2/2009-0-0

2/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 27 став 1 во делот

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 152 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, определувањето, во член 27 став 1 и член 29 ставовите 3, 4 и 6 од означениот закон, бракот да се склучува во присуство на одборник во собрание на општината, не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија со оглед дека во Амандман XVII на Уставот не постоеле називите „одборник“ и „собрание на општината“, туку претставници на единицата на локалната самоуправа, а тоа се, според член 31 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 16 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006), советниците во советот на општината и градоначалникот.

Во однос на член 152 став 3 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека овластувањето на центарот за социјални работи да ја утврдува висината на надоместокот на трошоците за старателот значело овозможување на орган од извршната власт- центарот за социјални работи да врши работи кои припаѓаат на законодавната власт, а тоа не било во согласност со владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодовна, изввршна и судска определени во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.

4. а) Судот на седницата утврди дека според член 27 став 1 од Законот за семејството: „Бракот се склучува во присуство на лицата кои сакаат да склучат брак, одборникот во собранието на општината што тоа ќе го определи (оспорен дел), двајца сведоци и матичарот“.

Според член 29 став 3 од Законот: „Откако одборникот на собранието на општината (оспорен дел) ќе утврди дека нема приговор на извештајот на матичарот, ги запознава идните брачни другари со значењето на бракот и правата и обврските што произлегуваат од него. Потоа го прашува поединечно секој од идните брачни другари дали се согласува да склучи брак со идниот брачен другар“.

Во став 4 од истиот член на Законот се определува дека: „Изјавата на идните брачни другари дека се согласни да го склучат бракот, матичарот ќе ја запише во матичната книга на венчаните, во која потоа се потпишуваат идните брачни другари, одборникот во општината (оспорен дел), сведоците и матичарот“.

Според став 6 од истиот член на Законот: „По потпишувањето од двајцата идни брачни другари, одборникот на општината (оспорен дел) ќе прогласи дека меѓу жената и мажот, наведени со нивните лични имиња, бракот е склучен“.

б) Со точка 1 од Амандман XVII на Уставот на Република Македонија се определува дека: „Во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.“

Од изнесената одредба на Амандманот, во врска со називите на лицата и органите во единиците на локалната самоуправа, произлегува дека граѓаните се застапувани од претставници во единиците на локалната самоуправа.

Со оглед на тоа што член 27 став 1 и член 29 ставовите 3, 4 и 6 на Законот определуваат други изрази за лицата и органите во единиците на локалната самоуправа-„одборник“ и „собрание на општината“ од оние определени во Амандман XVII на Уставот, пред Судот се постави прашањето дали оспорените делови од означените законски одредби се терминолошки усогласени со уставните определби за локалната самоуправа и поради тоа дали е обезбедена темелната вредност владеењето на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 и определбата за согласност на законите со Уставот изразена во член 51 од Уставот.

5. а) Судот, исто така, утврди дека според член 152 од Законот: „Старателот ги врши своите должности, по правило без надоместок“ (став 1); „Центарот за социјална работа може на старателот да му определи и надомест како награда, ако вложил дополнителен труд и се истакнал во вршењето на своите должности“ (став 2).

Според оспорениот став 3 на член 152 од Законот: „Висината на надоместокот на трошоците за старателот од став 2 на овој член ја утврдува центарот за социјална работа“.

Од изнесените законски одредби произлегува дека овластувањето на центарот за социјални работи да ја утврдува висината на надоместокот на трошоците за старателот, определено во член 152 став 3 од Законот, има објективизирани критериуми за утврдувањето на висината на тој надоместок определени во член 152 став 2 од Законот, а тоа е вложениот дополнителен напор на старателот и значењето на извршената работа од старателот за правата и интересите на лицето под старателство.

б) Со оглед на тоа што овластувањето на центарот за социјални работи да ја утврдува висината на надоместокот на трошоците за старателот се заснова на објективизирани критериуми определени во Законот, Судот оцени дека таквото овластување на Центарот е во функција на практично извршување на законските одредби, а не негово навлегување во законодавната власт и пропишување на законодавни правила од орган на извршната власт како што смета иницијаторот, поради што нема повреда на темелните вредности владеењето на правото и поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, определени во член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.2/2009
27 мај 2009 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply