239/2008-0-0

239/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2008);

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:
– член 15 став 3 во делот: „и кое поседува соодветна лиценца за проектирање“ и ставовите 4, 5, 7, 8, 9, 10 и 11;
– член 15-а;
– член 22 ставовите 2, 3, 4, 5, 6, 8, 9, 10, 11 и 12;
– член 22-а;
– член 28 став 2 во делот: „и доколку правното лице поседува соодветна лиценца за надзор над градбата“, и ставовите 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12;
– член 84 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005 и 82/2008);

3. Мирослав Грчев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените членови на незаконит начин се воведувала државна контрола на сите учесници во градењето така што во една цела стопанска гранка се ограничувал слободниот пазар без уставнa основa. Воведувањето на лиценци за правни лица за вршење на дејности од областа на градењето (проектирање, изведување, надзор и управување со одржување на градба) за економски субјекти кое се веќе регистрирани за вршење на тие дејности, било спротивно на член 55 од Уставот, со кој се гарантира еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот. Слободата на пазарот можела со закон да се ограничи единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето, а спротивно на тоа, лиценците во оспорените членови не штителе ниту една од наведените причини за ограничување на слободата на пазарот. Дека со лиценците не се обезбедувало повисоко ниво на заштита на природата, животната средина или здравјето на луѓето било очигледно од условите за добивање на лиценци кои биле утврдени во оспорените членови (регистрација, произволен број на вработени, финансиски бонитет, доказ за висина на осигурувањето, уплата на произволни суми на пари и други слични несуштествени докази кои воопшто не можеле да го оправдаат постоењето на лиценците).

Во иницијативата понатаму се укажува дека оспорените членови го нарушувале и уставното начело на владеењето на правото, бидејќи биле формално-правно и формално-логички противречни по себе и како такви биле неспроведливи, хаотични, коруптивни и го нарушувале правниот поредок во Републиката. Како пример се наведува дека за добивање на лиценца за проектирање се барало да се достави доказ за висината на осигурувањето, при што не било определено која висина на осигурување го исполнува условот. Понатаму, за добивање на лиценца за изведување, се барало референтна листа на изведени градби од истата категорија,што практично значело дека барателот треба да докаже дека изведувал градби без лиценца, што било забрането со закон. Слично било и во однос на условите за добивање на лиценца за вршење надзор (член 11 став 4 алинеја 2 и став 5 алинеја 2).

Понатаму во иницијативата се укажува дека обврската за плаќање на „соодветен надоместок“ од 200 до 3000 евра била без уставен основ. Висината на надоместоците била произволна, тоа не било јавна давачка, ниту надоместок за трошоците на јавната администрација, туку претставувало државен рекет кој морало да го платат сите учесници во градењето за да можат да продолжат да ја вршат дејноста за која биле регистрирани. Според подносителот, станувало збор за нарушување на правниот поредок од голема магнитуда за што дава пример дека вкупниот надоместок кој треба да го плати едно правно лице што сака да продолжи да се занимава со проектирање изнесувал 60 000 евра.

Подносителот смета дека оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење ги нарушувале темелните вредности на уставниот поредок за владеењето на правото и еднаквата правна положба на субјектите на пазорот, слободата на пазарот и претприемништвото, поради што предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на нивната уставност.

4. Судот на седницата утврди дека според член 15 став 3 од Законот за градење, проектантот од ставот (1) на овој член може да врши работи на проектирање во правно лице регистрирано во Централниот регистар за дејност проектирање и кое поседува соодветна лиценца за проектирање (во натамошниот текст: проектна организација). Проектна организација за проектирање на градби од прва и втора категорија од членот 50 на овој закон треба да има лиценца А, а за градби од трета, четврта и петта категорија лиценца Б (став 4). Лиценците од ставот (4) на овој член ги издава Министерството за транспорт и врски и за издадените лиценци води регистар. Лиценцата не се пренесува (став 5). Според ставот 7 на овој член од Законот, за добивање на лиценците од ставот (4) на овој член проектната организација плаќа надоместок. Надоместокот за лиценца А изнесува 1.000 евра во денарска противвредност, а за лиценца Б 500 евра во денарска противвредност. Според ставот 8 на овој член од Законот, средствата остварени од надоместокот за добивање на лиценци А и Б од проектните организации се приход на Буџетот на Република Македонија. Согласно ставот 9 на овој член од Законот, важноста на лиценците од ставот (4) на овој член изнесува седум години, со можност за нивно продолжување за уште седум години во постапка иста како и за добивање на лиценца, освен надоместокот кој се плаќа еднократно. Во ставот 10 на истиот член, лиценците од ставот (4) на овој член може да се одземат доколку се утврди дека правното лице не исполнува некои од условите пропишани за нивно издавање. Во ставот 11 на овој член од Законот е предвидено дека начинот на издавање, одземање и продолжување на лиценците од ставот 4 на овој член, формата и содржината на образецот на лиценците и начинот на водењето на регистарот, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот.

Судот, понатаму, утврди дека според член 15-а став 1 од Законот, со барањето за добивање на лиценца А правното лице е должно да достави:
– доказ дека е регистрирано за вршење на соодветната дејност,
– доказ дека има вработено во редовен работен однос, најмалку едно лице кое поседува овластување А од членот 32 на овој закон и
– доказ за висината на осигурување од одговорност за штета која би можело правното лице да ја направи на трети лица.

Согласно ставот 2 на истиот член од Законот, со барањето за добивање на лиценца Б правното лице е должно да достави:
– доказ дека е регистрирано за вршење на соодветната дејност,
– доказ дека има вработено во редовен работен однос најмалку едно лице кое поседува овластување Б од членот 32 на овој закон и
– доказ за висината на осигурување од одговорност за штета која би можело правното лице да ја направи на трети лица.”

Судот на седницата, исто така, утврди дека според член 22 став 2 од Законот, изведувач на градби од прва категорија од членот 50 на овој закон е правно лице кое е регистрирано во Централниот регистар за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи и кое има лиценца А, издадена од Министерството за транспорт и врски. Согласно ставот 3 на овој член од Законот, изведувач на градби од втора категорија од членот 50 на овој закон е правно лице кое е регистрирано во Централниот регистар за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи и кое има лиценца Б, издадена од Министерството за транспорт и врски. Според ставот 4 на истиот член, изведувач на градби од трета категорија од членот 50 на овој закон е правно лице кое е регистрирано во Централниот регистар за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи и кое има лиценца Ц, издадена од Министерството за транспорт и врски. Според ставот 5 на овој член од Законот, изведувач на градби од четврта категорија од членот 50 на овој закон е правно лице кое е регистрирано во Централниот регистар за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи и кое има лиценца Д, издадена од Министерството за транспорт и врски. Согласно ставот 6 на истиот член, изведувач на градби од петта категорија од членот 50 на овој закон е правно лице кое е регистрирано во Централниот регистар за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи и кое има лиценца Е, издадена од Министерството за транспорт и врски. Според ставот 8 на овој член од Законот, за добивање на лиценците од ставовите (2), (3), (4), (5) и (6) на овој член изведувачот е должен да плати соодветен надоместок. Надоместокот на лиценцата од ставот (2) на овој член изнесува 2.000 евра во денарска противвредност, за лиценцата од ставот (3) на овој член 1.500 евра во денарска противвредност за лиценцата од ставот (4) на овој член 1.000 евра во денарска противвредност, за лиценцата од ставот (5) на овој член 500 евра во денарска противвредност и за лиценцата од ставот (6) на овој член 300 евра во денарска противвредност. Во ставот 9 на овој член од Законот е предвидено дека средствата остварени од надоместокот за добивање на лиценца А, Б, Ц, Д и лиценца Е од изведувачите се приход на Буџетот на Република Македонија. Согласно ставот 10 на овој член од Законот, за издадените лиценци од ставовите (1), (2), (3), (4) и (5) на овој член Министерството за транспорт и врски води регистар. Лиценцата не се пренесува. Според ставот 11 на овој член, важноста на лиценците од овој член изнесува седум години, со можност за нивно продолжување за уште седум години во постапка иста како и за добивање на лиценца, освен надоместокот кој се плаќа еднократно. Согласно ставот 12 на истиот член од Законот, начинот за издавање, одземање и продолжување на лиценцата од ставовите (2), (3), (4), (5), (6) и (11) на овој член, формата и содржината на образецот на лиценците и начинот на водењето на регистарот, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

Судот на седницата понатаму утврди дека според член 22-а, став 1 од Законот, со барањето за добивање на лиценца А и Б од членот 22 на овој закон, правното лице е должно да достави:
– доказ дека е регистрирано за вршење на соодветната дејност,
– референтна листа на изведени градби од членот 50 став (1) точки 1 и 2 на овој закон,
– финансиски бонитет за последните две години и
– доказ дека има вработено во редовен работен однос најмалку десет лица кои поседуваат овластување А од членот 32 на овој закон.
Согласно ставот 2 на истиот член од Законот, со барањето за добивање на лиценца Ц од членот 22 на овој закон, правното лице е должно да достави:
– доказ дека е регистрирано за вршење на соодветната дејност,
– референтна листа на изведени градби од членот 50 став (1) точки 3 и 4 на овој закон и
– доказ дека има вработено во редовен работен однос најмалку три лица кои поседуваат овластување Б од членот 32 на овој закон.
Според ставот 3 на истиот член, со барањето за добивање на лиценца Д и Е од членот 22 на овој закон, правното лице е должно да достави:
– доказ дека е регистрирано за вршење на соодветната дејност и
– доказ дека има вработено во редовен работен однос најмалку две лица кои поседуваат овластување Б од членот 32 на овој закон.

Судот на седницата утврди дека според член 28 став 2 од Законот за градење, надзорниот инженер од ставот 1 на овој член ги врши работите на надзор над градењето во правно лице регистрирано во Централниот регистар за дејност надзор над градба како вработен и доколку правното лице поседува соодветна лиценца за надзор над градбата. Според ставот 2 на овој член, правното лице од ставот (2) на овој член за надзор над градби од членот 50 на овој закон треба да има лиценца, и тоа: за градби од прва категорија лиценца А, за градби од втора категорија лиценца Б, за градби од трета категорија лиценца Ц и за градби од четврта и петта категорија лиценца Д. Во ставот 4 на овој член од Законот е предвидено дека со барањето за добивање лиценца А и Б правното лице е должно да достави:
– доказ дека е регистрирано за вршење на соодветната дејност,
– референтна листа на извршен надзор за градби од прва и втора категорија утврдени во членот 50 на овој закон,
– финансиски бонитет за последните две години и
– доказ дека има вработено во редовен работен однос најмалку две лица со овластување А за вршење на надзор.
Согласно ставот 5 на овој член од Законот, со барањето за добивање лиценца Ц правното лице е должно да достави:
– доказ дека е регистрирано за вршење на соодветната дејност,
– референтна листа на извршен надзор за градби од трета категорија утврдени во членот 50 на овој закон и
– доказ дека има вработено во редовен работен однос најмалку две лица со овластување Б за вршење на надзор.
Според ставот 6 на овој член од Законот, со барањето за добивање лиценца Д и Е правното лице е должно да достави:
– доказ дека е регистрирано за вршење на соодветната дејност и доказ дека има вработено во редовен работен однос најмалку едно лице со овластување Б за вршење на надзор.
Во ставот 7 на овој член од Законот е предвидено дека лиценците од ставот 3 на овој член ги издава Министерството за транспорт и врски и за издадените лиценци води регистар. Лиценцата не се пренесува. Според ставот 8 на овој член од Законот, за добивање на лиценците од ставот 3 на овој член правното лице е должно да плати соодветен надоместок. Висината на надоместокот во зависност од видот на лиценцата ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот и истата не може да биде пониска од 500 евра во денарска противвредност, ниту повисока од 3.000 евра во денарска противвредност. Во ставот 9 на овој член од Законот е предвидено дека средствата остварени од надоместокот за добивање на лиценца А, Б, Ц и Д се приход на Буџетот на Република Македонија. Согласно ставот 10 на овој член од Законот, важноста на лиценците од ставот 3 на овој член изнесува седум години, со можност за нивно продолжување за уште седум години во постапка иста како и за добивање на лиценца, освен надоместокот кој се плаќа еднократно. Според ставот 11 на овој член од Законот, лиценците од ставот 3 на овој член може да се одземат доколку се утврди дека правното лице не исполнува некои од пропишаните услови за нивно издавање. Согласно ставот 12 на овој член, начинот за издавање, одземање и продолжување на лиценците од ставот 3 на овој член, формата и содржината на образецот на лиценците и начинот на водењето на регистарот, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

Судот на седницата утврди дека според член 84 став 1 од Законот, сопственикот на објектот е должен преку тековно и инвестиционо одржување да ги сочува основните барања за градбата. Според ставот 2 на овој член од Законот, за работите од ставот 1 на овој член, сопственикот на објектот може да определи лице управител на одржување кој врши или огранизира тековно и инвестиционо одржување на објекти од прва, втора и трета категорија од членот 50 на овој закон, во согласност со проектот за употреба и одржување. Според ставот 3 на овој член од Законот, управител на одржување може да биде правно лице регистрирано во Централниот регистар. Управител на градби од прва и втора категорија од членот 50 на овој закон е правно лице кое има лиценца А издадена од Министерството за транспорт и врски. Управител на градби од трета категорија од членот 50 на овој закон е правно лице кое има лиценца Б издадена од Министерството за транспорт и врски. Согласно ставот 4 истиот член, за добивање на лиценците од ставот 3 на овој член управителот на одржување е должен да плати соодветен надоместок. Висината на надоместокот во зависност од видот на лиценцата ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, и истата не може да биде пониска од 200 евра во денарска противвредност, ниту повисока од 1.000 евра во денарска противвредност. Во ставот 5 на овој член од Законот е предвидено дека средствата остварени од надоместокот за добивање на лиценците А и Б се приход на Буџетот на Република Македонија. Согласно ставот 6 на овој член, за издадените лиценци од ставот 3 на овој член Министерството за транспорт и врски води регистар. Лиценцата не се пренесува. Според ставот 7 на овој член од Законот, важноста на лиценците од ставот 3 на овој член изнесува пет години, со можност за продолжување за уште пет години. Во ставот 8 на овој член од Законот е предвидено дека начинот за издавање, одземање и продолжување на лиценцата од ставот 3 на овој член, формата и содржината на образецот на лиценците и начинот на водењето на регистарот, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот. Согласно ставот 9 на овој член, со барањето за добивање на лиценци од ставот 3 на овој член правното лице е должно да достави:
– доказ дека е регистрирано за вршење на соодветна дејност,
– референтна листа на изведени градби од членот 50 на овој закон и
– доказ дека има вработени најмалку пет лица со овластување А, односно две лица со овластување Б од членот 32 на овој закон.

5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот, покрај другите, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата .

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба, а според ставот 2 граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 1 од Законот за градење е определено дека со овој закон се уредуваат градењето, основните барања на градбата, правата и обврските на учесниците во изградбата, проектната документација, градилиштето, употребата, одржувањето, здружувањето во комора и други прашања од значење за градењето.

Членот 12 од Законот определува дека учесници во изградбата се правни и физички лица: носител на правото на градење (во натамошниот текст: инвеститор), проектант, ревидент, изведувач и надзорен инжинер.

Според член 13 од Законот, инвеститор е правно или физичко лице кое стекнало право на градење, а во чие име и за чија сметка се гради градбата. Право на градење има: лице сопственик на земјиштето на кое се гради градбата, лице кое стекнало право на долготраен закуп на градежно земјиште, концесионер, носител на правото на службеност заради градба, лице на кое сопственикот на земјиштето или носителот на правото на долготраен закуп на градежното земјиште го пренел правото на градење со правна работа и лице кое врз основа на одлука на државен орган му е признаено правото на сопственост на земјиштето согласно со закон. Согласно ставот 2 на овој член, инвеститорот е должен проектирањето, ревизија на проектот, градењето и надзорот над градбата да го довери на лица кои ги исполнуваат условите пропишани со овој закон.

Согласно член 14 став 1 од Законот, инвеститорот може да определи лице управител на градба, кое во негово име ќе ги води сите организациони работи за следење на процесот на градење, од ниво на идеја, преку проект, изградба, се до добивање на одобрение за употреба, со финансиско и материјално следење на средствата во процесот на изградбата за градби од прва до трета категорија, од членот 50 на овој закон. Управител на градба може да биде лице регистрирано во трговскиот регистар за вршење на таа дејност, ако има лиценца и вработено најмалку едно лице од архитектонска или градежна струка со овластување.

Во ставот 2 на овој член од Законот е определено дека за добивање на лиценцата од ставот 1 на овој член управителот на градбата е должен да плати соодветен надоместок. Овој став имал и втора реченица која што гласела: „Висината на надоместокот ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот“. Меѓутоа, оваа реченица била укината со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр. 155/2005 од 22 март 2006 година, поради немање на критериуми врз основа на кои надлежниот министер би ја утврдувал висината на надоместокот за лиценцата. И покрај тоа што овој дел од законската одредба бил укинат, законодавецот во членот 5 став 1 од Законот за измени и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2008), во одредбата што веќе не е во правниот поредок, извршил измена на тој начин што предвидел дека во членот 14 став 2 во втората реченица по зборот „надоместокот“ се додаваат зборовите: „во зависност од реално направените трошоци потребни за издавање на истата“.

Согласно ставот 3 на овој член, средствата остварени од надоместокот за добивање на лиценца за управител на градба се приход и истите се уплатуваат на сметката на Комората.

Според ставот 4 лиценцата од ставот 1 на овој член се издава за седум години со можност за нејзино продолжување. За издадените лиценци се води регистар. Лиценцата не се пренесува. Лиценците ги издава, одзема и води регистар за нив Министерството за транспорт и врски.

Начинот за издавање, продолжување и одземање на лиценцата од ставот 1 на овој член, формата и содржината на образецот на лиценцата, формата, содржината и начинот на водење на регистарот од ставот 4 на овој член како и надоместокот за добивање на лиценцата, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Со оспорените одредби се предвидени лиценци за проектантот (член 6) за изведувач (член 9), за надзорен инжинер (член 11) и за управител на одржување (член 42). Лиценците се предвидени кога овие дејности ги врши правно лице.

Сите овие лиценци ги издава Министерството за транспорт и врски (ова решение е ново, претходното предвидуваше лиценците да ги издава Комората на овластени инжинери и архитекти), со важност за 7 години, (освен лиценцата за управител на одржување која е со важност од 5 години), надоместоците за лиценци се приход на Буџетот на Република Македонија, лиценците не се преносливи, а можат да се продолжат, без повторно да се плати надоместокот.

Со измената на Законот од јули 2008 година, законодавецот ја утврдил висината на надоместокот за добивање на лиценците за проектантот и за изведувачот на градби и износот на тој надоместок е различен во зависност од видот на лиценцата (А, Б, Ц, Д, Е).

Висината на надоместокот за добивање на лиценца за надзорниот инжинер и за управител на одржување ги утврдува надлежниот министер во зависност од видот на лиценцата, а Законот ja дава рамката, односно ги утврдува најниските и највисоките износи на надоместокот.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот всушност го оспорува самото постоење на лиценците во овој сектор, сметајќи дека со системот на лиценци во оваа стопанска гранка се ограничувал слободниот пазар без уставен основ, односно дека воведувањето на лиценци за вршење на дејности од областа на градењето за правни лица кои се веќе регистрирани за вршење на тие дејности било спротивно на член 55 од Уставот. Оттука, пред Судот како спорно се постави прашањето дали режимот на лиценци за вршење на дејности е компатибилен со принципот на слободата на пазарот и претприемништвото, односно дали тој значи ограничување на слободниот пазар.

Имајќи ја предвид досегашната уставно-судска практика,Уставниот суд утврди дека во ниту еден случај не оценил дека самото постоење на режимот на лиценци значи ограничување на слободниот пазар. Имено, Судот во повеќе свои одлуки и решенија укажал дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, која отвара широки можности за реализација на стопанството и приватната иницијатива во сите области од стопанскиот систем. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати како работа само на субјектите на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството.

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквоста треба да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или слична дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополската положба и однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедувањето еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна. Оттука произлегува дека државата, односно законодавецот има право да ги уредува условите и начинот на вршењето на дејностите во сферата на градењето, односно со закон да го уредува правниот режим на вршењето на одделните дејности во оваа сфера и дека утврдувањето на лиценците, категоризацијата на лиценците и начинот на нивното добивање претставуваат елементи востановени во правниот режим на градењето кој подеднакво би требало да важи и да се однесува на сите субјекти кои ги вршат одделните дејности регулирани во Законот за градење.

6. Што се однесува до висината на надоместокот за добивање на лиценца, од наведените одредби од Законот за градење, Судот утврди дека законодавецот ова прашање во самиот закон различно го уредил. Имено, во однос на управителот на градбата (член 5 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење од 8 јули 2008 година) законодавецот, врз основа на правното становиште изразено во Одлуката на Уставниот суд У.бр. 155/2005, ги определил критериумите врз основа на кои надлежниот министер ја определува висината на надоместокот, а тој критериум е во зависност од реално направените трошоци потребни за издавање на лиценцата. Самиот факт што оваа измена на Законот е извршена со дополнување на одредба што не е веќе во правниот поредок го покренува прашањето за нејзината согласност со уставното начело на владеењето на правото поради што Судот по сопствена иницијатива оцени дека во однос на одредбата од членот 5 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2008) основано може да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со Уставот, односно со принципот на владеењето на правото утврден во Уставот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

7. Во однос пак на определувањето на висината на надоместокот за другите учесници во градењето, Судот утврди дека законодавецот имал поинаков пристап, во таа смисла што за едните (проектант и изведувач) ја определил висината на надоместокот, а за други (надзорен инжинер и управител на одржување) само ја определил рамката на надоместокот оставајќи висината да ја утврди надлежниот министер.

Од анализата на овие одредбите од Законот (а без намера да се прави споредба на нивната меѓусебна усогласеност, за што Уставниот суд не е надлежен) несомнено произлегува дека прашањето за висината на надоместокот за добивање на лиценци во сферата на градењето) во Законот за градењето е различно уредено. Според Судот, право е на законодавецот да ја утврди обврската за плаќање на надоместок за издавање на лиценцата како и да ја определи неговата висина, било во фиксен износ или пак во определена рамка. Според оценката на Судот, самиот факт што во Законот за градењето (во членот 50) законодавецот направил дистинкција односно категоризација на градбите, како и категоризација на самите лиценци во зависност од видот односно категоријата на градежниот објект, претставуваат доволна рамка и критериум врз основа на кој законодавецот за различните лиценци предвидел и различни износи на надоместокот за нивното издавање. Дали пак одделните износи на лиценците се високи или ниски, е прашање на целисходност што го оценува законодавецот, а не Уставниот суд. Поради наведените причини, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на одредбите од членовите 15 став 3 во делот: „и кое поседува соодветна лиценца за проектирање“ и ставовите 4, 5, 7, 8, 9, 10 и 11; член 22 ставови 2, 3, 4, 5, 6, 8, 9, 10, 11 и 12; член 28 став 2 во делот: „и доколку правното лице поседува соодветна лиценца за надзор над градбата“, ставови 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12; и член 84 од Законот за градење со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

8. Со иницијативата се оспоруваат и неколку одредби од Законот кои се однесуваат на доказите што треба да ги достават правните лица при поднесувањето на барањето за добивање лиценца. Станува збор за одредбата од член 7 од Законот за измени и дополнувања на Законот за градење, со кој всушност во основниот текст на Законот се додава нов член 15-а кој во став 1 алинеја 3 и во став 2 алинеја 3, предвидува дека со барањето за добивање лиценца А односно лиценца Б правното лице – проектант е должно да достави и доказ за висината на осигурување од одговорност за штета која би можело правното лице да ја направи на трети лица. Во однос на овие оспорени одредби Судот оцени дека законодавецот има право да ги утврди потребните докази што треба да се достават кон барањето за добивање на лиценца и во таа смисла да утврди обврска за осигурување од одговорност за штета што правното лице би можело да ја направи на трети лица, поради што утврди дека во однос на одредбата од членот 15-а од Законот за градење не може да се постави прашањето за согласноста со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

9. Понатаму, за подносителот на иницијативата се спорни и одредбите од член 10 и член 11 (односно членовите 22-а и член 28 од основниот текст на Законот) со кои е предвидено кон барањето за добивање на лиценца од определена категорија да се достави референтна листа на изведени градби од истата категорија. Подносителот на иницијативата смета дека овие одредби се противречни од причина што со нив барателот на лиценца требало да докаже дека изведувал градби без лиценца, што било забрането со Законот.

Според оценката на Судот, овие оспорени одредби, би можеле да се толкуваат на овој начин само доколку во времето на донесувањето на Законот за градењето постоел, односно веќе бил воспоставен режимот на лиценци во оваа област, што не е случај. Имено, режимот на лиценци во сферата на градењето за прв пат во Република Македонија бил воведен токму со Законот за градењето во 2005 година, така што практично сите оние правни лица кои пред влегувањето во сила на овој закон вршеле некои од дејностите од сферата на градењето, истите ги обавувале без лиценца, бидејќи според тогаш важечките прописи таква не била потребна. Оттука, според мислењето на Судот, оспорените одредби не се во функција на докажување дека барателите на лиценци изведувале градби без лиценца, односно спротивно на законот, туку се во функција на признавање и на определен начин, на валоризирање на она што овие правни лица веќе го постигнале, односно сработиле во времето кога не постоел режим на лиценци во оваа област. Поради наведеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 22-а со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 239/2008
17 јуни 2009
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply