235/2008-0-0

235/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 39 ставови 2 и 3 и член 56 став 1 во делот

2. Здружението на пензионери Карпош-Скопје, претставувано од претседателот Трајко Савески, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби од Законот не биле во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 51, 98 став 5, односно Амандман XXV од Уставот на Република Македонија. Имено, со делот на оспорената одредба од членот 56 ставот 1 од Законот и оспорениот член 39 ставови 2 и 3 од Законот, кој се носел со некакво мнозинство се дерогирала главата 15 и 16 од Законот за општата управна постапка, кој бил донесен со двотретинско мнозинство и со оглед на фактот дека главите 15 и 16 од Законот за општата управна постапка содржеле извонредно значајни одредби кои се однесувале на заштитата на правата и интересите на граѓаните.

Со оглед на фактот дека измената била направена со Закон кој бил донесен со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмногу со една четвртина од вкупниот број на пратеници, оспорените членови од Законот не биле во согласност со членот 8 алинеја 3, членот 54 и амандманот XXV точка 1 став 4 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното се предлага Судот да ги поништи оспорените одредби од Законот од причина што тие не биле во согласност со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 39 став 2 од Законот, при уписот регистраторот:
1) не ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на прилозите (исправите и доказите) што се поднесуваат при упис во регистрите
2) не ја испитува законитоста на постапката во која тие се донесени и
3) не испитува дали податоците што се запишуваат во регистрите се вистинити и во согласност со закон.

Според оспорениот став 3 на овој член од Законот, за
вистинитоста и законитоста на прилозите и податоците од ставот 2 на овој член одговара лицето, односно лицата определени со закон.

Согласно оспорениот член 56 став 1 од Законот, во недостаток на одредби за постапката за упис, уредени со овој закон, се применува Законот за општата управна постапка, со исклучок на главите 15 и 16.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно Амандман XXV точка 1 став 4 од Уставот (со кој е заменет членот 98 од Уставот на Република Македонија) „видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници“.

Согласно член 1 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, со овој закон се уредува/уредуваат едношалтерскиот систем, водењето на трговскиот регистар и на регистарот на други правни лица од страна на Централниот регистар на Република Македонија (во натамошниот текст: Централен регистар) во писмена и електронска форма и други прашања од значење за уредно водење на регистрите и остварувањето на едношалтерскиот систем, како и преземањето на водењето на трговскиот регистар, судскиот регистар, регистарот на водните заедници, регистар на водостопанства, регистар на здруженија на граѓани и фондации и регистар на комори од надлежните судови од страна на Централниот регистар.

Во ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека ако со закон со кој е определено водењето на регистар не е определена постапката за водењето на тој регистар, уписот ќе се врши според правилата за постапката утврдена во овој закон.

Постапката за упис во регистар е уредена со повеќе одредби од Законот.

Во членот 32 од Законот е уредено дека постапката за упис во регистарот се поведува со поднесување на пријава за упис до канцеларијата на Централниот регистар, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Во членот 33 од Законот е определена содржината на пријавата за упис, при што во ставот 1 е пропишано дека пријавата за упис се поднесува на пропишан образец кој ги содржи податоците што согласно со закон се запишуваат во соодветниот регистар. Ако не е пропишан образец, пријавата за упис се поднесува како поднесок во којшто се наведуваат податоците коишто според закон се запишуваат во регистарот. Согласно ставот 2 на овој член од Законот, кон пријавата за упис се приложуваат прилозите определени со закон според видот на уписот, односно податокот што се запишува во регистарот и доказот за уплатениот надоместок на трошоците.

Во членот 38 од Законот е пропишано како се постапува по пријава со недостаток. Според став 1 на овој член, ако пријавата содржи формален недостаток што го спречува постапувањето по пријавата и само поради тоа не може да биде отфрлена, регистраторот за ова ќе го извести подносителот во рок од пет дена да ги отстрани недостатоците. За известувањето регистраторот ќе стави забелешка на пријавата.

Според ставот 2 на овој член од Законот, ако подносителот ги отстрани недостатоците во рокот од ставот 1 на овој член ќе се смета дека пријавата била уредно поднесена. Ако подносителот не ги отстрани недостатоците во утврдениот рок ќе се смета дека пријавата не е поднесена, за што регистраторот ќе донесе заклучок против кој може да се изјави посебна жалба. На оваа последица подносителот на пријавата ќе се предупреди во известувањето за исправка на пријавата.

Во ставот 3 на овој член од Законот е предвидено дека ако подносителот на пријавата ги отстрани утврдените недостатоци на пријавата за упис, го задржува правото на првенство на порано поднесената пријава за упис.

Според член 39 од Законот, по приемот на пријавата за упис, регистраторот проверува дали:
1) Централниот регистар е надлежен да постапува по пријавата;
2) се исполнети условите за упис определени со закон;
3) потписникот на пријавата е овластено лице за нејзино поднесување;
4) пријавата за упис ги содржи сите податоци во согласност со закон;
5) кон пријавата за упис се приложени сите прилози утврдени со закон;
6) податоците внесени во пријавата за упис се исти како и податоците во прилозите кон пријавата;
7) под иста фирма, односно назив или име е регистриран друг субјект на упис и
8) кон пријавата за упис е приложен доказ за уплатениот надоместок за уписот.

Според оспорениот став 2 на членот 39 од Законот, при уписот регистраторот, меѓу другото:

„4) не ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на прилозите (исправите и доказите) што се поднесуваат при упис во регистрите
4) не ја испитува законитоста на постапката во која тие се донесени и
5) не испитува дали податоците што се запишуваат во регистрите се вистинити и во согласност со закон.“

Според оспорениот став 3 на овој член од Законот, за вистинитоста и законитоста на прилозите и податоците од ставот 2 на овој член одговара лицето, односно лицата определени со закон.

Тргнувајќи од одредбите кои се однесуваат на постапката за упис во регистарот, посебно на одредбата од членот 38 од Законот, произлегува дека само поради формален недостаток на пријавата што го попречува постапувањето по неа, пријавата не може да се отфрли, туку се остава рок од пет дена за отстранување на недостатоците, по што доколку тие се отстранат се смета дека пријавата првобитно била уредна, а доколку не се отстранат пријавата се отфрла со заклучок против кој во самиот закон е предвидена посебна жалба.

Со членот 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2007) е прецизирано дека регистраторот не ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на прилозите (исправите и доказите) што се поднесуваат при упис во регистрите, не ја испитува законитоста на постапката во која тие се донесени и не испитува дали податоците што се запишуваат во регистрите се вистинити и во согласност со закон, туку за вистинитоста и законитоста на прилозите и податоците од ставот (2) на овој член одговара лицето, односно лицата определени со закон“.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата, Судот смета дека подносителот на иницијативата ја немал во предвид околноста дека согласно член 38 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, регистраторот врши проверка на пријавата и тоа само од формално-правен аспект. Имено, согласно наведениот член регистраторот постапува по однос на пријавата во однос на формално-правните недостатоци.

Централниот регистар не е институција која има или може да има законско право да ја оценува работата на други органи на управа или институции носители на јавни овластувања од аспект на тоа дали исправите и доказите издадени од нивна страна соодветствуваат со вистинитоста на фактичката состојба кај лицето кои како такви биле констатирани од страна на конкретниот надлежен орган или друг субјект кој е издавач на исправата или дозволата, која подносителот на пријавата за упис му ја приложува на регистраторот. Овие исправи, докази или други документи кои се прилози кон пријавата за упис, служат како доказ за постоење на некој факт кај едно лице кој е услов за предметното лице да може да се изврши упис во надлежен регистар при Централниот регистар на Република Македонија (на пример да се упише лицето како основач, или управител). Оспорените ставови од членот 39 од Законот постојат за појасно и попрецизно да се дефинира границата до која регистраторот во постапката на упис во регистарот смее да се движи разгледувајќи ја пријавата. Оттука, преку испитување на формалната исправност на прилозите, регистраторот како всушност и Централниот регистар на Република Македонија нема и не може да има право да навлегува во материјалното испитување (вистинитоста) на она што е содржано во прилозите.

Имајќи го предвид изнесеното Судот утврди дека не може да се постави прашањето на согласноста на оспорените ставови 2 и 3 на членот 39 од Законот со Уставот.

Согласно оспорениот член 56 став 1 од Законот, во недостаток на одредби за постапката за упис, уредени со овој закон, се применува Законот за општата управна постапка, со исклучок на главите 15 и 16.

Според ставот 2 на овој член од Законот, против конечно решение може да се поведе управен спор.

Со Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2005 и 110/2008) е уредено дека според овој закон се должни да постапуваат министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи, кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички лица, правни лица или на други странки (во натамошниот текст: странки). Во ставот 2 на овој член од Законот, е предвидено дека според овој закон се должни да постапуваат и правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања кога решаваат за работите од ставот 1 на овој член.

Според став 3 на овој член од законот, според овој закон се должни да постапуваат органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, кога во вршењето на надлежностите решаваат во управни работи за права, обврски или правни интереси на странките во согласност со закон.

Според член 3 на овој закон, во управните области за кои со закон е пропишана посебна постапка, се постапува според одредбите на тој закон (став 1), а според став 2 на истиот член од законот според одредбите на овој закон се постапува по сите прашања во управните области што не се уредени со посебен закон.

Значи, од одредбата од членот 3 од Законот за општата управна постапка произлегува дека според одредбите на овој закон се постапува по сите прашања во управните области што не се уредени со посебен закон. Оттука, Законот за општата управна постапка како lex generalis има супсидијарна примена.

Тргнувајќи од законското овластување дефинирано во членот 3 од Законот за општата управна постапка како lex generalis, со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица како lex specialis конкретно се дефинира и уредува водењето на трговскиот регистар и на регистарот на други правни лица од страна на Централниот регистар и дека во недостаток на одредби за постапката за водење на регистарот во законот со кој е определено водењето на регистар, (Законот за централен регистар) уписот се врши според правилата за постапката утврдени во овој закон (Законот за едношалтерски систем).

Имено, фактот дека според Законот за општата управна постапка, меѓу другото, се должни да постапуваат и правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања кога решаваат за работите од ставот 1 на членот 1 од овој закон како lex generalis, не претставува пречка законодавецот во рамките на своите уставни овластувања (член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот) со други закони да ги доуреди одредени прашања како што впрочем е и случајот со оспорениот закон и тоа не претставува повреда на Уставот.

Имајќи го предвид изнесеното Судот утврди дека со оспорениот дел на одредбата од членот 56 став 1 од Законот за едношалтерскиот систем за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица не се ставаат надвор од сила одредби од Законот за општата управна постапка (главата 15 и 16 од овој закон), поради што во овој случај нема основ за поставување на прашањето кое се наметнува со иницијативата – дали може еден закон донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (Законот за општата управна постапка), да се дерогира со закон донесен со просто мнозинство гласови како што е и оспорениот закон, туку станува збор за примена на одредби од законот на кои всушност упатува и членот 3 од Законот за општата управна постапка, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот дел на членот 56 од Законот со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.235/2008
24 јуни 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply