На 25. седница која се одржа на 25 септември Уставниот суд го укина член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигацините односи.
Одредбите кои Уставниот суд ги укина не се во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија утврдени со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, односно со владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, со членот 9 став 2 од Уставот кој утврдува дека граѓаните треба да бидат еднакви пред Уставот и пред законите и членот 30 став 1 кој го гарантира правото на сопственост, како и со членот 52 став 4 во кој е утврдено дека законите и прописите не може да имаат повратно дејство.
Судот оцени дека правната ситуација која е предизвикана со примена на оспорените одредби доведува до нееднаков третман на доверителите, наспроти должниците, кои се во иста правна положба бидејќи и едните и другите уредно започнале извршување на нивното побарување и имале исти легитимни очекувања дека со тоа ќе успеат да го намират побарувањето по присилен пат, што не е во согласност со уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите утврден со член 9 став 2 од Уставот.
При донесување на оспорените одредби Судот оцени дека Собранието не водело сметка за стекнатите права на доверителите, пропишано е нивно одземање односно на доверителите кои не започнале извршување, а се стекнале со извршна исправа пред повеќе години од пред влегувањето на сила на предметниот закон, со што практично го губат правото на присилно извршување на своите побарувања.
Според Уставниот суд, доверителот како и секој граѓанин не може да биде одговорен и да трпи последици од настанатата правна состојба(застареност) којашто самиот не ја предизвикал. Со кратењето на рокот од десет на пет години за извршување по присилен пат, законодавецот користејќи го своето право со закон да ги уредува односите, не само што го скратил рокот туку и се впуштил во уредување на односи кои веќе претходно ги уредил (десет години) и со тоа ја дерогира правната сигурност на граѓаните без да понуди преодно решение со кои субјектите во правото би можеле да се прилагодат на ново настанатата ситуација.
Судот оцени дека постои повратно дејство на нормата, односно во член 4 според кој „започнатите постапки за наплата на побарувања предвидени во член 2 од овој закон ќе завршат во согласност со овој закон”.
Членот 52 став 3 од Уставот пропишува дека „Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието со денот на објавувањето.” Со оспорените одредби Собранието нема никакво образложение за причините и потреба од скратување на уставно утврдениот „vacatio legis”, со што се доведува во прашање и почитување на член 52 став 3 од Уставот. На тој начин Законодавецот не нуди преодно решение и не им остава период на субјектите да се прилагодат на настанатата ситуација и новите рокови.