Одлука У.бр.171/2008

У.бр.171/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јуни 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 84 став 3 точка 13 од Законот за управување со отпад („Службен весник на Република Македонија„ бр.68/2004, 71/2004, 107/2007, 108/2008 и 143/2008) и член 3 алинеја 6 од Правилникот за формата и содржината на барањето за добивање дозвола, како и формата и содржината на дозволата за оператор на депонии („Службен весник на Република Македонија„ бр.140/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.171/2008 од 29 април 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 84 став 3 точка 13 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука и оценување на уставноста и законитоста на членот 3 алинеја 6 од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 84 став 3 точка 13 од Законот со Уставот, односно оспорениот член 3 алинеја 6 од Правилникот со Уставот и со законот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 84 став 3 точка 13 од Законот, по приемот на барањето за добивање на дозволата, органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен да утврди дали постои доказ дека на барателот не му е изречена мерка за безбедност, забрана за вршење на дејност.

Според оспорениот член 3 алинеја 6 од Правилникот кон барањето за добивање на дозвола за оператор на депонија, се приложува потврда дека против барателот се правосилна одлука на надлежен орган не е изречена прекршочна санкција, забрана за вршење на дејност во областа на управувањето со отпадот или забрана за вршење на професија, должност или дејност.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Согласно членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според членот 33 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, (“Службен весник на Република Македонија”бр. 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 60/2006, 73/2006 и 7/2008, 139/2008) забраната за вршење професија, дејност или должност е предвидена како вид на казна.

Со одредбите од општиот дел од Кривичниот законик е уредено прашањето на казнената евиденција. Според членот 106 став 1 казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот.

Со одредбите од ставовите 3 и 4 од овој член од Кривичниот законик е пропишан ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоците од казнената евиденција. Имено, овие податоци можат да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување. Податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Согласно ставот 5 на овој член од Законикот, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, а според ставот 6 на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварување на нивните права во странство.

Со Законот за управување со отпадот се уредува: управувањето со отпадот; начелата и целите за управување со отпад; плановите и програмите за управување со отпадот; права и обврски на правни и физички лица во врска со управувањето со отпадот; барањата и обврските на правните и физичките лица кои произведуваат производи и пакувања и кои што на крајот на животниот циклус ја оптоваруваат животната средина; начинот и условите под кои што може да се врши собирање, транспортирање, третман, складирање, преработка и отстранување на отпадот; увозот, извозот и транзитот на отпадот; мониторингот; информативниот систем; финансирањето и надзор над управувањето со отпадот.”

Со оспорениот член 84 од Законот е уредено прашањето на „Дозволата за оператор на депонии“. Имено, согласно ставот 1 на овој член од Законот, операторот на депонијата треба да поседува дозвола за вршење на дејноста депонирање на отпад која што ја издава органот на државната управа надлежна за работите од областа на животната средина.

Според ствот 2 од овој член од Законот, барањето за добивање дозвола за вршење на дејноста депонирање на отпад, операторот на депонијата ја поднесува до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.

Во оспорениот став 3 точка 13 на членот 84 од Законот е утврдено дека по приемот на барањето за добивање на дозволата органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен да утврди, меѓу другото, и дали постои доказ дека на барателот му е изречена мерка за безбедност, забрана за вршење на дејност.

Согласно членот 84 став 7 од Законот, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува формата и содржината на барањето за добивање дозвола, како и формата и содржината на дозволата за оператор на депонија.

Согласно овластувањата утврдени во членот 84 став 7 од Законот, министерот за животна средина и просторно планирање го донел оспорениот Правилник, кој во членот 1 утврдува дека со него се пропишуваат формата и содржината на барањето за добивање дозвола како и формата и содржината на дозволата за вршење на дејност оператор на депонија.

Во оспорената алинеја 6 на членот 3 од Правилникот е утврдено дека кон барањето за добивање на дозвола за оператор на депонија, се приложува, меѓу другото, и потврда дека против барателот со правосилна одлука на надлежен орган не е изречена прекршочна санкција, забрана за вршење на дејност во областа на управувањето со отпадот или забрана за вршење на професија, должност или дејност.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба од член 84 став 3 точка 13 од Законот за управување со отпадот, како и оспорената одредба од член 3 алинеја 6 од Правилникот, произлегува дека со нив се предвидува дека операторот на депонијата за вршење на дејноста депонирање на отпад може да добие дозвола ако ги исполнува условите за вршење на оваа дејност доколку кон барањето, меѓу другите документи, достави и доказ дека на барателот не му е изречена мерка за безбедност, забрана за вршење на дејност, односно со правосилна одлука на надлежен орган не е изречена прекршочна санкција, забрана за вршење на дејност во областа на управувањето со отпадот или забрана за вршење на професија, должност или дејност.

Во конкретниот случај, станува збор за одредби со кои се пропишува обврска за доставување на доказ за осудуваност односно неосудуваност. Имено, од содржината на наведените членови 11 став 1 и 25 од Уставот, произлегува дека истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да ја гарантира заштитата на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе се обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во постапките пред државните органи можат службено да се проверат. Ова според оценка на Судот, се однесува подеднакво и на физичките и на правните лица, како субјекти на правото и чиј деловен углед и интегритет треба, исто така, да уживаат заштита.

Должноста на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина да утврди, меѓу другото, и дали постои доказ дека на барателот не му е изречена мерка за безбедност, забрана за вршење на дејност (што според мислењето на Судот, доказот треба да го достави барателот) дотолку повеќе што тоа произлегува и од оспорениот член 3 алинеја 6 од Правилникот, се сведува на барање изјава за неговата осудуваност или неосудуваност, со оглед на тоа што забраната за вршење на дејност е споредна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда. Иако овие докази не се бараат во кривично-правен контекст и немаат самообвинувачки квалитет, самата обврска за нивното соопштување има ефект врз репутацијата на правното лице, што е проблематично од аспект на презумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната да се бараат докази за осудуваност, односно неосудуваност.

За Судот, не е спорен фактот дека забраната за вршење на дејност изречена со една осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека таа забрана трае. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на лицето за кое што станува збор, туку на надлежниот орган (органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина) што одлучува дали правното лице ги исполнува условите за вршење на дејноста депонирање на отпад којшто за утврдување на таа законска обврска ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.171/2008
24 јуни 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply