У.бр.26/2024-1


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.26/2024
Скопје,09.05.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 мај 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти” и членовите 106, 107, 108 и 109 од Деловникот на Општина Македонска Каменица („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.9/2006 и 38/2020).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти” и членовите 106, 107, 108 и 109 од Деловникот на Општина Македонска Каменица („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.9/2006 и 38/2020).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, по сопствена иницијатива со Решението У.бр.26/2024 од 21 февруари 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на деловите и одредбите од Деловникот на Македонска Каменица, означени во точката 1 од оваа одлука.

II

На седницата Судот утврди дека поглавјето 9 од Деловникот е со наслов „Автентично толкување на општи акти“.

Според член 106 од Деловникот, барање за автентично толкување на општ акт можат да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на општината и управни органи и установи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење.

Во член 107 од Деловникот е определено дека барањето за давање на автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседателот на Советот кој веднаш барањето го доставува до претседателот на Статутарно-правната комисија.

Статутарно-правната комисија по барањето за автентично токлување има право да побара мислење од работните тела на Советот и општинската администрација, согласно со член 108 од истиот акт.

Ако Статутарно-правната комисија оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на Општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Статутарно-правната комисија за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барање и поднесениот извештај според член 109 од Деловникот.

III

Владеењето на правото е е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд е определено дека Судот може и сам да поведе постапка за оценување на уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Во конкретниот случај, врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.05/2002) и член 21 став 1 од Статутот на Општина Македонска Каменица („Службен гласник на Општина Македонска Каменица” бр.4/2005), Советот на Општина Македонска Каменица со одредбите од Деловникот содржани во поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти” и членовите 106, 107, 108 и 109 од Деловникот на Општината ја разработува постапката и надлежноста за давање автентично толкување на општ акт кога има потреба од толкување во врска со примената на актот.

Согласно со уставните одредби автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт, односно Собранието согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите. Постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, автентично толкување дава Советот на Општина Македонска Каменица, како орган на локалната власт.

Според член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно член 62 став 1 од истиот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Во член 21 став 1 од Статутот на Општина Македонска Каменица е предвидено дека Советот, меѓу другото, донесува Деловник.

Оттаму, цитираните одредби од Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општината кои се означени во Деловникот како основ за негово донесување неспорно содржат овластување за донесување Деловник на Општината, но ниту овие одредби ниту Уставот не содржат определување надлежност за Советот на Општината за давање автентично толкување на донесените акти.

Имајќи предвид дека станува збор за прашање, коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот изречно во Уставот, со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, произлегува дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување и не можат во деловник или статут изворно да го уредуваат овој институт и постапката за истиот.
Врз основа на направената анализа произлегува дека предмет на уредување со означеното поглавје и одредбите содржани во него од Деловникот на Општината е разработена надлежност и постапка за давање автентично толкување на донесените акти, иако од Уставот и Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување за совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту наведениот закон упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се уреди постапка за автентично толкување на општите акти.

Од овие причини Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, по сопствена иницијатива го покрена прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа и имајќи предвид дека нивното уредување во Деловникот на Општината е без уставен и законски основ, цени дека означените делови не се во согласност со принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска за усогласеност на прописите со Уставот и законите, определена во член 51 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска