У.бр.140/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 4 декември 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Законот за ратификација на Билатералниот договор меѓу Република Македонија и Република Грција за изградба и управување со нафтовод (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/99).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Макпетрол-Акционерско друштво за промет со нафтени деривати-Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за ратификација на Билатералниот договор меѓу Република Македонија и Република Грција за изградба и управување со нафтоводот, е склучен во јули 1999 година.

Во ставот 5 на уводниот дел на Билаатералниот договор се констатира дека Компанијата Е.Л.П.Е.Т. С.А. и компаниите со кои таа е асоцирана, претходно во мај 1999 година склучиле Договор за купопродажба на акции и концесија (Инвестициски договор).

Според точката 1 на членот 2 од Билатералниот договор секоја од договорните страни се обврзува кон другата страна да постапува во согласност со предвиденото во Инвестицискиот договор, кој е тука вграден преку референца.

Според точката 2 под а) на членот 2 од Билатералниот договор, секоја од договорните страни презема обврска да обезбеди за сите инвестции на стратешкиот инвеститор, во согласност со Инвестицискиот договор, фер и праведлив третман, постојана заштита и безбедност и да ги сочува од било какви или дискриминаторски мерки кои може да се однесуваат на управувањето, користењето, отуѓувањето или репатријацијата.

– Точката 2 под в) од членот 2 од Билатералниот договор предвидува целосно извршување на сите зафати определени со Инвестицискиот договор.

– Точката 2 под г) од членот 2 од Билатералниот договор предвидува воздржување од одложување, поништување или на кој и да е начин раскинување или неисполнување или нецелосно почитување на која и да било одредба од Инвестицискиот договор.

Под императивот “да се воздржи” се опфатени какви и да било пречки кои можат да произлезат од промени во применливите законски одредби или од нивното толкување или примена, и, ако има такви пречки да се преземат секакви потребни активности за да се отстранат ваквите пречки и да се обнови промптно се од претходното, со целосна сила и ефект, како што се бара во Инвестицискиот договор, освен ако не се бара поинаку заради исполнување на меѓународни обврски кои постојат во моментот на потпишувањето на Договорот.

Имајќи ја предвид содржината на Билатералниот договор, Судот оцени дека истиот е во корелативен однос со Инвестицискиот договор, во смисла што секоја одредба од првоспоменатиот договор условува и обезбедува извршување на Инвестицискиот договор кој, е вграден во Билатералниот договор преку референца.

Од тие причини за Судот е неспорно дека оспорениот договор за купување акции и концесија, односно Инвестицискиот договор е составен дел на Законот за ратификација на Билатералниот договор за изградба и управување со нафтовод и како таков требал да биде објавен во “Службен весник на РМ”.

Фактот што овој Инвестициски договор е склучен пред склучувањето на Билатералниот договор, според Судот е ирелевантен затоа што од содржината на Билатералниот договор се гледа дека истиот е донесен исклучиво во функција на обезбедување на исполнување на Инвестицискиот договор.

5. Понатаму, Судот на седницата утврди дека членот 5 од Инвестицискиот договор утврдува право на ексклузивитет на “Окта” во поглед на снабдувањето на нафтени деривати, во смисла што Рафинеријата ќе треба да биде способна да ги задоволи барањата на Енергетскиот биланс, а од денот на потписот и предавањето на овој договор до петтата годишнина од датумот на стекнувањето, продавачот во својство на државна власт нема да преземе или да дозволи да бидат преземени било какви дејствија или мерки кои се неконзистентни со одредбите на овој договор.

Со тоа продавачот се обврзува за период од 20 години од датумот на стекнувањето, Стратешкиот инвеститор да има ексклузивно право на соработка во рамките на територијата со државата, непосредно преку компанијата, сопственикот на нафтоводот или други поврзани ентитети, во поглед на рафинирањето на сурова нафта и снабдувањето на територијата преку нафтовод со сурова нафта.

Членот 8 од истиот договор содржи гаранција дека царините на увоз на Компанијата на сурова нафта нема да надминат еден процент (1%) од вредноста на таквиот увоз, додека царините на увоз на деривати на било кое друго лице нема да биде помала од дваесет проценти (20%) од вредноста на таквиот увоз.

Притоа, овој член од договорот содржи и заштитна клаузула во смисла што доколку пропишувањето на вакви царини не е можно поради меѓународни обврски на Државата или од уставноправни причини, Државата ќе пропише такви други дополнителни обврски врз тие други увозници за да обезбеди еквивалентна економска заштита во полза на Компанијата.

Исто така, Судот утврди дека согласно членот 18.1 од Инвестицискиот договор кој спаѓа во главата: “Увоз на суровини, опрема и слично” продавачот гарантира дека, независно од секоја спротивна релевантна правна регулатива, без оглед дали е во сила во моментот или ќе биде донесена подоцна, до третата (3та) годишнина од денот на стекнување на Компанијата и на Сопственикот на нафтоводот ќе им биде дозволено да увезуваат суровини од секаков вид и квалитет во зависност од проценката и дискрецијата на менаџерскиот тим, помошен материјал, потребна опрема, резервни делови и сл. во врска со работењето, одржувањето и поправката на фабриките, постројките, увезената и домашната опрема сл. на Компанијата и Сопственикот на нафтоводот од секој добавувач, странски или домашен, единствено врз основа на сопствена проценка и дискреција на тие правни лица /се мисли на Компанијата и Нафтоводот/, без обврска да следи било која домашна процедура, вклучувајќи, но не ограничено на, јавни тендери исл. Компанијата и Сопственикот на нафтоводот слободно ќе ги увезуваат споменатите стоки и материјали ослободени од царина, други давачки, односно друга додадена вредност.

Според член 22 од Договорот кој спаѓа во главата: Обврските на продавачот во однос на Нафтоводот, без да се прејудицира општоста на претходните одредби во поглед на нивната примена врз Сопственикот на нафтоводот, Продавачот се согласува дека, во поглед на Нафтоводот и Сопственикот на нафтоводот, тој, во својство на државна власт:

(а) ќе обезбеди Сопственикот на нафтоводот да биде потполно и ефективно опфатен со правните прописи за заштита на странски инвестиции и да обезбеди на истиот и неговите материјални добра да им се даде потполна и ефективна заштита од експропријација, национализација или поопштествување;
(б) ќе гарантира дека нема да има промени во постојните правни прописи или донесување на нови закони со неповолни последици врз правниот статус на Сопственикот на нафтоводот или неговите материјални добра;
(ц) ќе обезбеди дека, до третата (3) годишина од денот на Стекнувањето, Сопственикот на нафтоводот и/или компаниите поврзани со него се ослободени од царини, други давачки, односно друга додадена вредност, за материјали, опрема и слично, увезени или од домашно производство и/или купени во текот на изградбата или експлоатацијата на Нафтоводот. Истите ослободувања важат за секое трето лице ангажирано, непосредно или посредно од страна на Сопственикот на нафтоводот за изградба или експлоатација на Нафтоводот за време на таквиот ангажман и периодот на одговорност на тој изведувач на работите или подизведувач (според околностите на случајот) за дефекти;
(д) ќе обезбеди Сопственикот на нафтоводот и/или компаниите поврзани со него да бидат целосно ослободени од данок на целиот и секој приход остварен на Територијата или кој на друг начин нормално би подлежел на данок на Државата за период од пет (5) години. Истите ослободувања ќе важат и за трети лица ангажирани, посредно или непосредно од страна на Сопственикот на нафтоводот за изградбата или експлоатацијата на Нафтоводот за време на таквиот ангажман и периодот на одговорност на изведувачите или подизведувачите (како што може да е случај) за недостаток во мерка во која приходот на тие изведувачи или подизведувачи е од изградбата или експлотацијата на Нафтоводот и
(е) ќе пружи разумна помош на Сопственикот на нафтоводот за продолжување на нафтоводот во соседните земји. Во таков случај, транзитните количества ќе подлежат на општо пропишаните транзитни такси.

Во поглед на условите предвидени со правните прописи кои ја регулираат изградбата и работењето на Нафтоводот (член 22.2.), Продавачот, во својство на државна власт гарантира и се обврзува дека:
(а) одредбите на член 27 од (Уредба од 24.05.1985) нема да се применуваат и дека Сопственикот на нафтоводот ќе треба да се придржува кон условите предвидени со овој член;
(б) рутата на нафтоводот поминува низ областа прикажана во Анексот Ф, што подлежи на девијации кои Сопственикот на нафтоводот може разумно да ги побара во интерес на безбедноста и сигурноста на инсталацијата;
(ц) продавачот, во својство на државна власт, ќе ги прибави, во корист на Сопственикот на нафтоводот, сите права на премин или слични права за кои ќе се јави потреба, заради соодветна и ефикасна изградба и користење на нафтоводот низ рутата утврдена во Анекс Ф (или низ таквата девијација од таа рута за која ќе се постигне договор во согласност со ст. б на овој член), без надомест или некоја друга обврска за Сопственикот на нафтоводот, под услов дека кога Продавачот треба да плати компензација на приватно лице во врска со прибавувањето на правата антиципирани во оваа одредба (изречно е исклучена компензација за експропријации кои се завршени или во поглед на кои е започната управна или судска постапка до датумот утврден овде), ќе се смета за придонес од страна на продавачот кон акционерскиот капитал на Сопственикот на нафтоводот;
(д) Продавачот, во својство на државна власт, ќе ги обезбеди во корист на Сопственикот на нафтоводот сите права на користење на земјиште или слични права кои се потребни за изградба и работење на постројки (како што се пумпни станици) за правилна и ефикасна работа на Нафтоводот низ рутата утврдена во Анекс Ф (или низ девијациите од таа рута за кои ќе се постигне согласност според одредбите на ст. б од овој член), без надомест или некоја друга обврска на страната на Сопственикот на нафтоводот, под услов, во случај кога Продавачот треба да плати компензација на приватно лице во врска со прибавувањето на правата антиципирани во оваа одредба (изрично се исклучени компензациите за експропријации кои веќе се завршени или во поглед на кои започнала управна или судска постапка до датумот утврден овде), ќе се смета за придонес на Продавачот кон акционерскиот капитал на Сопственикот на нафтоводот;
(е) Продавачот, во својство на државна власт, ќе ги прибави во корист на Сопственикот на нафтоводот сите права на користење или слични права во врска со преминот преку реки, премини над или под мостови, преку или под железнички шини или патишта итн. според потребите, со цел правилно и ефикасно да се изгради и искористува Нафтоводот низ рутата утврдена во Анекс Ф (или низ таквите девијации од таа рута кои ќе бидат договорени во согласност со ст. б на овој член, без надомест или некоја друга обврска на страната на Сопственикот на нафтоводот; под услов, во случај кога Продавачот е должен да плати компензација на приватно лице во врска со стекнувањето на правата антиципирани со оваа одредба (изрично се исклучува компензација за експропријации кои веќе се извршени или во однос на кои е иницирана управна или судска постапка до датумот утврден во овој Договор) ќе се смета за удел на Продавачот во Сопственикот на нафтоводот;
(ф) без да се ограничува општиот карактер на претходниот став од овој член, Сопственикот на нафтоводот е овластен за поставување на Нафтоводот на столбовите под површината на мостот, во согласност со меѓународните прописи и откако соодветно ќе се разгледа структурната издржливост на мостот во секој поединечен случај;
(г) Продавачот, во својство на државна власт, ќе ги обезбеди, во корист на Сопственикот на нафтоводот сите права на ископување, екстракција на почва, песок, изградба на пристапни патишта, депонирање на земјени и други материјали, според потребите на правилна и ефикасна изградба и сервисирање на Нафтоводот, под услов, во случај кога продавачот е должен да плати компензација на приватно лице во врска со прибавување на правата антиципирани во оваа одредба (изрично се исклучени компензациите за експропријации кои веќе се завршени или во однос на кои е покрената управна или судска постапка до денот утврден со Договорот), ќе се смета за придонес на Продавачот во акционерскиот капитал на Сопственикот на нафтоводот.

Согласно член 23 од Договорот кој спаѓа во главата: Државени резерви Увоз од страна на Компанијата, Продавачот, во својство на власт, се обврзува и гарантира дека во случај домашното законодавство да предвидува постоење на Државни резерви, Компанијата има право и обврска да ги чува и да управува со тие резерви во име на Државата, а сите трошоци во врска со тоа ќе и бидат наплатени од Државата.

Во членот 24 од Договорот кој спаѓа во главата: Инвестиција на стратешкиот инвеститор, истиот се обврзува дека ќе ја оствари инвестицијата во поглед на Рафинеријата и Нафтоводот, на начин опишан во Анекс А, во текот на период од три (3) години од денот на Стекнувањето. Изречно е договорено дека Стратешкиот инвеститор може, инвестицијата да ја изврши преку парично или непарично вложување во капиталот на Компанијата (вклучувајќи но не исклучиво опрема, материјални и нематеријални права од интелектуална сопственост инт.).

Обврските на Стратешкиот инвеститор врз основа на овој договор може да бидат исполнети во однос на било кој дел од нив со обезбедување на финансирањето на Компанијата и/или Сопственикот на Нафтоводот, и од други расположиви извори, вклучувајќи и грантови од Европската унија или други облици на поддршка, банкарски заеми, кредити или гаранции и заеми, кредити или гаранции од други извори.

6. Имајќи ги предвид уставните одредби, односно одредбата од членот 108 која е генерална определба за надлежноста на Судот и членот 110 според кој Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и кој е всушност операционализација на претходната одредба, Судот оцени дека Уставот му дава можност да ја испитува и формалната и материјалната страна на Законот за ратификација на Билатералниот договор, склучен меѓу Република Македонија и Република Грција за изградба и управување со нафтоводот.

Меѓународните договори, со актот на ратификација, стануваат дел од правниот поредок на Република Македонија и како такви, имаат статус над законите, но мораат да бидат во согласност со Уставот на Република македонија. Имајќи предвид дека Договорот за купување на акции и концесија односно Инвестицискиот договор, преку референца е вграден во Билатералниот догоров, тој всушност претставува негов составен дел и како таков треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија.

Од содржината, пак на Договорот, Судот оцени дека е составен од контрактуелен и легислативен дел, кој содржи погодности за стратешкиот инвеститор.

Имено, со неговиот контрактуелен дел, Владата се јавува во својство на продавач, додека во легислативниот дел, таа има улога на државна власт, и како таква утврдува партикуларен режим за стратешкиот инвеститор, различен од оној предвиден во Република Македонија.

Така, во членот 5 од Инвестицискиот договор се утврдува право на ексклузивитет на “Окта” во поглед на снабдувањето со нафтени деривати во смисла што на стратешкиот инвеститор му се обезбедува екслузивно право на соработка во рамките на територијата со Државата, непосредно преку компанијата, Сопственикот на нафтоводот или други поврзани ентитети, во поглед на рафинирањето на сурова нафта и снабдувањето на територијата преку нафтовод со истата.

Членот 8 од Инвестицискиот договор, исто така, содржи гаранција дека царините што се пропишани и се применуваат на увозот на Компанијата на сурова нафта нема да надминат процент од 1% од вредноста на таквиот увоз,со тоа што доколку царините на увозот на одделни деривати не можат да бидат помали од дваесет проценти (20%) од вредноста на таквиот увоз, државата се обврзува да пропише такви и други даноци или дополнителни обврски врз тие други увозници, со што се обезбедува еквивалентна економска заштита во полза на Компанијата.

Во однос на увозот на суровини, опрема и сл. членот 18 од Договорот содржи гаранција, без обврска да следи било која домашна процедура, компанија и Сопственикот на нафтоводот слободно да ги увезуваат споменатите стоки и материјали ослободени од царина, други давачки, односно друга додадена вредност.

Обврските на продавачот во поглед на нафтоводот се регулирани во членот 22 од Договорот, во смисла што на стратешкиот инвеститор му се гарантира: заштита н+од примената на евентуално новата правна регуилатива што би имала неповолни последици врз него и неговите материјални добра; целосно ослободување од данок на целиот и секој приход остварен на Територијата за период од пет години и сл.

Со членот 23 од Договорот, подавачот гарантира дека Компанијата има право и обврска, во случај на постоење на државни резерви, истите да ги чува и управува со нив во име на Државата, со тоа што сите трошоци во врска со тоа ќе бидат наплатени од државата.

Членот 24 од Договорот го регулира прашањето во врска со обврската на стратешкиот инвеститор да ја оствари инвестицијата во поглед на Рафинеријата и Нафтоводот на начин како што се договориле претходно.

Како што се гледа од изнесеното, Договорот содржи множество привилегии и повластици за стратешкиот инвеститор во однос на другите правни субјекти во државата.

Согласно член 55 став 2 од Уставот Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Имајќи ги предвид одредбите од членовите 5, 8, 18, 22, 23 и 24 од Договорот, кои како што веќе утврди Судот, содржат множество привилегии и повластици, за стратешкиот инвеститор и, кои што, со ратификувањето на договорот беа озаконети, Судот оцени дека всушност се повредува уставното начело на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот и се воспоставува партикуларен режим во поглед на стратешкиот инвеститор.

Во тој контекст, Судот ја имаше предвид и одредбата од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот според која една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеење на правото, па оцени дека со Договорот е повредено и ова уставно начело.

Исто така, Судот ја имаше предвид и одредбата од членот 33 од Уставот според која секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, па со оглед на тоа што во конкретниов случај, на стратешкиот инвеститор му се признава право на ослободување од плаќање данок и други јавни давачки, односно се дезавуираат овие уставни одреди, оцени дека Законот за ратификација чиј составен дел е овој договор, е несогласен со Уставот на Република Македонија.

Имајќи ја предвид одредбата од членот 52 од Уставот според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а со оглед на тоа дека Инвестициониот договор, како составен дел на Законот за ратификација не е објавен, Судот оцени дека со тоа е прекршена и оваа уставна обврска, односно дека е повреден наведениот член од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лзова, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.140/2001
4 декември 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов