57/2009-0-0

57/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 10 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решение бр.3467/1 од 26 јануари 2007 година за формирање на Комисија за одлучување по барањата за денационализација поднесени од старешините на верските објекти на верските заедници во Република Македонија, донесено од министерот за финансии и донесените одлуки за враќање на земјоделско земјиште во КО Љубаништа по повод поднесено барање на Македонската православна црква.

2. Здружение на граѓани „Љубители на љубанишкиот крај“ од Љубаништа-Охрид преку Крсте Велески од Охрид, во својство на претседател на Здружението на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата, меѓу другото, се цитираат повеќе одредби од Законот за денационализација и се наведува дека со донесување на актот за формирање на Комисија за денационализација на верските објекти со единствено седиште на територијата на Република Македонија се создавала состојба по барањата за денациона-лизација да одлучува уште еден орган, иако, согласно критериумите од членот 48 од Законот, биле формирани уште други единае сет комисии.

Оттаму, актот за формирање на Комисија за денационализација на верските објекти со единствено седиште на територијата на Република Македонија, немал законска основа и бил споротивен на членот 48 од Законот за денационализација, доведувал до нерамноправна положба на апликантите за денационализација кои барањата за денационализација ги поднеле до органите формирани согласно членот 48 од Законот, наспроти оние кои барањата ги поднеле до Комисијата формирана врз основа на оспорениот акт, со што се повредувал и членот 9 од Уставот. Ваквиот дуализам на доставување на барањата и одлучувањето по нив од страна на различно формирани органи доведувал до одвоено одлучување по барања кои се однесувале на еден ист имот и спречувал да дојде до спојување на постапките по така поднесени барања, како можност определена во членот 47 став 3 од Законот за денационализација, а последицата од тоа била повреда на правото на жалба на субјектот чие барање било одбиено, што не било во согласност со членот 15 од Уставот.

Поради наведените причини Здружението предлага Уставниот суд да го прибави актот за формирање на Комисијата за денационализација на верските објекти, како и да ги прибави донесените одлуки по барањата на Македонската православна црква за враќање на земјоделско земјиште во КО Љубаништа и по поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти истите да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека, врз основа на член 15 од Законот за денационализација („Службен вес ник на Република Македонија“ бр.20/1998 и 31/2000) и член 23 од Правилникот за организација и работа на Министерството за финансии бр.01-8440/1 од 9 април 2004 година министерот за финансии на 26 јануари 2007 година донел решение за формирање Комисија за одлучување по барањата за денационализација поднесени од старешините на верските објекти на верските заедници во Република Македонија.

Во членот 1 од оспореното решение определено е дека се формира наведената комисија и тоа во состав од Љубомир Јорданов (Министерство за финансии) како претседател, Менка Хаџи Николова (Министерство за финансии), Христо Карајџиев (дипломиран правник), Маја Димитриевска (Министерство за финансии) и Зоран Глигоров (Министерство за финансии), како членови.

Според членот 2 од оспореното решение, седиштето на Комисијата е во Министерството за финансии.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Од називот и содржината на оспореното решение произлегува дека истото по својот карактер не претставува пропис со кој на општ начин се уредуваат определени односи, односно прашања на неопределен број на субјекти во правото, во смисла на членот 110 алинеја 2 од Ус тавот, бидејќи со него се формира конкретна комисија за одлучување по барањата за денационализација поднесени од старешините на верските објекти на верските заедници во Република Македонија, со определување на конкретни лица во нејзиниот состав, од кои само едно не е од Министерството за финансии што на оспорениот акт му дава карактер на поединечен, конкретен, организациски акт.
Судот, исто така, по однос на оспорените конкретни одлуки донесени од страна на наведената комисија по повод барањата на Македонската православна црква за враќање на земјоделско земјиште во КО Љубаништа оцени дека немаат карактер на пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, бидејќи со нив е одлучено по барање на конкретни субјекти за конкретен имот, со што истите имаат карактер на конкретни управни акти. Од наведените причини оспорените одлуки не беа прибавени во текот на претходната постапка.

Со оглед на тоа што оспорените акти не се пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку се поединечни, односно конкретни акти, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран С улејманов.

У.бр.57/2009
10 јуни 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply