У.бр.206/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеи 2 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и бр.256/2020), на седницата одржана на 12 ноември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 64 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Северна Македонија” број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 55/2013, 33/2015 и 104/2015).

2. Државната комисија за спречување на корупцијата од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата произлегува дека Државната комисија за спречување на корупцијата тргнувајќи од индивидуален, конкретен случај во кој се работи за оттуѓување на градежно земјиште, сопственост на Република Северна Македонија со непосредна спогодба била извршена продажба на парцелата на паркингот на хотелот “Холидеј Ин”. Во иницијативата подносителот дава опис на целата постапка по која тој постапувал во рамките на ингеренциите кои со Закон ги има Комисијата притоа повикувајќи се на претходната измена на Законот каде постоела апсолутна забрана за располагање со имотот предмет на денационализација без никакви дополнителни услови, со што се заштитувал имотот предмет на денационализација, правата на поранешните сопственици или нивни наследници врз тој имот и се овозможувало остварување на целта на Законот- враќање на имотот на сопствениците/наследниците.

Според наводите во иницијативата наведената измена на членот 64 од Законот објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.72/2010 произлегувало дека истата не била во согласност со одредбите од Уставот на Република Северна Македонија, според кои граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, а правото на сопственост е една од темелните вредности на уставниот поредок.

Исто така, подносителот на иницијативата укажува на фактот дека земјиштето било продадено во време на мораториум кога деталниот урбанистички план се ревидирал и истиот можел да претрпи измени. Подносителот на иницијативата смета дека оспорената измена на Законот, била системска слабост на Законот за денационализација во врска со постапувањето во постапките за денационализација и создавала основ за сомневање за можно незаконско стекнување на корист што било спротивно на член 8 став 5 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.

Со оглед на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 64 од Законот за денационализација бидејќи истиот не бил во согласност со членовите 8 и 9 од Уставот.

3.Судот на седницата утврди дека во членот 64 од оспорениот закон се предвидува дека во период од пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон заклучно со 7 мај 2003 година, не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот (став 1).

По истекот на периодот од ставот 1 на овој член, без оглед кога е поднесено барање за денационализација, располагањето со имотот што е предмет на денационализација како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот, е дозволено (став 2).

Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни, само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација (став 3).

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, според Судот, за содржината на членот 64 од Законот за денационализација, која се оспорува со иницијативата, Судот веќе постапувал и одлучувал по повод претходно поднесени иницијативи.

Имено, постапувајќи по предметите У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2010, Судот со Одлука У.бр.115/2010 од 12 јануари 2011 година, го укинал член 64 став 3 во делот: „само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација“ од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007 и 72/2010).

Во наведените предмети Судот изнел свој став за согласноста на целината на оспорениот член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2010), односно за целината на членот 64 од интегралниот текст на Законот со одредбите на Уставот, но, не донел формална одлука за останатите одредби на членот 64 од Законот, од причини што Судот оценил дека акцентот во иницијативите бил ставен на несогласноста на делот од ставот 3 на членот 64 од Законот, кој со наведената одлука го укинал, меѓутоа по повод подоцна поднесена иницијатива, Судот и со формална одлука се произнел за уставноста на содржината на останатите одредби на членот 64 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007, 14/2009, 20/2009 и 72/2010).

Имено, со Решение У.бр.82/2011 од 18 мај 2011 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 64 став 1, став 2 и став 3 во делот: „Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни“ од Законот, бидејќи оценил дека истите не се во спротивност со одредбите на Уставот, додека ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 64 став 3 во делот: “само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација“ од Законот, поради одлучена работа.

Подносителот на иницијативата во предметот У.бр.82/2011, повикувајќи се на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” број 72/2010), со кој се менувал членот 64 од Законот, навел дека со оспорената одредба граѓаните се ставале во нееднаква положба, се предвидувало ретроактивно-повратно дејство со кое се намалувале правата на граѓаните и тоа не по вина на граѓаните, туку по вина на државата, од што произлегувало дека оспорениот член 4 од Законот не бил во согласност со член 9 став 2, член 30 став 3, членот 51 и член 52 став 4 од Уставот.

Актуелниот и оспорен член 64 од Законот, претходно два пати претрпел измени на својата содржина и тоа со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 44/2007) и членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2010).

Како што погоре е наведено, Судот се произнел и за содржината на членот 64 од Законот којашто ја добил со членот 4 од измените и дополнувањата на Законот од 2010 година, постапувајќи по предметите У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2010, а подоцна и по предметот У.бр.82/2011.

Во образложението на Судот по наведените предмети, каде се оспорувал членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2010) со кој е изменет членот 64 од основниот текст на Законот, за кој Судот оценил дека не е во спротивност со одредбите на Уставот (со исклучок на укинатиот дел од став 3 на членот 64 од Законот), Судот го изнел следното правно мислење:

“Согласно Законот, барањата за денационализација може да се поднесат заклучно со 31 декември 2007 година. За барања поднесени до 7 мај 2003 година (пет години по влегување во сила на Законот), може да се врати имот или да се даде надомест. За барања поднесени по 7 мај 2003 година (заклучно со 31 декември 2007 година), може да се бара надоместок, а имот ќе се врати само доколку не настапиле правни и фактички пречки до денот на мериторното одлучување од органот за денационализација, односно судот. До 7 мај 2003 година не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот. Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот до 7 мај 2003 година, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни. За периодот после 7 мај 2003 година, и покрај фактот што барања за денационализација можат да се поднесат заклучно со 31 декември 2007 година, располагање со имот кој е предмет на денационализацијата, е дозволено.

Судот, утврдувајќи дека и според последната измена на членот 64 од Законот, располагањето со имот предмет на денационализацијата или искористување на таков имот во периодот до 7 мај 2003 година и понатаму не било дозволено, а склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја заклучно до 7 мај 2003 година, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни, во однос на уставната оправданост на членот 64 од Законот, со исклучок на укинатиот дел од ставот 3 на членот од Законот, Судот го зазел следното гледиште: “За уставносудската анализа на оспорените одредби од Законот, битно е дека денационализацијата претставува мерка на државата, изразена преку законски акт со која се враќа во сопственост некој претходно одземен имот, односно се враќа правото на сопственост, при што доколку враќањето е невозможно (поради тоа што на тој имот во меѓувреме бил утврден јавен интерес или тој воопшто не може да се врати поради тоа што престанал да постои), државата обезбедува надомест.”

Од погоре изнесеното произлегува дека Судот веќе одлучувал за уставноста на содржината на целината на оспорениот член 64 од Законот, односно со Решение У.бр.82/2011 од 18 мај 2011 година, Судот одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на ставовите 1, 2 и ставот 3 во делот: „Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни“ од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007 и 171/2010), со оцена дека тие не се во спротивност со одредбите на Уставот, како и дека со интервентна одлука на овој суд под У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2010 од 12 јануари 2011 година, укинат е ставот 3 на членот 64 од Законот во делот: “само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација“, поради што истиот не е повеќе во правниот поредок.”

Од наведената аргументација Судот оцени дека и во конкретниот предмет се исполнети условите од член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата. Ова, од причина што и во сега поднесената иницијатива не постојат наводи коишто би влијаеле за заземање на поинаков став на Судот, односно не постојат основи за поинакво одлучување.

Исто така, делот од оспорениот член 64 од Законот, кој Судот со горенаведената одлука го укинал, истиот е надвор од правниот поредок за што според Судот за тој дел постојат процесни пречки за одлучување во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.206/2020
12 ноември 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати