100/2009-0-0

100/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 74 став 3 од Законот за клалсифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 74 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија. Имено подносителот на иницијативата го цитира оспорениот член 74 алинеја 3 и ги цитира членовите 35 став 1, 38 и 42 став 2 од Законот, кои се дел од содржината на оспорениот член и заклучува дека во наведените одредби не постоеле казнени дејствија, а кои биле надвор од овие одредби предвидени само во казнената одредба од оспорениот член 74 алинеја 3 од Законот, од кои причини оспорениот член бил неприменлив во практиката.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 74 став 1 алинеја 3 од Законот за класифицирани информации поместен во дел VII „Казнени одредби” било предвидено дека „За сторен прекршок овластеното лице ќе се казни со парична казна од 1.000 до 50.000 денари или со казна затвор од 5 до 90 дена ако издаде безбедносен сертификат на лицето кое во барањето до Дирекцијата за издавање на безбедносен сертификат навело неточни податоци во безбедносниот прашалник или достави несоодветни документи пропишани со овој закон (член 35 став 1, член 38 и член 42 став 2).

Судот, понатаму утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007) оспорениот член 74 е променет и неговата содржина гласи:

„Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице – корисник на класифицирана информација, ако:

– не ги преземе потребните активности за прием, обработка, утврдување на корисниците и не изврши распоредување и проследување на класифицираните информации до нив, согласно со одредбите на членот 22 ставови 2 и 3 на овој закон,

– не ги спроведе мерките за административна, физичка, информатичка и индустриска безбедност на клалсифицираните информации, како и за безбедност на лицата корисници на класифицираните информации, согласно со одредбите на членовите 25 до 29 на овој закон,

– не постапува со класифицираните информации, согласно со одредбите од членот 54 став 1 на овој закон,

– не извести за престанок на исполнетост на некој од условите врз основа на кои е издаден безбедносен сертификат, согласно со одредбите од членот 54 став 1 на овој закон и

– го попречува вршењето на инспекцискиот надзор согласно со членот 72-б на овој закон“.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи предвид дека со влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007) е изменет оспорениот член 74 од Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“ бр. 9/2004) и со тоа во правниот поредок престанала да постои оспорената одредба Судот оцени дека постојат процесни претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.100/2009
17 јуни 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски