211/2008-0-0

211/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 25 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Стакларница“ Општина Кисела Вода Скопје, бр. 07-5990/5 од 5 јуни 2008 година донесена од Советот на Општина Кисела Вода („Службен гласник на Општина Кисела Вода“ бр. 9/2008).

2. „Б-А-Компани“ ДООЕЛ од Скопје и „Стакларница – Амбалажно стакло“, ДОО од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Oдлуката означена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, Одлуката била донесена спротивно на член 11 точки 1, 4, 7 и 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Рпеублика Македонија“ бр. 24/2008), од причина што планот не бил усогласен со Генералниот урбанистички план, не била водена грижа за посебните услови за предвидување на градежните парцели, не била изготвена приложена ажурирана геодетска подлога како документациона основа на планот. Со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, изградената градежна парцела КП бр. 5339 била предвидена како единечна градежна парцела, така што и нејзината поделба на повеќе парцели била недозволива од причина што земјиштето било во приватна сопственост и на него се наоѓале важни инфраструктурни подземни и надземни градби во приватна сопственост кои не би биле во функција ако се реализирал предлогот на планот и ќе се нарушел функционалниот и производствен процес на фабриката што било спротивно на член 14 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Одлуката била спротивна и на член 21 од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи не била извршена стручна ревизија на планот.

Одлуката била спротивна на член 24 став 1 и став 98 од Законот бидејќи била спроведена делумна јавна расправа по нацрт деталниот урбанистички план и предлог планот поради тоа што дел од правните лица сопственици на земјиштето не биле информирани за тоа што било предвидено за КП бр. 5339 со што бил директно прекршен член 24 од Законот, а и поради тоа што општината не се произнела писмено за посочените забелешки на правните лица сопственици на земјиштето.

Одлуката била спротивна и со член 6 од Законот за сопственост и други стварни права бидејќи со неа спротивно на овој Закон, се вршело парцелизација на приватно земјиште.

Во иницијативата понатаму се укажува дека Одлуката била спротивна и на член 26 точка 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи општината не го запазила рокот за доставување на Предлог Деталниот урбанистички план до Министерството за транспорт и врски од денот на издавање на мислењето по Нацрт деталниот план, па поради тоа што општината го преминала рокот за доставување на планот, таа била должна да ја повтори постапката за донесеување на планот.

Одлуката била спротивна и на член 26 точка 9 од Законот, бидејќи Општина Кисела Вода била должна да побара мислење од градоначалникокт на град Скопје за донесување на ДУП-от, што не било направено.

Одлуката понатаму била спротивна и на член 14 став 2 од Законот затоа што во документационата основа биле вклопени услови за градење со кои се вршело вклопување во планот на градби кои до почетокот или за време на изработката на урбанистичкиот план биле изградени или почнале да се градат спротивно на законите.

Одлуката била спротивна и на член 25 став 2 од Законот бидејќи надлежното министерство не дало позитивно мислење за планот, така што тој бил донесен без согласност на надлежното министерство.

Поради наведените причини со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука за донесување на ДУП за Стакларница, и истата да ја поништи или укине. Со иницијативата и со посебен поднесок доставен по поднесувањето на иницијативата се предлага и донесување на времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Стакларница“ Општина Кисела Вода Скопје, бр. 07-5990/5 од 5 јуни 2008 година донесена од Советот на Општина Кисела Вода („Службен гласник на Општина Кисела Вода“ бр. 9/2008) содржи 7 члена.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план „Стакларница“ – општина Кисела Вода Скопје.

Во членот 2 од Одуката е определен планскиот опфат и се дефинирани границите на локалитетот.

Во член 3 од Одлуката е дадена содржината на Деталниот урбанистички план „Стаклраница“.

Според членот 4 од Одлуката, Деталниот урбанистички план „Стакларница“ – општина Кисела Вода – Скопје, се заверува со печат на Општината Кисела Вода и потпис на Претседателот на Советот на Општина Кисела Вода.

Според член 5 од Одлуката, Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во рок од 60 дена од денот на донесувањето на оваа одлука ќе обезбеди комплетна документација за остварување на планскиот документ.

Според членот 6 од Одлуката, деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува, следи и за негова реализација се грижи Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина.

Според член 7 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен гласник на Општина Кисела Вода.

4. Во однос на постапката во која е донесена оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план „Стакларница“ Општина Кисела Вода Скопје, врз основа на документацијата која е доставена од Советот на општина Кисела Вода, во претходната постапка се утврди следната фактичка состојба:

Нацртот на Деталниот урбанистички план Стакларница, со технички број 55/2003 бил изготвен од страна на Институтот за просторно планирање, урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА од Скопје.

На Нацртот на планот била изработена стручна ревизија од страна на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, во мај 2003 година.

Изработувачот на Нацрт-планот „ИН-ПУМА“ дало одговор на стручната ревизија во септември 2003 година.

Градоначалникот на општина Кисела Вода на 26 септември 2003 година, дал стручно мислење за Нацрт планот Стакларница, заведено под бр. 13-10450 од 26 септември 2003 година.

Главниот архитект на Град Скопје дал стручно мислење по Нацрт деталниот урбанистички план Стакларница, заведено под бр. 18а-2968/1 на 4 ноември 2003 година.

Градоначалникот на општина Кисела Вода на 19 април 2004 година донел одлука за организирање јавна анкета по Нацрт Одлуката за изменување на Деталниот урбанистички план Стакларница, заведена под број 08-349/3. Соопштението за организирање на јавната анкета било објавено во Утрински весник од 22 април 2004 година.

Извештајот од одржаната јавна анкета, е од 11 февруари 2005 година, под број 08-166/1 и во него се дадени забелешките на Нацрт планот и одговорот по забелешките. Од увидот во извештајот се утврди дека двата подносители на иницијативата „Б-А Компани“ и „Стакларница – Амбалажно стакло“ учествувале на јавната анкета (анкетни листови бр. 22, бр. 24, број 08-956/1 и бр. 08-5/121), дале свои забелешки кои не биле прифатени, за што било дадено образложение.

На 11 февруари 2005 година доставено е известување до градоначалникот на Општина Кисела Вода дека забелешките од јавната анкета кои биле прифатени, изготвувачот на Планот ИН-ПУМА ги вградила во целост во Предлог планот.

На 11 февруари 2005 година Советот на Општина Кисела Вода со допис под број 07-12/1 побарало согласност за Предлог планот од Министерството за транспорт и врски.

Министерството за транспорт и врски со допис под број 13-1471 од 21 февруари 2005 година ја вратило документацијата со забелешки и со барање истите да се спроведат.

Општина Кисела Вода на 14 февруари 2007 година со допис под број 22-930/2 повторно го доставила Предлог ДУП-от за Стакларница до Министерството за транспорт и врски заради добивање согласност.

Министерството за транспорт и врски со допис под број 18-1955 од 14 март 2007 година повторно ја вратило документацијата со укажување дека не било постапено по Стручното мислење на Министерството од 2003 година како и по укажувањата при претходното враќање на документацијата од 2005 година. Истовремено во дописот било укажано и дека Предлог планот во однос на разгледуваниот Нацрт план претрпел значајни промени поради што било потребно Градоначалникот на општината повторно да спроведе јавна анкета за Нацрт планот.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода на 28 мај 2007 година со Решение формирал Комисија за спроведување на постапка за јавна анкета за Деталниот урбанистички план за Стакларница и донел Одлука за организирање повторно јавна анкета и јавна презентација.

Соопштението за организирање на повторна јавна анкета и јавна презентација по Нацрт Деталниот урбанистички план Стакларница била објавена во весникот „Дневник“ од 31 мај 2007 година.

Извештајот од спроведената повторна јавна презентација и јавна анкета по Нацрт Планот е со број 08-3280/3 од 3 декември 2007 година и во него се дадени забелешките и одговорите на нив. Видно од извештајот подносителите на иницијативата учествувале на јавната анкета, дале забелешки во анкетните листови бр. 12 и бр. 14. Нивните забелешки биле делумно прифатени.

Известувањето за постапување по извештајот е со број 22-1305/2 од 4 март 2008 година.

На 21 март 2008 година Предлог деталниот урбанистички план бил доставен до Министерството за транспорт и врски (допис бр. 22-930/4 од 21 март 2008 година) заради добивање согласност.

На 15 април 2008 година Градот Скопје дал позитивно мислење по Деталниот урбанистички план (мислење бр. 08/13-1043/1) кое општина Кисела Вода дополнително го доставила до Министерството за транспорт и врски.

Министерството за транспорт и врски на 30 април 2008 година дало согласност на Предлог Деталниот урбанистички план за Стакларница (29, 97ха) – Општина Кисела Вода (акт бр. 16-4389 од 30 април 2008 година).

Одлуката за донесување на детален урбанистички план „Стакларница“ Општина Кисела Вода – Скопје, била донесена од Советот на општина Кисела Вода на седумдесет и осмата седница одржана на 5 јуни 2008 година, под бр.07-5990/5 и оваа одлука е објавена во “Службен гласник на општина Кисела Вода” бр.9/2008.

5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Републиката е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) влезе во сила со денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“, а се применува од 1 јули 2005 година.

Според член 80 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005), постапката за донесување на урбанистичките планови започната пред денот на примената на овој закон, ќе продолжи според одредбите на законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја преминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна презентација.

Според член 85 од Законот, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија” (30 јуни 2005 година), а ќе се применува од 1 јули 2005 година.

Со оглед на тоа што во претходната постапка се утврди дека во времето на отпочнувањето на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за Стакларница во сила бил Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), и во постапката за неговото донесување веќе била помината фазата на јавна анкета, анализата на правната и фактичката состојба во врска со постапката за донесување на оспорената одлука се вршени во однос на овој закон.

Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат, со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урбанистички план.

Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според содржината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план. Во ставот 4, е определено дека документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт-планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.

Од содржината на член 17 став 1 од Законот произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.

Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 7).

Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).

Во смисла на член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа, односно јавата анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува, односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Согласно член 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според член 22 ставовите 6 и 7 и член 23 од овој закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, Судот утврди дека во текот на донесувањето на оспорениот детален урбанистички план за Стакларница биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во врска со конкретните наводи во иницијативата дека Одлуката била спротивна на член 21 од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи не била направена стручна ревизија, од доставената документација и утврдената фактичка состојба произлегува дека стучна ревизија на Нацрт деталниот урбанистички план била извршена од страна на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, во мај 2003 година, на која изработувачот на Нацрт-планот „ИН-ПУМА“ дал одговор во септември 2003 година.

Наводите истакнати во иницијативата дека, доносителот на актот не постапил согласно член 24 ставови 1 и 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), каде е предвидена обврска стручната комисија формирана од градоначалникот писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, не можат да бидат земени во предвид бидејќи постапката за донесување на конкретниот детален урбанистички план била спроведена според одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање по кој истата била и отпочната, а според овој закон таква обврска не е предвидена. Од доставената документација се утврди дека подносителите на иницијативата учествувале на двете јавни анкети, дале свои забелешки кои не биле прифатени на првата јавна анкета, за што било дадено образложение во извештајот. На втората јавна анкета забелешките на подносителите биле делумно прифатени и вградени во Предлог планот.

Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека Одлуката била донесена без да се добие мислење од градоначалникот на град Скопје, дека планот бил донесен без согласност од надлежното министерство, како и наводот дека планот не бил изготвен врз основа на ажурирана геодетска подлога. Имено, од доставената документација произлегува дека на 15 април 2008 година Градот Скопје дал позитивно мислење по Деталниот урбанистички план (мислење бр. 08/13-1043/1) кое општина Кисела Вода го доставила до Министерството за транспорт и врски, кое на 30 април 2008 година дало согласност на Предлог Деталниот урбанистички план за Стакларница (29, 97ха) – Општина Кисела Вода (акт бр. 16-4389 од 30 април 2008 година). Од доставената документација исто така произлегува дека составен дел на Деталниот урбанистички план е и Геодетскиот елаборат за ажурирана геодетска подлога изработен од Геоприм инжинеринг од Скопје под бр. 03/549-07 од 27 ноември 2007 година кој бил составен дел од документацијата во барањето за добивање согласност на Предлог деталниот урбанистички план.

За Судот се ирелевантни наводите во иницијативата дека со планот се вршела парцелизација на земјиште во приватна сопственост, како и тоа дека со планот биле вклопени градби кои биле изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план и спротивно на законите. Ова од причина што овие забелешки се однесуваат на содржината на деталниот урбанистички план, кое што прашање има изразито стучно-технички карактер и не се однесува на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно-техничките прашања и аспекти на планот излегува од границите на надлежноста на Судот утврдена со член 110 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека оспорениот план не бил во согласност со генералниот урбанистички план, односно со член 11 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план. Овој навод Судот не го прифати од причина што Уставниот суд не е надлежен да ја цени согласноста на понискиот со повисокиот урбанистички план, односно прашањето за усогласеноста на деталниот со генералниот урбанистички план е надлежност на оценка на Министерството за транспорт и врски во постапката за давање на согласност на планот.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбата од член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 211/2008
25 март 2009
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply