У.бр.47/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.47/2024
Скопје, 02.05.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 2 мај 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 26 алинеја 5 и глава VIII точка 9 „Автентично толкување на општ акт“ и членовите 107, 108, 109 и 110 од Деловникот на Советот на Општина Дебар бр. 07-312/3 од 8.08.2005 година („Службен гласник на Општина Дебар” број 4 од 11.08.2005).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на член 26 алинеја 5 и глава VIII точка 9 „Автентично толкување на општ акт“ и членовите 107, 108, 109 и 110 од Деловникот на Советот на Општина Дебар бр. 07-312/3 од 8.08.2005 година.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд, согласно член 14 став 1 од Деловникот на Судот, по сопствена иницијатива оформи предмет за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот, означен во точката 1 од ова решение.

II

На седницата Судот утврди дека според член 26 алинеја 5 од Деловникот на Советот на Општина Дебар член на Советот има право на седницата на Советот да поднесе барање за автентично толкување на актите што ги носи Советот. Исто така, Судот утврди дека во глава VIII точка 9 од Деловникот насловена како „Автентично толкување на општ акт“ се содржани членовите 107, 108, 109 и 110. Членот 107 уредува дека барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на општината и државните органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење. Во член 108 се пропишува дека барањето за давање на автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседателот на Советот кој веднаш барањето го доставува до Комисија за Статут и прописи. Со член 109 се уредува дека Комисијата за Статут и прописи по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од општинската администрација. Според член 110 од истиот деловник, ако Комисијата за Статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување, не е оправдано, Комисијата за Статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според уставната одредба пропишана во член 68 став 1 алинеја 2, Собранието на Република Северна Македонија, има уставно овластување да донесува закони и да дава автентично толкување на законите.

Член 110 алинеја 2 од Уставот, пропишува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 14 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис и друг општ акт.

Уставниот суд, согласно член 27 став 1 од Деловникот, може во текот на постапката, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби произлегува дека законите се носат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и закон, дека само Собранието има уставно овластување за донесување закони и нивно автентично толкување, а сето тоа во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.

Од содржината на оспорениот акт, произлегува дека Советот на Општина Дебар, врз основа на член 27 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Дебар („Службен гласник на Општина Дебар” број 14/03) на седницата одржана на 08.08.2005 година, донел Деловник на Советот на Општина Дебар број 07-312/3 од 08.08.2005 година.

Член 26 од Деловникот пропишува кои права ги имаат членовите на Советот на седниците на Советот. Помеѓу останатите права, во алинеја 5 од истиот член е содржано оспореното автентично толкување, така што предвидува дека член на советот на седниците има право да поднесе барање за автентично толкување на актите што ги носи Советот.

Во глава VIII точка 9 насловена како „Автентично толкување на општ акт“ од истиот деловник, оспорените членови од автентично толкување (со нумерација како членови 107, 108, 109 и 110) уредуваат кој може да поднесе барање за автентично толкување на општ акт, каде се поднесува барањето, до кого се доставува, кој одлучува по барањето, кој изготвува предлог по барањето, кој го усвојува и кој одлучува дали барањето за автентично толкување е оправдано или не е, за што се сочинува извештај.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010,23/2013 и 152/19).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Дебар како орган на локалната власт, донел Деловник на Советот на Општина Дебар во кој се содржани член 26 алинеја 5 и глава VIII точка 9 „Автентично толкување на општ акт“ членовите 107, 108, 109 и 110, во кој е содржано оспореното автентично толкување.

Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002), не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

Согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

При таква фактичка состојба, произлегува основано сомнение дека Советот на Општина Дебар, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел Деловникот на Советот на Општина Дебар, во кој со член 26 алинеја 5 и во глава VIII точка 9 е содржано оспореното автентично толкување.

Во конкретниот случај станува збор за прашање, коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010,23/2013 и 152/19). Со оглед на тоа дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување, не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот.

Од наведените причини, Судот цени дека пропишаниот член 26 алинеја 5 и глава VIII точка 9 во која се содржани членовите 107, 108, 109 и 110 од Деловникот можат да се стават под сомнение по однос на нивната согласност со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

Врз основа на горенаведената уставно судска-анализа, Судот цени дека се исполнети и условите од член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за донесување решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, поради можно настанување на тешко отстранливи и ненадоместливи последици за граѓаните, односно дејствија преземени врз основа на оспореното автентично толкување.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

V

Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска