У.бр.17/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.17/2024
Скопје,03.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, членовите 70 и 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 03.07.2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 19 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Крушево, број 07-104/4 од 31.01.2008 година („Службен гласник на Општина Крушево” број 1/2008).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 19 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Крушево, број 07-104/4 од 31.01.2008 година („Службен гласник на Општина Крушево” број 1/2008).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива со Решението У.бр.17/2024 од 27 март 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Крушево, врз основа на член 21 точка 2 од Статутот на Општина Крушево („Службен гласник на Општина Крушево” број 1/07), на седница одржана на 31.01.2008 година, донел Деловник на Советот на Општина Крушево.

Деловникот содржи 18 глави. Во глава 3, точка 3 насловена како „Покренување иницијативи и поднесување предлози“ во член 19 алинеја 3 се пропишува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според уставната одредба пропишана во член 68 став 1 алинеја 2, Собранието на Република Северна Македонија, има уставно овластување да донесува закони и да дава автентично толкување на законите.

Член 110 алинеја 2 од Уставот, пропишува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби произлегува дека законите се донесуваат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и закон, дека само Собранието има уставно овластување за донесување закони и нивно автентично толкување, а сето тоа во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.
Од содржината на оспорениот акт, произлегува дека Советот на Општина Крушево, врз основа на член 21 точка 2 од Статутот на Општина Крушево („Службен гласник на Општина Крушево” број 1/07), на седница одржана на 31.01.2008 година, донел Деловник на Советот на Општина Крушево.

Оспорениот член 19 од Деловникот го пропишува правото на членот на Советот на седниците. Помеѓу останатите права, во член 19 алинеја 3 од истиот член е содржано правото за автентично толкување, така што предвидува дека членот на советот на седниците има право да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.152/19 и 248/23). Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Крушево како орган на локалната власт, донел Деловник на Советот на Општина Крушево во кој во член 19 алинеја 3 е содржано правото за автентично толкување на прописи.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

Согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

При таква фактичка состојба, недвосмислено произлегува дека Советот на Општина Крушево, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел Деловникот на Советот на Општина Крушево, во кој во член 19 алинеја 3 е содржано правото за автентично толкување.

Во конкретниот случај станува збор за прашање, коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.152/19 и 248/23). Со оглед на тоа дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување, не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот.

Од наведените причини, Судот цени дека пропишаниот член 19 алинеја 3 од Деловникот, е незаконит, а со тоа и спротивен на темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски