У.бр.211/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 мај 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, бр.09-1422/1 од 15 јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.159/2020), донесено од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија.

2. Здружението „Светски Македонски конгрес“ до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорениот акт од точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспореното решение не било во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со: член 8 став 1 алинеја 3, кој се однесува на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката; потоа, член 51 став 1, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон; и со член 63 став 3, според кој избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштање на Собранието. Оспореното решение, исто така не било во согласност и со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020) и Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020), донесени од претседателот на Република Северна Македонија, а со кои вонредната состојба во Републиката започнала од 18 март 2020 година. Понатаму во иницијативата се наведува дека истото е во спротивност со член 67 став 4, членот 125 и членот 126 од Уставот.

Според наводите во иницијативата оспореното решение е во спротивност со членовите 6, 7, 8-а, 12, 15, 16, 31 став 2 точките 31, 41, 49, 49-а, 50, 50-а, 50-б, 51, 52, 53, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик Во иницијативата се наведува дека Уставниот суд, покрај оспореното решение за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието, од 16 февруари 2020 година и наведените одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба, започната од 18 март 2020 година, требало да ја има предвид и Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија од 16 февруари 2020 година донесена од претседателот на Собранието.

Имено, во контекст на актите кои се наведени, во иницијативата се укажува дека и покрај тоа што со оспореното решение се распишале предвремените избори кои требало да се одржат на 15 јули 2020 година и Државната изборна комисија, следователно на тоа, ги започнала со закон предвидените изборни активности, настанала состојба кога изборниот процес бил оптеретен со прогласување на вонредна состојба на територијата на Републиката, заради спречување на внесување и ширење на болеста и справување со коронавирусот КОВИД – 19 на територијата на Републиката како дел од настанатата пандемија прогласена од Светската здравствена организација.

Со оглед на тоа што претседателот на Републиката, со наведените одлуки утврдил постоење на вонредна состојба која започнала на 18 март 2020 година, во иницијативата се наведува дека станало невозможно спроведување на оспореното решение од 16 февруари 2020 година за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на 15 јули 2020 година, кое било донесено од претседателот на Собранието и кое се уште било во сила иако се одржале предвремените избори на 15 јули 2020 година, а со тоа оспореното решение било неспроведливо и како такво во конкретниот случај неуставно.

Од овие причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспореното решение и да донесе времена мерка со која до конечното одлучување ќе го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на решението.

3. Судот на седница утврди дека врз снова на член 67 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија и член 12 став 1 и член 15 ставови 1 и 2 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019 и 42/2020), a во врска со членот 5 од Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/2020 и 154/2020), претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, на 15 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА РЕШЕНИЕТО ЗА РАСПИШУВАЊЕ НА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ЗА ПРАТЕНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

I Во Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 43/20), точката II се менува и гласи:

„Изборите ќе се одржат на 15 јули 2020 година.“.

II Во точката III се додаваат два нови става 2 и 3 кои гласат:

„Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик и Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 43/20), до денот на стапување во сила на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/20 и 154/20), се сметаат за важечки. Роковите за преземање на останатите изборни дејствија продолжуваат да течат од денот на престанок на вонредната состојба.“.

III Ова решение влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.09-2094/1                                                                                                                                                                    Претседател на Собранието
15 јуни 2020 година                                                                                                                                                   на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                     М-р Талат Џафери

Ова решение било објавено на 15 јуни 2020 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 159/2020.

Врз основа на член 67 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија и член 12 став 1 и член 15 ставови 1 и 2 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019 и 42/2020), претседателот на Собранието на Република Северна Македонија на 16 февруари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е
за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија

I. Се распишуваат предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

II. Изборите ќе се одржат на 12 април 2020 година.

III. Роковите за извршување на изборните дејствија почнуваат да течат од денот на објавувањето на Решението во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

IV. Решението ќе го спроведат Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, избирачките одбори и избирачките одбори за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, односно конзуларните канцеларии.

V. Ова решение влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.09-1422/1                                                                                                                                                                                          Претседател
16 февруари 2020 година                                                                                                                                          на Собранието на Република Северна Македонија
С к о п ј е                                                                                                                                                                                            М-р Талат Џафери

Ова решение било објавено на 16 февруари 2020 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 43/2020.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи предвид дека Уставниот суд во досегашната уставно судска практика (Решенија на Уставниот суд на Република Македонија бр.156/1994, У.бр.169/1994, У.бр.86/2006, У.бр.157/2016 и У.бр.168/2020) оценил дека решенијата за распишување на избори немаат карактер на пропис, односно акт подобен за уставно-судска оцена, пред Судот и во конкретниот случај за оспореното решение од тој аспект се ценеше надлежноста за оценка на неговата уставност.

Од образложението на Решението У.бр.168/2020: „Имено, поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјектите во правото.

Оспореното решение не содржи општи норми на однесување, односно не уредува односи на општ начин. Според неговата форма и доносител спаѓа во групата на правни акти што имаат поединечен карактер, односно со кои се одлучува за поединечни правни ситуации во кои примената на некој општ пропис се исцрпува еднократно.

Оспореното решение според содржината не уредува правни односи на општ начин.

Со оспореното решение не се вршат никакви измени и дополнувања на системот на општи норми кои се однесуваат на изборите, затоа што со него не се утврдуваат ниту условите за избор на пратеници во Собранието, ниту постапката за избор, ниту пак, на општ начин се утврдуваат времето, односно роковите за спроведување на изборите, а неговата функција треба да се исцрпува единствено во тоа тие општи норми што се однесуваат на роковите за изборите да ги примени на еден конкретен случај на избор на пратеници за Собрание на Република Северна Македонија, кој ќе се исцрпи со спроведувањето на изборните дејствија.

Имајќи ги предвид наведените причини, Судот оцени дека оспореното решение не претставува општ правен акт, односно пропис во смисла на член 110 од Уставот, по кој би постапувал Уставниот суд, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

Воедно, Судот оцени дека оспореното решение има темпорален карактер поради датумот со кој е определено дека изборите ќе се одржат на 15 јули 2020 година, меѓутоа тој датум е изминат и избори на тој датум се одржани, поради што од аспект на конкретниот датум решението во тој дел веќе нема правна сила.

Во врска со предлогот во иницијативата за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспореното решение, имајќи го предвид исходот на наведената анализа, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување на времена мерка.

И во конкретниот случај Судот решението го ценеше од аспектот на надлежност и утврди дека согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.211/2020
05.05.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Сали Мурати