35/2009-0-0

35/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 38 став 3, 47 став 1, 49 став 1, 52 став 1 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008 и 6/2009).

2. Станое Буџевски, адвокат од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорениот член 52 од Законот се повредувале загарантираните права на граѓаните за здравствена заштита, како и правата и должностите да се грижат за своето здравје и здравјето на другите, загарантирано во член 39 став 1 од Уставот на Република Македонија. Имено, оспорената одредба не била во согласност со Уставот на Република Македонија, бидеји секој е должен да ги плаќа јавните давачки, но и тоа дека се предвидени инструменти за наплата на истите.

Со оспорениот член 38 став 3 од Законот, според иницијативата, обврската за плаќање на придонесите останувала без оглед дали биле исплатена плата, надоместок на плата, пензија или друг надоместок, што било спротивно на Уставот.

По однос на оспорените одредби на член 47 став 1 и 49 став 2 од Законот, подносителот на иницијативата укажува на ретроактивната примена на Законот од страна на судовите во редовната постапка, за што во прилог доставува и пресуда од Основниот суд Битола и Апелациониот суд Битола, а што било спротивно на член 52 ставови 3 и 4 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 38 став 3 од Законот за здравствено осигурување обврската за плаќање на придонесот од ставот 1 на овој член останува без оглед дали е исплатена плата, надоместок од плата, пензија, односно друг паричен надоместок согласно со закон.

Според член 47 став 1 од исиот закон придонесот за задолжителното здравствено осигурување го пресметуваат, задржуваат и уплатуваат осигурениците од член 38 на овој закон при секоја исплата на плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок.

Согласно член 49 од Законот, Фондот врши контрола на пресметувањето и уплатувањето на придонесот за задолжително здравствено осигурување за сите осигуреници на придонес.

Ако при контролата од став 1 на овој член од Законот се утврди дека придонесот за задолжително здравствено осигурување не е правилно пресметан и уплатен согласно со овој закон или не е уплатен, Фондот ќе покрене постапка за утврдување на основниот долг заедно со законска камата согласно прописите за извршната, односно парничната постапка.

Во член 52 став 1 од Законот е предвидено дека за осигурениците за кои Фондот ќе утврди дека придонесот не е редовно уплатуван или уплатата задоцнила повеќе од 60 дена, правата од задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица се ускратуваат, освен правото на итна медицинска помош.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алнеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во делот од Уставот кој се однесува на гаранциите на основните слободи и права, со член 52 став 4 е определено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Оспорените членови 47 и 49 од Законот за здравствено осигурување, според овој закон стапуваат во сила по негово објавување во Службен весник на Република Македонија. Од аспект на практичната примена, како и извршувањето на овие одредби од Законот, како што се наведува во иницијативата во делот кој се однесува на овие одредби од Законот дека истите се применувале ретроактивно, Судот оцени дека примената на Законот е јасно определена, а тоа е по влегувањето во сила на Законот и од уставно-правен аспект не може да се проблематизираат оспорените одредби во однос на нивното важење и примената кое нема повратно дејство, а Уставниот суд не е надлежен да го цени извршувањето на Законот од страна на надлежните органи и неговата практична примена.

Со овој закон не се предвидува повратно дејство пред донесување на оспорените одредби содржани со него, па поради тоа од овој аспект и неможе да се постави прашањето за уставноста на оспорените членови 47 став 1 и 49 став 2 од Законот за здравственото осигурување.

Во конкретниов случај, Судот оцени дека во еден дел од иницијативата станува збор за одредби со кои се оспоруваат исти членови од Законот и се покренуваат исти прашања кои веќе биле предмет на оценка пред Уставниот суд. Имено, Судот со Решение У.бр.108/2008 од 29 октомври 2008 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 38 став 3 од Законот и утврдил отсуство на елементи на неуставност на оспорената одредба. Исто така, предмет на оценка на овој Суд била и оспорената одредба на членот 52 од Законот за здравствено осигурување, по кое Судот со Решение У.бр.171/2001 од 14 ноември 2001 година, не повел постапка за оценување на уставноста на овој член од Законот.

Со Решение У.бр.204/2006 од 13 декември 2006 година и Решение У.бр.15/2008 од 14 мај 2008 година, Судот ги отфрли иницијативите, поднесени од други подносители, за оценување на уставноста на оспорениот член од Законот, поради res judicata.

Тргнувајќи од тоа дека Судот веќе одлучувал за истата работа и утврдил дека оспорените одредби се во согласност со Уставот на Република Македонија, а во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како вво точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.35/2009
17 јуни 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply