У.бр.165/2000 и У.бр.204/2000

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 81 став 2 и член 82 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (” Службен весник на РМ” бр. 38/93, 48/93, 21/98, 25/99, 39/99, 81/99 и 49/00).

2. Месната заедница “Алексо Демниев” од Велес претставувана од Роберт Минов, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека во случајот на АД “Порцеланка”, надлежните органи прашањето на долгот кон доверителите-работници од страна на АД “Порцеланка” го решаваат со примена на членот 81 став 2 од Законот со кој се активира принудната конверзија на долгот во траен влог без притоа подготвувачот на Законот да се впушти во одредување и утврдување на карактерот на побарувања и карактерот на доверители и да предвиди побарување на нивна согласност уважувајќи ја појдовната нивна интересна позиција како работници – доверители, односно нивниот статус на вработени што било во согласност со Законот за работните односи и Општиот колективен договор кои биле во согласност со Уставот.

На граѓанинот му било наложено да купи акции без притоа да се обезбеди согласност од него дали воопшто сака да купи и каде би купил акции. Од наведеното произлегува логична потреба за корекции на Уставот или пак на Законот со што би се одбегнале контрадикциите меѓу Уставот и законот од една страна и меѓу законите од друга стр ана. Понатаму се наведува дека другиот карактер на побарување е по основ на капиталот кој произлегува од бизнис релации и зделки а од страна на доверители – бизнисмени кои го прифатиле ризикот во бизнисот и стопанисувањето тргнувајѓи притоа од сосема спротивни економско – социолошки интересни позиции од доверителот – работник.

Сето ова наведено, водело кон недвосмислен заклу чок за озаконување на стопанскиот организиран криминал. На крајот се наведува дека одборот на Месната заедница го очекува уваженото мислење и толкување од Судот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби од Законот се во глава VI – трансформација на претпријатие во стечај.

Според член 81 управниот одбор најдоцна во рок од 60 дена донесува програма за финансиска и сопственичка трансформација, во која се опфатени и мерките, дејствијата и активностите за долгорочна консолидација на претпријати јата, а особено: преземањето на долговите од страна на доверителите; отпишувањето на долговите или одлагањето на плаќањата по пат на доброволно или принудно порамнување; конверзија на долгот во траен влог; гаранцијата и емството на доверителите; и утврдувањето на структурата на капиталот и именувањето на сопственици на капиталот во идното друштво.

Со програмата за финасиска и сопствени чка трансформација може да се предвиди и принудна конверзија на долгот во траен долг.

На програмата за финансиска и сопственичка трансформација согласност дава Агенцијата, ако во постојната структура на капиталот на претпријатието учествува со повеќе од 50%.

Според член 82 по добиената согласност од Агенцијата на рочиштето што го свикува стечајниот совет, доверителите се изјаснуваат и гласаат за програмата на финансиската и сопственичката трансформација.

Се смета дека програмата е прифатена ако за неа гласаат доверителите чии побарувања изнесуваат повеќе од половина на побарувањата на сите доверители кои имаат право на глас.

Доверителите можат да гласаат и по писмен пат со поднесок што го потпишал овластен застапник на доверителот.

Порамнувањето како и другите мерки во програмата за трансформација имаат правно дејство спрема сите доверители.

4. Според член 30 став 1, 2 и 3 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Оспорените одредби од Законот, се дел од постапката за трансформација на претпријатие во стечај (членови 80 – 86). Имено, доверителите кои имаат интерес за одржување на претпијатието во стечај или на некој негов дел поднесуваат предлог до стечајниот совет привремено да ја запре стечајната постапка и претпријатието да продолжи со работа.

Стечајниот совет образува одбор на доверители кои именуваат Управен одбор, како орган на управување со претпријатието. Управниот одбор, пак, најдоцна во рок од 60 дена донесува програма за финансиска и сопственичка трансформација во која се опфатени и мерките, дејствијата и активностите за долгорочна консолидација на претпријатијата. Со оваа програма, меѓудругото, може да се предвиди и принудна конверзија на долгот во траен влог.

Понатаму, доверителите се изјаснуваат и гласаат за програмата на финансиската и сопственичката трансформација. Оваа програма се смета дека е прифатена ако за неа гласаат доверителите чии побарувања изнесуваат повеќе од половина на побарувањата на сите доверители кои имаат право на глас. При тоа, порамнувањето како и другите мерки во програмата за трансформација имаат правно дејство спрема сите доверители.

Од изнесеното произлегува дека: 1) конверзијата на долгот во траен влог мора да биде предвидена во програмата за финансиска и сопствени чка трансформација како една од мерките за долгорочна консолидација на претпријатието и 2) доверителите се изјаснуваат и гласаат за програмата која се смета дека е прифатена ако за неа гласале доверителите чии побарувања изнесуваат повеќе од половината на побарувањата на сите доверители кои имаат право на глас.

И двата оспорени члена од Законот, како и целата глава што се однесува на трансформација на претпријатие во стечај употребуваат воопштен термин “доверители”, без притоа да дефинираат кои субјекти се доверители на стечајната маса.

Поимот стечаен доверител е определен во член 71 од Законот за стечај, според кој стечајните доверители се лични доверители на должникот кои на денот на отворањето на стечајната постапка имаат некое имотно правно побарување од него.

Во членот 185 од овој закон, е регулиран начинот на кој доверителите ги пријавуваат своите побарувања и елементите што треба да ги содржи секое барање.

Врз основа на изнесеното произлегува дека при трансформација на претпријатие во стечај доколку доверителите така одлучат, може да се изврши конверзија на нивниот долг во траен влог. Притоа, оспорениот став 2 на членот 81, како и членот 82 од Законот не предвидуваат конверзија на долгот во траен влог без согласност на доверителите, бидејќи конверзијата на долгот во траен влог се врши во согласност со закон, а врз основа на програма за финансиска и сопственичка трансформација за која се изјаснуваат доверителите и важи за сите доверители.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на членот 81 став 2 и членот 82 од Законот со членот 30 од Уставот.

Статусот, односно правата на работниците во претпријатието во кое е отворена стечајна постапка се определени во повеќе одредби од Законот за стечај како на пример членовите 122, 131, 132, 133, 135, ……..

Паричните побарувања на работниците во претпријатието по основ на неисплатени плати, произлегуваат од работен однос така што, доколку работниците сметаат дека оспорените одредби од Законот не се однесуваат на нив, своите права можат да ги остваруваат во постапка пред надлежен суд, бидеји Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го д онесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.165/2000
У.бр.204/2000
18 јули 2001 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов