52/2009-0-0

52/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 3 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 став 3 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 155/2008 и 163/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оглед на тоа што во поднасловот: „Ослободување од плаќање на данок и такса“ и во ставовите 1 и 2 на овој член се зборувало само за ослободување од плаќање на данок и такса, немало никаква уставно-правна логика за постоење на оспорениот став 3 од член 11 од Изборниот законик. Со оспорениот став 3 не се решавала судбината на ставовите 1 и 2 за да би требало да постои и оспорениот став, а тоа значело дека не постоеле никакви законски рамки за донесување на подзаконски акт од страна на министерот за финансии. Од тие причини подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот став се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 33, член 51, член 68 став 1 алинеи 2 и 3, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија и предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 11 став 3 од Изборниот законик.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 11 став 1 од Изборниот законик, за дејствијата, актите, поднесоците и другите списи во врска со спроведувањето на изборите, во изборната постапка, печатењето на гласачките ливчиња и набавката на изборен материјал не се плаќа царина и данок. Согласно ставот 2 на истиот член, сите дејствија и акти на државните органи, сите поднесоци и докази во врска со евиденцијата на избирачкото право се ослободени од плаќање на такси и данок. Со оспорениот став 3 на овој член од Законикот е предвидено дека министерот за финансии ќе донесе прописи со кои на единствен начин ќе го уреди постапувањето при оданочување со данок на додадена вредност на прометот на гласачките ливчиња и изборниот материјал потребен за спроведување на изборите.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеите 3, 4 и 5 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Според член 1 од Изборниот законик, со овој законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Македонија (во натамошниот текст: претседател на Републиката), за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: пратеници), за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје (во натамошниот текст: членови на советите), за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје (во натамошниот текст: градоначалник), начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места.

Спроведувањето на изборите е уредено во посебна глава VII од Изборниот законик, при што финансиските аспекти на спроведувањето на изборите се уредени во неколку члена од Законикот. Во член 88, став 1 од оваа Глава со наслов – средства за спроведување на изборите е определено дека средствата за спроведување на изборите се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и со нив располага Државната изборна комисија. Согласно ставот 2 на овој член, од средствата наменети за изборите две третини служат за покривање на трошоците поврзани со изборните дејствија на органите за спроведување на изборите, а согласно ставот 3 на истиот член, една третина од средствата за спроведување на изборите служи за покривање на дел од трошоците што ги направиле организаторите на изборната кампања чии кандидати се избрани.

Согласно членот 89 од Изборниот законик, изборниот материјал за спроведување на изборите се состои од: кутии за гласање и паравани, обрасци на записници и дневник за работа на избирачкиот одбор, блок со гласачки ливчиња според изводот од Избирачкиот список, листи на кандидати, потпишан извод од Избирачкиот список, средства за обележување и проверка на лицата кои гласале (УВ ламба, спреј и графитно перниче), печати, упатство за гласање и друг материјал потребен за гласање.

Во членот 11 се уредува прашањето на ослободување од плаќање на данок и такса. При тоа во ставот 1 на овој чллен од Изборниот законик е утврдено ослободување од царина и данок за дејствијата, актите, поднесоците и другите списи во врска со спроведувањето на изборите, во изборната постапка, печатењето на гласачките ливчиња и набавката и увозот на изборниот материјал. Во ставот 2 на истиот член од Законикот се утврдува ослободување од плаќање на такси и данок за сите дејствија и акти на државните органи, сите поднесоци и докази во врска со евиденцијата на избирачкото право.

Во оспорениот став 3 на овој член од Законикот, се овластува министерот за финансии да донесе прописи со кои на единствен начин ќе го уреди постапувањето при оданочување со данок на додадена вредност на прометот на гласачките ливчиња и изборниот материјал потребен за спроведување на изборите.

Подносителот на иницијативата оваа одредба ја оспорува од аспект на уставниот принцип на поделба на власта со образложение дека немало никаква уставно-правна логика за постоење на оспорениот став 3 од член 11 од Изборниот законик, дека со него не се решавала судбината на ставовите 1 и 2 и дека не постоеле никакви законски рамки за донесување на подзаконски акт од страна на министерот за финансии.

Овие наводи во иницијативата за Судот се неприфатливи од причина што со прописите што ги донесува министерот за финансии врз основа на оспорената одредба од ставот 3 на овој член од Законикот, не се утврдуваат даночни и царински ослободувања, бидејќи тие се утврдени во претходните ставови (1 и 2) на овој член, туку со подзаконскиот акт, министерот за финансии согласно Законот го уредува на единствен начин постапувањето при оданочувањето со данок на додадена вредност на прометот на гласачките ливчиња и изборниот материјал.

Поаѓајќи од фактот дека во иницијативата нема посебни аргументи за оспорување на наведената законска одредба, туку само наводот дека не постоеле законски рамки за донесување на подзаконски акт од страна на министерот за финансии, без при тоа да се наведат уставни аргументи зошто оспорената одредба од Законикот не била во согласност со Уставот, Судот оцени дека Министерството за финансии како еден од органите на државната управа, работите од својата надлежност ги извршува врз основа и во рамките на Уставот и законите. Во тој контекст, врз основа на Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот е овластен да донесува акти за извршување на законите.

Во конкретниот случај, овластувањето на министерот за финансии да донесува поблиски прописи со кои на единствен начин ќе го уреди постапувањето при оданочувањето со данок на додадена вредност на прометот на гласачките ливчиња и изборниот материјал, всушност значи дека тие прописи ги носи во функција на операционализација на овој закон. Имено, самото ослободување од данокот се врши во определена постапка, така што подзаконскиот акт за чие што донесување министерот за финансии е овластен со оспорената одредба, има за цел да го уреди на единствен начин постапувањето на надлежниот орган при спроведувањето на ослободувањето од данокот за набавката на материјалите потребни за спроведување на изборите (набавка и печатење на гласачките ливчиња, кутии за гласање, УВ ламби, обрасци и сл.). Ваквото толкување на оспорената одредба произлегува од целината на членот 11 од Изборниот законик, иако во самиот оспорен став 3, можеби не сосема соодветно се употребени термините „постапување при оданочување со данок на додадена вредност на прометот на гласачките ливчиња“. При тоа за Судот не е спорно дека гласачките ливчиња не се предмет на промет, туку станува збор за ослободување од давачките за набавката на хартиијата од која што се изработуваат гласачките ливчиња, како и за активностите поврзани со самото печатење на ливчињата.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека овластувањето на министерот утврдено во оспорената одредба од Законикот, е во функција на поедноставно и поконкретно разработување на законските одредби за данокот на додадена вредност, и истите се во согласност со неговите надлежности како орган на државната управа, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 11 став 3 од Изборниот законик со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 52/2009
3 јуни 2009
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply