У.бр.59/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јануари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 244 ставови 3 и 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018 и 83/2018).

2. Здружението на основачи на автошколи и инструктори НАЦИОНАЛЕН ЕВРОПСКИ ВОЗАЧ од Скопје (кон иницијативата, со целосна поддршка, се приклучени 31 автошкола), до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член 244 став 3 од Законот, противуставно се вршела забрана – ограничување на граѓаните за вршење на работа и слободен избор на вработување и не им било достапно секое работно место, како што тоа било предвидено со член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, според кои секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Понатаму, се цитираат членот 9 и член 54 ставови 1 и 3 од Уставот и се наведува дека од наведените уставни одредби произлегувало дека правото на еднаквост се предвидува како темелна вредност за остварување на сите граѓански слободи и права и по својата суштина ги негира дискриминацијата, привилегиите и повластувањата по основ на социјалното потекло и општествената положба.

Меѓутоа, лицата наведени во оспорената законска одредба биле дискриминирани во однос на сите други вработени граѓани во Република Македонија, затоа што не смееле да ги извршуваат своите работни задачи во испитниот центар, само затоа што се наоѓале во роднински врски со своите најблиски, иако немале никакви грешки или пропусти во работата.

Исто така, требало да се има предвид и фактот дека основачот, сопственикот, одговорното лице, раководителот, контролорот, претседателот и членовите на комисијата за полагање на возачкиот испит, нивните сопружници и членовите на нивните семејства по права линија до прв степен, биле основачи и вработени во испитниот центар и во автошколата, пред влегувањето во сила на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од 2015 година, што значело дека овие лица – граѓани веќе биле стекнати со тие уставни и законски права.

Според подносителот на иницијативата, при изготвувањето на Законот од 2015 година, одредени моќници блиски до тогашната власт го вметнале член 244 став 3 во Законот, бидејќи имале аспирации за испитни центри после 2015 година, поточно 2018 година кога им истекнувала лиценцата на претходните испитни центри, да можат со нивните компании да ја елиминираат конкуренцијата која произлегувала од автошколите и нивните кадри што се дефицитарни на пазарот на трудот во однос на исполнување на сите посебни услови за засновање работен однос во испитен центар.

Од друга страна основачите, сопствениците на автошколите наназад со децении како семеен бизнис вложувале во кадри низ разни високо образовни институции од технички и други науки во земјата и другите земји од нашето опкружување пошироко на Балканот, како што се Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Грција, за лицата да бидат компетентни и да ги исполнуваат условите потребни за засновање работен однос во испитен центар согласно член 266 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од 2007 година, според кој: „Претседател на испитната комисија од членот 265 став (1) на овој закон може да биде лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос ги исполнува и следниве посебни услови: – да има завршено високо образование (технички факултет – сообраќајна насока, полициска академија, правен или педагошки факултет), – да има дозвола за возач-инструктор, согласно со одредбите на овој закон и – да вршел оспособување или испитување на кандидати за возачи најмалку три години непрекинато.“

И денес, покрај високото образование, задолжително бил потребен работен стаж во оспособување на кандидати за возачи, стаж што треба да се стекне во автошкола. Оттука, нелогично било денес на таквите лица да им биде оневозможено вработување во испитен центар, односно противуставно да се вршела забрана – ограничување на граѓаните за вршење работа, само поради тоа што нивни блиски роднини биле основачи, сопственици или вработени во автошкола.

Во иницијативата се наведува дека за оспорениот член 244 став 3 од Законот од страна на подносителот на иницијативата и други граѓански иницијативи, се укажувало до законодавната и извршната влст, но од нивна страна како да немало сенс и разбирање, не делувале во насока за надминување на проблемите и штетата што произлегувала, односно на најквалитетните и најусовршените кадри од оваа фела во кои со децении се вложувало од страна на приватниот сектор, а кои би дале придонес во зголемувањето на безбедноста во сообраќајот што е од јавен интерес и во корист на сите граѓани во Република Македонија и пошироко, да им се ускратуваат слободите и правата спротивно на членот 54 од Уставот, според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а не и во случаи утврдени со оспорената законска одредба, како во случајов.

Оспорената законска одредба не била во согласност и со член 55 ставови 1 и 2 од Уставот, затоа што на испитниот центар поради оспорената законска одредба не му била обезбедена уставно загарантираната слобода и еднаквата правна положба на пазарот и претприемништвото, како што ја уживале другите правни субјекти во Република Македонија, што не било во ред од уставно-правен аспект.

Оспорениот член 244 став 4 од Законот претставувал нејасна и непрецизна одредба, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Законот за спречување судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2007 и 114/2009), не можел да се однесува на лицата од ставот 3 на членот 244 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, затоа што според член 3 став 2 од Законот за спречување судир на интереси, службено лице, во смисла на овој закон, се претседателот на Република Македонија, пратениците, градоначалниците, амбасадорите и другите именувани лица на Република Македонија во странство; избраните и именувани лица од и во Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија, органите на државната управа и други државни органи, органите на судската власт, јавните претпријатија, установи, други правни лица на централната и локалната власт, државните службеници и вработените во органите на државната управа и други државни органи, органите на судската власт, јавните претпријатија, установи, други правни лица на централната и локалната власт, советниците во советите на општините, советниците во Советот на градот Скопје, како и лица вработени преку агенциите за привремено вработување со овластување утврдени со закон. Тоа значело дека лицата од ставот 3 на членот 244 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, не можеле да се подведат под одредбата на член 3 став 2 од Законот за спречување судир на интереси, како што било предвидено во оспорената законска одредба.

Дека тоа е така, произлегувало и од член 18 став 1 од истиот закон, според кој: „Службеното лице не може да биде член на управен или надзорен орган во трговско друштво, јавните претпријатија, агенции, фондови и сите други организациони облици со доминантен државен капитал, освен каде што е утврдено со закон.“ Тоа значело дека испитните центри не се во доминантен државен капитал, туку тие биле приватен капитал.

При одлучувањето, подносителот на иницијативата предлага да се има во предвид и Одлуката на Уставниот суд, У.бр.6/1993 од 28.04.1993 година, со која е укинат член 26 од Законот за јавното обвинителство, во делот што предвидувал за јавен обвинител и заменик јавен обвинител да не може да биде именувано лице кое на претседател или судија на суд со иста стварна надлежност, како и на адвокат од исто подрачје, му е брачен другар или е во сродство по права линија или во странична линија до втор степен.

Потоа, во иницијативата се укажува на член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според тоа, подносителот наведува дека оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставови 1 и 2, членот 51, член 52 став 4, членот 54 и член 55 ставови 1 и 2 од Уставот и како такви не можеле да постојат во правниот поредок на Република Македонија, поради што се предлага Уставниот суд да ги поништи.

Исто така, се предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука, врз основа на приоритет и итност (член 50 став 1 од Уставот), да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици и штети, особено за работата на испитниот центар и автошколите.

3. Судот на седницата утврди дека според член 244 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, основачот, сопственикот, одговорното лице, раководителот, контролорот, претседателот и членовите на комисијата за полагање на возачкиот испит вработени во испитниот центар не смеат да ги извршуваат своите работни задачи во испитниот центар, доколку тие, нивните сопружници и членовите на нивните семејства по права линија до прв степен, се основачи, сопственици или вработени во автошкола, односно подружница која врши оспособување на кандидати за возачи на подрачјето на кое испитниот центар е овластен да врши работи на организирање и спроведување на возачки испит.

Според ставот 4 на истиот член, лицата од ставот (3) на овој член потпишуваат изјава за непостоење на судир на интереси заверена на нотар која претставува дел од досието во испитниот центар.

4.1. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се уредува безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата, должностите во случај на сообраќајна незгода, кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центари и возачки дозволи, оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца, посебните мерки на безбедност, организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, евиденциите и заштитата на податоците, прекршочните одредби и овластувањата за подзаконски прописи (член 1).

Главата VI од Законот носи наслов: КАНДИДАТИ ЗА ВОЗАЧИ, ВОЗАЧИ, АВТОШКОЛИ, ИСПИТНИ ЦЕНТРИ И ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ.

Уредувањето на автошколите е опфатено со поднасловот 2.Автошколи (членови 229 – 239), кои се однесуваат на основањето и работа на автошколи, видовите лиценци за работа во автошкола, услови за стекнување со лиценца во автошкола, надзор над работа на автошкола и одземање на лиценца.

Според членот 229 од Законот, спроведувањето на оспособување на кандидат за возач го врши правно лице по добивање на лиценцa за автошкола од Министерството за внатрешни работи (став 1). Спроведувањето на оспособување на кандидат за возач може да го врши и подружница на автошкола по издавање на лиценца на автошколата за подружницата од Министерството за внатрешни работи (став 2). Лиценцата од ставовите (1) и (2) на овој член, врз основа на поднесено барање ја издава Министерството за внатрешни работи во рок од 90 дена од денот на приемот на барањето, доколку автошколата односно подружницата ги исполнува условите утврдени во членот 231 од овој закон (став 3). По издавањето на лиценцата од ставот (3) на овој член, автошколата односно подружницата се запишува во Регистарот на автошколи на Министерството за внатрешни работи (став 4).

Согласно членот 231 од Законот, за оспособување на кандидати за возачи, автошколата задолжително треба да ги исполнува следниве услови:
– да има стручен кадар;
– да има опремена просторија (училница) од најмалку 20м2 опремена со соодветен уред (камера со сопствен уред за напојување) кој овозможува видео и аудио запис со можност за архивирање и документирање на снимените податоци кои се чуваат во автошколата 90 дена од денот на издавањето на потврдата за оспособеност на кандидатот за возач,
– да има уреден простор за прием на кандидати за возачи и за работа на стручниот раководител на автошколата;
– да има сообраќаен автодром (полигон) во сопственост на автошколата или под закуп кој ги исполнува пропишаните услови и соодветните сообраќајно-технички елементи;
– да има најмалку две сопствени возила од категорија „Б“, а за останатите категории – по едно сопствено возило или возило под закуп;
– да располага со наставни средства, помагала и информатичка опрема за спроведување на наставната програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел), како и софтверска веб апликација и
– да има акт за организација на работа.

Според член 232 став 1 од Законот, стручен кадар од членот 231 став (1) алинеја 1 од овој закон се лица кои се вработени во автошколата и тоа:
– стручен раководител;
– најмалку еден предавач и
– најмалку двајца возач-инструктори.

Со ставовите 2, 3, 4 и 5 од истиот член се пропишани условите кои треба да ги исполнуваат лицата за да бидат членови на стручниот кадар на автошколата.

Според член 237 став 1 од Законот, надзор над работата на автошколата во однос на исполнувањето на пропишаните услови за работа, начинот на оспособување на кандидатите за возачи и обврската за воспоставување и водење на евиденциите утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, врши Министерството за внатрешни работи. Согласно ставот 3 на истиот член, кога при вршењето на повторен надзор ќе се утврди дека автошколата во определениот рок не ги отстранила утврдените недостатоци или не ја почитува забраната од ставот (2) на овој член, Министерството за внатрешни работи со решение ја одзема лиценцата за автошкола.

Уредувањето на работата на испитните центри е опфатено со поднасловот 3. Испитен центар (членови 240 – 253), кои се однесуваат на основањето и работа на испитен центар, видовите лиценци за работа во испитен центар, услови за стекнување со лиценца во испитен центар, надзор над работа на испитен центар и одземање на лиценца.

Според членот 240 од Законот, работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач, ги врши правно лице по добивање лиценца за испитен центар од Министерството за внатрешни работи, за временски период од пет години (став 1). Лиценцата од ставот (1) на овој член, Министерството за внатрешни работи ја издава доколку правното лице ги исполнува условите од член 244 став (1) од овој закон (став 2). По издавањето на лиценцата од ставот (1) на овој член, Министерството за внатрешни работи го запишува испитниот центар во Регистарот на испитни центри во ова министерство (став 3). Испитниот центар од ставот (1) на овој член, работите на организирање и спроведување на возачкиот испит ги врши согласно со организацијата на соодветните организациски единици на Министерството за внатрешни работи (став 4). Испитниот центар од ставот (1) на овој член, може да организира и спроведува возачки испит за кандидат за возач и во подружница, надвор од местото на неговото седиште, доколку ги исполнува условите од член 244 став (2) од овој закон (став 5).

Според член 244 став 1 од Законот, за вршење на работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач, испитниот центар задолжително треба да ги исполнува следниве услови за работа:
– да има стручен кадар;
– да има организација на работа;
– да има уредени простории опремени со посебен уред (камери) и материјално-технички капацитети;
– да има сообраќаен автодром (полигон) во седиштето и подружниците во сопственост на испитниот центар или под закуп, кој ги исполнува пропишаните услови и сообраќајно-технички елементи;
– да има информатичка опрема за вршење на потребните работи и
– да има возила (сопствени или под закуп) од категориите за кои испитниот центар е овластен да врши испитување на кандидати за возачи согласно со одредбите од овој закон.

Според ставот 2 на истиот член, подружницата на испитниот центар задолжително треба да ги исполнуваат следниве услови за работа:
– да има уредни простории опремени со посебен уред (камери) и материјално-технички капацитети;
– да има сообраќаен автодром (полигон) кој ги исполнува пропишаните услови и сообраќајно-технички елементи и
– да имаат информатичка опрема за вршење на работи.

Согласно членот 245 од Законот, соодветен стручен кадар од членот 244 став (1) алинеја 1 од овој закон, се лица кои се вработени во испитниот центар на неопределено време или определено време со полно работно време, и тоа:
– раководител на испитен центар;
– контролор;
– претседател на испитна комисија;
– испитувач по наставната програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и
– испитувач по наставната програма управување со моторно возило (практичен дел).

Со членот 246 од Законот се пропишани условите кои треба да ги исполнуваат лицата за да бидат членови на стручниот кадар на испитен центар.

Според член 249 став 1 од Законот, Министерството за внатрешни работи на физичко лице за вршење на работи во испитен центар му издава лиценца, и тоа: лиценца за контролор; лиценца за испитувач по наставна програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и лиценца за испитувач по наставна програма управување со возило (практичен дел). Согласно член 250 став 1 од истиот закон, лиценците од членот 495 се со важност од пет години.

Според член 252 став 1 од Законот, надзор над работата на испитен центар, во однос на исполнувањето на пропишаните услови за работа, начинот на спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач и водењето на евиденциите утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, врши Министерството за внатрешни работи. Согласно ставот 4 на истиот член, кога при вршењето на повторен надзор се утврди дека испитниот центар не ги отстранил утврдените недостатоци во предвидениот рок од ставот (3) на овој член, Министерството за внатрешни работи со решение ќе му ја одземе лиценцата на испитен центар.

4.2. Од анализата на наведените и другите одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, произлегува дека законодавецот пропишал дека спроведувањето на оспособување на кандидат за возач го врши правно лице по добивање на лиценцa за автошкола од Министерството за внатрешни работи, а работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач, ги врши правно лице по добивање лиценца за испитен центар од Министерството за внатрешни работи, за временски период од пет години. Притоа, пропишано е дека работите во автошкола и испитен центар ги врши стручен кадар, и тоа лица кои се вработени во автошколата, односно испитниот центар, на неопределено или определено време, со полно работно време, и тоа: стручен раководител, најмалку еден предавач и најмалку двајца возач-инструктори за потребите на автошкола и раководител на испитен центар, контролор, претседател на испитна комисија, испитувач по наставната програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и испитувач по наставната програма управување со моторно возило (практичен дел), за потребите на испитен центар. Во Законот се пропишани условите кои треба да ги исполнуваат лицата за да бидат соодветен стручен кадар во автошкола или испитен центар. Наздзор над работата на автошколите и испитниот центар врши Министерството за внатрешни работи.

При вака регулирано прашање за тоа кој може да спроведува оспособување на кандидат за возач и кој може да организира и спроведува возачки испит, законодавецот во оспорениот член 244 став 3 од Законот, пропишал дека: „Основачот, сопственикот, одговорното лице, раководителот, контролорот, претседателот и членовите на комисијата за полагање на возачкиот испит вработени во испитниот центар не смеат да ги извршуваат своите работни задачи во испитниот центар, доколку тие, нивните сопружници и членовите на нивните семејства по права линија до прв степен, се основачи, сопственици или вработени во автошкола, односно подружница која врши оспособување на кандидати за возачи на подрачјето на кое испитниот центар е овластен да врши работи на организирање и спроведување на возачки испит.“ Во оспорениот став 4 на истиот член, пропишано е дека:„ Лицата од ставот (3) на овој член потпишуваат изјава за непостоење на судир на интереси заверена на нотар која претставува дел од досието во испитниот центар.“

Тоа значи дека законодавецот пропишал ограничување за тоа кој може да извршува работни задачи во испитен центар, врзано за неговите роднински и семејни врски со основачи, сопственици или вработени во автошкола, односно подружница којашто врши оспособување на кандидати за возачи на подрачјето на кое испитниот центар е овластен да врши работи на организирање и спроведување на возачки испит. Ограничувањето се однесува на брачни другари и на родители и деца, односно тоа е кругот на лица кои истовремено не можат да бидат основачи, сопственици или вработени во автошкола, односно нејзина подружница и во испитниот центар којшто е овластен да врши работи на организирање и спроведување на возачки испит на кандидати од таа автошкола. Тоа несомнено значи дека лицата треба да се определат дали ќе извршуваат дејност во автошкола или во испитен центар, но не е можно истовремено да вршат дејност во двата субјекти.

При ваква состојба, со иницијативата се поставува прашање дали ваквата ограничувачка регулатива за тоа кој може да ги извршува работите во испитен центар е во согласност со уставните определби за владеењето на правото (член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот), достапноста на работно место секому под еднакви услови (член 32 ставови 1 и 2 од Уставот), забраната за повратно дејство на законите (член 52 став 4 од Уставот), ограничување на слободите и правата на човекот и граѓанинот само во случаи утврдени со Уставот (член 54 од Уставот) и обврската на Републиката да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, во ситуација кога се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (член 55 ставови 1 и 2 од Уставот).

Во одговор на ваквите наводи во иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

Оспорените одредби стануваат составен дел на Законот со членот 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2018), со кои ставот 3 на членот 244 се менува и гласи во сега дадената содржина, а во ставот 4 зборовите:„согласно со посебен закон“ се заменуваат со зборовите:„заверена на нотар“.

Пред наведената законска измена, членот 244 став 3 гласел: „Основачот, одговорното лице, раководителот, контролорот, претседателот и членовите на комисијата за полагање на возачкиот испит вработени во испитниот центар не смеат да ги извршуваат своите работни задачи во испитниот центар, доколку тие, нивните сопружници и членовите на нивните семејства по права линија до трет степен се основачи или вработени во автошкола.“ Тоа значи дека предметното ограничување важело во многу пошироки рамки, односно по права линија до трет степен и се однесувало за целата територија на Републиката.

Во образложението на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (од март 2018 година), се наведува дека измената на членот 244 од Законот е со цел да се прецизираат одредбите кои се однесуваат на роднинската поврзаност на основачот, одговорното лице, раководителот, контролорот, претседателот и членовите на комисијата за полагање на возачкиот испит вработени во испитниот центар, нивните сопружници и членовите на нивните семејства, со основачите, сопствениците или вработените во автошкола, односно подружница којашто врши оспособување на кандидати за возачи на подрачјето на кое испитниот центар е овластен да врши работи на организирање и спроведување на возачки испити, како и на обврската на наведените лица за потпишување изјава за непостоење на судир на интереси, заверена на нотар.

Според наводите во мислењето на Владата на Република Македонија доставено до Уставниот суд во врска со поднесената иницијатива (акт бр.44-6346/1 од 24.07.2018 година), токму по барање на одредени автошколи ова ограничување било сведено на минимум и тоа по права линија до прв степен и единствено на подрачјето на кое испитниот центар е овластен да врши работи на организирање и спроведување на возачки испит, имајќи за цел заштита од т.н. „семејни врски“ и овозможување рамноправност односно еднаквост на сите кандидати за возачи.

4.3. Во ситуација кога полагањето на возачкиот испит се врши на начин и под строго определени законски услови, со снимање на испитите, со надзор и контрола од страна на Министерството за внатрешни работи, се поставува прашање дали ограничувачиот опфат на лицата кои во исто време не можат да бидат основачи или вработени во автошколата и во испитниот центар, и тоа врз основа на нивните семејни и роднински врски, а не базирано врз принципот на стручност и компетентност, има основано оправдување, односно дали со прецизното пропишување на начинот и условите за спроведување на возачкиот испит, законодавецот всушност обезбедил доволно гаранции за стручно и објективно спроведување на испитот, па оспорената ограничувачка регулатива е прекумерна и непропорционална на целта која сака да се постигне. Дали таквата регулатива го повредува правото на работа (член 32 ставови 1 и 2 од Уставот) и слободата на пазарот и претприемништвото (член 55 став 1 од Уставот), имајќи во вид дека значи забрана за истовремено основање и сопственост на различни правни лица кои вршат дејност во сферата на обука и полагање на возачки испит, односно на прашања поврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Дополнително, може да се постави и прашањето за тоа дали оспорениот член 244 став 3 го задоволува критериумот за јасна и прецизна одредба, како елемент на владеењето на правото. Ова од причини што владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, подразбира обврска за законодавецот да пропишува јасни и недвосмислени одредби (норми) кои подеднакво важат и се применуваат без дилема за сите лица на кои се однесуваат.

Меѓутоа, во конкретниот случај се поставува прашање: што се подразбира под: „не смеат да ги извршуваат своите работни задачи во испитниот центар“, како што стои во оспорениот член 244 став 3 од Законот, во смисла дали станува збор за институтот изземање во дадена ситуација или станува збор за генерална забрана за вршење на функцијата под тие околности, што би значело евентуален престанок на работниот однос, односно пречка за засновање на работен однос. Исто така, не е јасно кои се работните задачи во испитниот центар на основачот, сопственикот и одговорното лице кои тие не смеат да ги извршуваат во дадените околности, особено имајќи предвид дека со одредбата се таксативно опфатени и сите лица кои се вработени во испитниот центар како стручен кадар и кои имаат точно определени работни задачи.

Одредбата од ставот 4 на истиот член, со која лицата од ставот 3 се обврзуваат да потпишат изјава за непостоење на судир на интереси, заверена на нотар, е тесно поврзана со одредбата од ставот 3 на истиот член, односно е во функција на негова операционализација, поради што мора да се анализира и разгледува како единствена целина и да ја следи правната судбина на ставот 3.

Оспорените законски одредби произведуваат правно дејство по влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со кој се пропишани (член 95), од каде произлегува дека истите важат за идни односи и немаат повратно дејство спротивно на членот 52 од Уставот, како што се наведува во иницијативата.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените член 244 став 3 и став 4 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставови 1 и 2, членот 51 и член 55 став 1 од Уставот.

5. Имајќи ја предвид изнесената анализа на оспорените законски одредби, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд, за прифаќање на барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици и штети, особено за работата на испитниот центар и автошколите.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.59/2018
30 јануари 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски