Одлука У.бр.71/2008

У.бр.71/2008-1

 Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 март 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 1 став 2, 26 точка 2, 34, 36 точки 9 и 10, 40 став 3, 44 ставови 3, 4 и 5, 48, 49 ставовите 2 и 4 , 50 и 51 од Правилникот за заштита на авторските права и распределба на авторските надоместоци бр. 526-1-03 донесен од Собранието на Здружението на авторските музички права на 12 октомври 2005 година и и објавен во (“Службен весник на Република Македонија” бр. 31/2007),

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Славе Димитров од Скопје со Решение У.бр.71/2008 од 24 декември 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот означен во точка 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените членови од Правилникот со Уставот и со законот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 1 став 2 од Правилникот, тој ги содржи и начините на вреднување на авторските дела и постапките за правилна распределба на авторските надоместоци.

Според оспорениот член 26 точка 2 од Правилникот, Одборот за заштита на авторските права особено, меѓу другото, врши и категоризација на музичките дела.

Според оспорениот член 34 од Правилникот музичко дело (оригинално или обработка) се категоризира во одреден вид согласно својот карактер, обликот и изведувачкиот состав со кој е изведено.

Доколку е потребно или на барање на авторот на музика (композитор), односно носителот на неговите права, одборот за заштита на авторските права го утврдува, врз основа на поднесените докази (партитура, снимка и т.н.), видот во кој се категоризира делото и според тоа донесува одлука.

Според оспорениот член 36 точки 9 и 10 од Правилникот, пријавата на дела содржи податоци за здружението, лични податоци за подносителот на пријавата и особено :
…,
9) Предлог на авторот за бројот на поените со кој делото треба да се поентира;
10) Одлука на оборот за заштита на авторските права.

Според член 40 став 3 од Правилникот останатите приходи врз оваа основа се користат за стимулирање на македонското музичко творештво и распределуваат на живите композитори кои ги штити ЗАМП сразмерно на нивното учество во пресметката за репартициските класи 100 и 300, во една календарска година.

Според оспорениот член 44 став 3 од Правилникот, програмите кои се доставени по определениот рок ќе се земаат предвид за распределба во наредната репартициска година.

Според ставот 4 на овој член од оспорениот Правилник, за распределба на авторските надоместоци во репартициската класа 700-комерцијални радио и телевизиски станици, се земаат предвид програми кои претставуваат статистички примерок.

Според ставот 5 на овој член од оспорениот Правилник, статистичкиот примерок го утврдува Управниот одбор на предлог на Стручната служба за секоја репартициска година, врз основа на увидот во содржината на добиените програми од страна на комерцијалните радио и телевизиски станици.

Според член 48 од Правилникот, авторот, односно носителот на авторски права има право да поднесе барање за дополнителна пресметка или за исправка на пресметката, доколку авторскиот надоместок не му е пресметан или му е неправилно пресметан.

Дополнителната пресметка или исправката на пресметката од претходниот став, ако се во прашање грешки настанати поради непотполни податоци или поради пропуст на администрацијата, ја решава стручната служба во рок од три месеци од денот на поднесувањето на доказниот материјал.

За барањето за измена на категоризацијата одлучува Одборот за заштита во рок од три месеци од денот на доставувањето на потполната документација.

Без оглед на формата во која се јавува изведбата на музичкото дело (со или без зборови, со кореографија и сл.), барање за измена на категоризацијата може да поднесе само авторот на музика (композиторот и аранжерот).

Според оспорениот член 49 став 2 наводите во барањето мораат да се поткрепат со докази (партитура, снимка, званична потврда и сл.), најдоцна еден месец после доставувањето на барањето.

Според оспорениот став 4 на членот 49 од Правилникот, поправката на пресметката се применува на последната пресметана репартициска година.

Според оспорениот член 50 од Правилникот против одлуката на одборот за заштита на авторски права, донесена согласно член 48 став 3 од овој правилник, авторот, односно носителот на авторски права, може да изјави жалба до Управниот одбор на ЗАМП во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката.

По жалбата од претходниот став Управниот одбор на ЗАМП решава на следната седница и неговата одлука е конечна.

Во оспорениот член 51 од Правилникот е утврдено дека јавно изведените дела со текст или без текст, изведени во репартиционата класа 100-радио се поентираат и тоа: за авизо музика, кулисна музика, сериозна музика и популарна музика.

5. По однос наводите на одговорот на Здружението за заштита на авторски музички права поднесени преку полномошникот Панче Ефтимов, адвокат од Скопје, кои се однесуват на тоа дека по однос на оспорените одредби од Правилникот Судот постапил тенденциозно мотивирано да се блокира работата на здружението, Судот оцени дека подносителот изнесува невистини, неаргументирани и правно неосновани наводи.

Во претходната постапка Судот, исто така, констатира дека Министерството за култура по барање на Судот со допис бр.45-4675/3 од 13 ноември 2008 година го извести истиот дека Министерството во постапката за давање согласност на општите акти на Здружението за заштита на авторски музички права „ЗАМП“ од Скопје, не дало согласност, поради нивна несогласност со Уставот, со Законот за авторското и сродните права, како и со Статутот на Здружението со кои тие мора да бидат усогласени. Практично ова довело до состојба на неусогласеност во работењето на Здружението и предизвиукало сериозни проблеми во спроведувањето на надзорната функција на Министерството над актите и работењето на Здружението. Во овој контекст, Министерството за култура при постапката за давање одговор на наводите во иницијативата го информира Судот дека во Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП била започната процедура за изменување и дополнување на оспорениот Правилник со Тарифата, како и Статутот на Здружението, а во Министерството за култура во фаза на изработка бил нов закон за авторското право и сродните права, чие донесување се предвидело за 2009 година.

Уставниот суд на Република Македонија при оценка на уставноста и законитоста на оспорениот Правилник ја имаше во предвид напред наведената правна и фактичка состојба во однос на наведените акти.

6. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 20 став 2 од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според член 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 47 став 2 од Уставот се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.

Со Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на Република Македонија” бр. 47/1996, 3/1998, 98/2002 и 4/2005) се уредува правото на авторите над нивните дела во областа на книжевноста, науката и уметноста и правата на изведувачите на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на радио и телевизиските организации и на изведувачите над нивните изведби и предмети на сродните права, како и остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права.

Според член 14 од наведениот закон авторско право е единствено право и неразделно од авторско дело што содржи лично правни овластувања (морални права) исклучиви имотно правни овластувања (материјално право) и други овластувања на авторот.

Според член 18 од Законот, материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот. Користењето на авторското дело е дозволено кога авторот го пренел материјалното авторско право согласно со овој закон и согласно со условите што ги определил, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Според член 19 став 1 од Законот, авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција, дистрибуција, вклучувајќи и изнајмување и позајмување, јавно изложување, јавно соопштување и преработување.

Во Глава VI од Законот посебно е уредено прашањето на остварување на авторските права. Имено, во член 135 и член 136 е предвидено дека авторот своите морални, материјални или други права може да ги остварува лично или преку застапник, при што авторското право се остварува одделно за секое авторско дело (индивидуално остварување) или доколку со овој закон е определено заедно со повеќе авторски дела од повеќе автори (колективно остварување).

Според член 141 од Законот, колективно остварување вршат здруженија на автори, односно здруженија на носители на сродни права, основани за таа цел, како здруженија на граѓани во согласност со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите, односно стопански интересни заедници во согласност со Законот за трговските друштва .

Здружението работи со непрофитна цел и може да врши само колективно остварување на авторското право. Со здружението управуваат членовите, во согласност со овој и друг закон.

Согласно член 143 од Законот, здружението се регистрира во надлежен орган, а почнува со работа по издадена дозвола од Министерството за култура. Дозволата се издава на здружение кое ги исполнува законски пропишаните услови.

Според член 144 став 1 од Законот, Министерството за култура издава дозвола на здружението врз основа на јавен конкурс што се објавува во „Службен весник на Република Македонија“. Согласно став 2 на истиот член, за колективно остварување на утврдените права од членовите 139 и 140 на овој закон, за ист вид авторски дела, по правило се издава дозвола само на едно здружение.

Согласно член 145 став 1 од истиот закон, Министерството за култура ќа ја одземе издадената дозвола, доколку здружението не ги остварува обврските утврдени со статутот и овој закон.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека законодавецот се определил во сферата на остварување на авторските права, авторите и носителите на сродни права да можат да основаат здруженија на граѓани кои ќе вршат колективно остварување на авторското право. Во оваа смисла, дозволата која Министерството за култура ја издава на здружението согласно член 144 од Законот за авторското право и сродните права претставува доверување на вршење на јавно овластување, кое поблиску се уредува со овој закон. Притоа, државата го задржала правото на надзор над остварувањето на пренесеното јавно овластување, така што согласно член 155 од Законот, се утврдува дека надзор над колективното остварување на авторското право и на сродните права врши Министерството за култура, согласно со овој и со друг закон.

Во рамките на пренесеното јавно овластување, законодавецот го овластил Здружението кое има дозвола, да учествува во определувањето на надоместоците за користење на делата. Така, со ставот 1 на член 146 од Законот, се утврдува дека надоместоците за користење на делата првенствено се утврдуваат со договор меѓу здружението за колективно остварување и националниот радиодифузен сервис, како и со договор меѓу здружението за колективно остварување и соодветно здружение на корисниците, односно нивна комора. Во таа смисла, со ставот 4 на истиот член се утврдува обврска за двете страни да преговараат за висината на надоместокот, при што одбивањето на овие преговори од страна на здружението за колективно остварување претставува основа за одземање на дозволата, а одбивањето на преговорите од страна на корисниците, ќе подразбира основ за примена на правилникот со тарифата на здружението, донесен во согласност со ставот 2 на истиот член.

Според став 2 на овој член од Законот, доколку надоместокот не е определен согласно со ставот 1 на овој член, тој се плаќа согласно со правилникот за користење на авторските дела со тарифата за висината на надоместоците на здружението за колективно остварување, на кој согласност дава Министерството за култура.

Со член 146-б од Законот се пропишува основот и начинот на определувањето на висината на надоместокот за користење на авторско дело, во зависност од начинот и условите на користење на делото. Така, се утврдува дека доколку користењето на авторското дело е нужно за вршење на дејноста на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користењето на делата, како во случај на радиодифузното користење, концертните, танчерските и другите користења, висината на надоместокот во правилникот со тарифата се определува, по правило, во процент од приходот, односно добивката којашто корисникот ја остварува со користењето на авторското дело. Доколку со користењето на авторското дело не се остварува приход, односно добивка, висината на надоместокот во правилникот со тарифата може да се определи во процент од трошоците потребни за користење на делото, како што се: надоместоците или платите на уметниците, трошоците за користење на просторот при користење на делата или други соодветни трошоци. Доколку користењето на авторското дело не е нужно за вршење на дејноста на корисникот, меѓутоа е корисно или пријатно за корисниците на нивните услуги, како во случај на: хотелските објекти или другите објекти за сместување, изложбените простори, угостителските објекти, превозните средства и другите јавни објекти, висината на надоместокот во правилникот со тарифата се определува во паушален износ, и тоа како за постојаните така и за повремените користења на делата. При определувањето на висината на паушалниот надоместок во правилникот со тарифата, како и во случај на надоместокот од став 3 на овој член се земаат предвид околностите на користењето, како што се: видовите на користење, подрачјето на користење (бројноста на потенцијалните корисници), категоријата и големината на просторот, траењето и бројот, како и разликата во висината на цените во работењето на корисникот.

Според членот 147 од Законот, Здружението донесува правилник за распределба на авторските надоместоци во рок од три месеца од издавањето на дозволата за колективно остварување, усогласен со статут и со овој закон.

Правилникот од ставот 1 на овој член содржи одредби, особено за:
– видови дела и видови права, како и нивна категоризација и видови на носители на права;
– утврдување на удели на одделни носители на правата во наплатените надоместоци;
– утврдување на износите за исплата на надоместоците по одбивањето на трошоците за остварување на правата;
– издвојување на износите и нивно распределување по класи и фондови;
– издвојување на определени износи во резервни фондови утврдени со статутот или произлегуваат од меѓународните договори за заемно застапување на здруженијата за колективно остварување на правата и
– рокови во кои се вршат пресметките и исплатите на распределените надоместоци.

Здружението го доставува правилникот од ставот 1 на овој член до Министерството за култура за согласност. Правилникот, за кој е дадена согласност, здружението го објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

Средствата од наплатените надоместоци можат да се користат само во согласност со одредбите од правилникот од ставот 1 на овој член.

За покривање на трошоците на здружението можат да се користат најмногу 30% од прибраните авторски надоместоци.

Поединечните пресметки и исплатите на надоместоците мораат да се вршат најмалку еднаш годишно.

Финансискиот план за прибраните средства за распределба и исплата на надоместоците ја утврдува собранието на здружението. Здружението е должно да го достави на увид финансискиот план до Министерството за култура во рок од 15 дена од неговото утврдување.

Непочитување на одредбите од ставовите 1 и 3 до 7 на овој член се основа за одземање на дозволата на здружението за колективно остварување на авторските права.

Тргнувајќи од анализата на членовите 14 и 147, како и од другите наведени одредби од Законот за авторското право и сродните права произлегува дека тие содржат лично-правни и имотно правни овластувања и други овластувања на авторот, односно дека Правилникот за распределба на авторските надоместоци донесен од Здружението за заштита на авторски музички права мора да е усогласен со Законот и со Статутот на Здружението.

Со оглед на тоа што оспорениот Правилник во оспорените одредби од членовите 1 став 2, 26 точка 2, членовите 34, 36 точки 9 и 10, 48, 49 ставови 2 и 4, 50 и 51 ги пропишува начините на вреднување на авторските дела од кои авторот во целост е исклучен кога е во прашање вредноста на неговото авторско дело и таа улога му е доделена на Одборот за заштита на авторски права на ЗАМП утврдено во членот 25 од оспорениот Правилник, Судот утврди дека наведените одредби од Правилникот не се во согласност со членовите 14 и 147 од Законот. Според Законот органите на ЗАМП треба да бидат воспоставени со Статутот на ЗАМП, а не со Правилник како што е случајот со Одборот за заштита на авторските права кој инаку има одлучувачка функција.

Оттука, Судот утврди дека одредбите од Правилникот со кои се уредува прашањето на надлежноста на одборот за заштита на авторски права и од овој аспект не се во согласност со Законот.

По оснос на наводот во иницијативата дека со измените на Законот за авторските права и сродните права ставот 2 од членот 147 од основниот текст на Законот веќе не постои, а кој се однесувал на тоа дека со распределбата се остварува принципот за потикнување и помагање на творештвото, а кое е предвидено во оспорениот член 40 став 3 од Правилникот, Судот оцени дека оваа одредба од Правилникот не е во согласност со членот 147 од Законот, од причина што Законот веќе со новите измени од 2008 година не предвидува можност со распределбата на авторските надоместоци да се остварува принципот за потикнување и помагање на творештвото.

Подносителот на иницијативата членот 44 ставовите 3, 4 и 5 од оспорениот Правилник ги оспорува од причини што во нив било предвидено дека распределбата на надоместоците прибрани од комерцијалните радио и телевизиски станици се вршело според програми кои претставувале статистички примерок, наместо според доставените прегледи согласно членот 152 став 5 од Законот.

Согласно членот 152 став 5 од Законот, радио телевизиските организации се должни еднаш месечно да му доставаат на надлежното Здружение прегледи на емитуваните авторски дела.

Тргнувајќи од содржината на оспорените ставови на членот 44 од Правилникот, а имајќи ја предвид содржината на одредбата од членот 52 став 2 од Законот во однос на кој се оспорува оваа одредба од Правилникот, Судот оцени дека спротивно на принципите за правна распределба, Здружението во оспорените ставови на членот 44 од Правилникот утврдило посебен режим (статистички примерок) за распределба на прибраните надоместоци од корисниците на авторски дела, со тоа што наместо средствата собрани преку статистичкиот примерок да се распределуваат на авторите сразмерно на нивното учество во приходите од истата класа, тие сразмерно се распределуваат во други две постојни репартициски класи 100-Радио и 300 Телевизии, во една календарска година.

Од горенаведените причини Судот оцени дека членот 44 ставови 3, 4 и 5 од оспорениот Правилник не е во согласност со членот 152 став 5 од Законот.

Членот 49 став 4 од оспорениот Правилник се оспорува затоа што иститот не бил во согласност со Законот, бидејќи побарувањето на надоместоците било уредено согласно прописите за облигационите односи кое застарувало за 5 години.

Согласно членот 360 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македониа”) бр. 18/2001, 4/2002, 5/2003 и 84/2008), побарувањата застаруваат зa 5 години, ако со закон не е определен некој друг рок на застареност.

Според тоа, Судот оцени дека при поединечното вреднување на делата, односно при вршењето на корекции на пресметката, мора да се определи механизам според кој наведената исправка на пресметката да се однесува за 5 години наназад, во согласност со застарувањето на паричните побарувања утврдено согласно Законот за облигационите односи. Поради наведените причини Судот утврди дека членот 49 став 4 од оспорениот Правилник не е во согласност со членот 360 од Законот за облигационите односи.

7. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.71/2008
25 март 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply