194/2008-0-0

194/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 25 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005 и 110/2008).

2. Александра Илиева, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот наведен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба била во спротивност со член 53 од Уставот, според кој, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Членот 10 став 3 од Законот предвидувал казнување на застапникот – полномошникот поради злоупотреба на правата, без притоа да биде прецизирано што значи злоупотреба на правата, па судијата можел во секој момент да му изрече казна на застапникот без да ја образложи, а доколку сметал дека адвокатот во нешто не се согласува со судијата и тоа можел да го претстави како злоупотреба на право, со што се ограничувала самостојноста и независноста на адвокатот, како и неговата непристрасност на најлош можен начин, што било во спротивност со член 53 од Уставот. Поради наведеното со иницијативата се бара Уставниот суд да го поништи член 10 став 3 од Законот за парничната постапка.

3. Судот на седницата утврди дека според член 10 став 1 од Законот за парничната постапка, судот е должен да настојува постапката да се спроведе без одолжување, во разумен рок, со што помалку трошоци и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата што на странките им припаѓаат во постапката. Во ставот 2 на истиот овој член од Законот е предвидено дека со парична казна од 100 до 1000 евра во денарска противвредност ќе се казни физичко лице (странка, замешувач, одговорно лице во правно лице), а со казна во висина од 500 до 2.500 евра во денарска противвредност ќе се казни правно лице, кое ќе ги злоупотреби правата што му припаѓаат во постапката, доколку со овој закон поинаку не е определено. Согласно оспорениот став 3 на овој член од Законот, со паричната казна од ставот 2 на овој член ќе се казни и застапникот (полномошник или законски застапник), доколку е одговорен за злоупотребата на правата. Во ставот 4 на овој член од Законот е пропишано дека паричната казна од ставовите 2 и 3 на овој член ја изрекува првостепениот суд. Надвор од рочиштето за главната расправа казната ја изрекува судија поединец, односно претседателот на советот. Согласно ставот 5 на овој член од Законот, против решението со кое е изречена парична казна, не е дозволена посебна жалба. Според ставот 6 на овој член од Законот, ако изречената парична казна не биде доброволно платена во рокот кој го определил судот, таа присилно се наплатува по службена должност како парично побарување според Законот за извршувањето.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото, се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандманот XXV став 4 на Уставот, со кој е заменет членот 98, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, секој, при определување на неговите граѓански права и обврски или кога е кривично гонет, има право на правично и јавно судење во разумен рок, пред независен и непристрасен трибунал основан со закон.

Според член 10 став 1 од наведената конвенција, секој има право на слобода на изразување, а според ставот 2 на овој член од Конвенцијата, остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да се подложи на формалности, услови, рестрикции или казни определени со закон и неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната сигурност, за заштита од немири или кривично дело, на здравјето или моралот, репутацијата или правата на другите, за заштита од откривање на доверливи информации или за одржување на авторитетот и непристрасноста на правосудството.

Согласно Основните принципи за улогата на адвокатите, (усвоени од страна на Осмиот конгрес на ООН за превенција на криминалитетот и третман на сторителите, одржан во Хавана во 1990), адвокатите, во заштитата на правата на нивните клиенти и во промовирањето на целите на правдата, ќе настојуваат да ги заштитуваат човековите права и основни слободи гарантирани со националното и меѓународното право и во секое време ќе делуваат слободно и во согласност со правото и признатите стандарди и етиката на правната професија (точка 14 од Принципите). Понатаму, во точката 16 од овие Принципи е утврдено дека владите ќе обезбедат адвокатите: а) да можат да ги извршуваат сите свои професионални функции без закани, попречување, малтретирање или несоодветно мешање; . . в) да не бидат подложени на закани, обвиненија или административни, економски или други санкции за кое и да било дејствие преземено во согласност со признатите професионални обврски, стандарди и етика. Согласно точката 23 од Принципите, адвокатите како и останатите граѓани имаат право на слобода на изразување, уверување, здружување и собирање… При извршувањето на овие права, адвокатите секогаш ќе се однесуваат во согласност со законот и со признаените стандарди и етика на правната професија.

Во Препораката 2000 (21) на Комитетот на министрите на Советот на Европа им се препорачува на владите на Државите членки да преземат и да ги засилат сите мерки што ги сметаат за неопходни заради имплементирање на слободата на извршувањето на адвокатската професија, при што се предвидува дека: „адвокатите не треба да бидат подложени на закани со какви и да било санкции или притисок во случај кога постапуваат во согласност со нивните професионални стандарди (Принцип 1.4). Меѓутоа, истовремено адвокатите треба: „да го почитуваат судството и да ги извршуваат своите обврски спрема судот на начин што е во согласност со домашните правни и други правила и професионални стандарди“ (Принцип 3.4)

Со Законот за парничната постапка се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за основните права и обврски на човекот и граѓанинот во споровите од личните и семејните односи, од работните односи, како и од имотните и другите граѓанско правни односи на физичките и правните лица, освен ако за некои од наведените спорови со посебен закон не е предвидено судот да одлучува според правилата на некоја друга постапка.

Оспорената одредба е поместена во делот основни одредби во кој се нормирани основните начела на парничната постапка. Во членот 10 е содржано начелото на процесна економија согласно кое судот е должен да настојува постапката да се спроведе без одолжување, во разумен рок, со што помалку трошоци и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата што на странките им припаѓаат во постапката. (член 10 став 1).

Според ставот 2 од овој член на Законот, со парична казна од 100 до 1000 евра во денарска противвредност ќе се казни физичко лице (странка, замешувач, одговорно лице во правно лице), а со казна во висина од 500 до 2.500 евра во денарска противвредност ќе се казни правно лице, кое ќе ги злоупотреби правата што му припаѓаат во постапката, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Согласно оспорениот став 3, со паричната казна од ставот 2 на овој член ќе се казни и застапникот (полномошник или законски застапник), доколку е одговорен за злоупотребата на правата.

Според ставот 4 на овој член од Законот, паричната казна од ставовите 2 и 3 на овој член ја изрекува првостепениот суд. Надвор од рочиштето за главната расправа казната ја изрекува судија поединец, односно претседателот на советот, а според ставот 5, против решението со кое е изречена парична казна, не е дозволена посебна жалба.

Во ставот 6 на овој член од Законот е предвидено дека ако изречената парична казна не биде доброволно платена во рокот кој го определил судот, таа присилно се наплатува по службена должност како парично побарување според Законот за извршувањето.

Случаите кога првостепениот суд може да изрече парична казна од член 10 став 2 и 3 на овој закон, се утврдени во натамошните одредби на Законот, и тоа: кога странката, замешувачот, полномошникот или законскиот застапник поднеле барање за изземање на судија или судија-поротник, претседателот на советот или претседателот на судот заради очигледно попречување на судот во преземањето на одредени дејствија или заради одолжување на постапката (член 68 став 4); кога сведокот што е уредно повикан не дојде, а изостанокот не го оправда или без одобрение или оправдана причина се оддалечи од местото каде што треба да биде сослушан (член 233 став 1); кога сведокот дојде и откако е предупреден на последиците одбие да сведочи или да даде одговор на одделно прашање, а судот ќе оцени дека причините за одбивање се неоправдани (член 233 став 2); кога вештакот нема да дојде на рочиште иако е уредно повикан, а изостанокот нема да го оправда, или кога вештакот без оправдана причина одбие да врши вештачење (член 240 став 1); кога странката, законскиот застапник, полномошникот или замешувачот со свои парнични дејствија ги злоупотребиле правата признати со овој закон (член 302); кога лицето кое учествува во постапката или лицето што како слушател присуствува на расправата го навредува судот или другите учесници во постапката, ја попречува работата или не им се покорува на наредбите на претседателот на советот за одржување на редот (член 304 став 1).

Со иницијативата не се оспорува членот 10 во целина, туку само ставот 3, односно за подносителката на иницијативата е спорно само казнувањето на адвокатот, односно полномошникот од стана на судот поради злоупотреба на правото, а од аспект на членот 53 од Уставот кој ја гарантира независноста на адвокатурата. Од овие причини беше направена анализа и на Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002, 60/2006 и 29/2007) и тоа посебно оние одредби кои се однесуваат на правата и должностите на адвокатите.

Правата и должностите на адвокатите се уредени во Законот за адвокатурата, во кој се содржани повеќе одредби кои ги обврзуваат адвокатите на почитување на законите при вршењето на адвокатската дејност. Така, согласно членот 2 од Законот за адвокатурата, при остварување на адвокатската дејност, адвокатот се раководи исклучиво од интересите на странката кои ги заштитува на најдобар начин со законски средства.

Согласно членот 11 од Законот, пред да се запише во Именикот на адвокатите кандидатот дава свечена изјава која гласи: “Изјавувам дека должноста адвокат ќе ја вршам совесно, ќе се придржувам на Уставот, законите, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека со сите свои постапки ќе внимавам на угледот на адвокатурата како јавна служба.”

Во рамките на правата и должностите на адвокатите, во членот 15 став 1 од Законот е определено дека адвокатот е слободен, самостоен и независен во својата работа и во рамките на законот, актите на Комората и овластувањето самостојно одлучува за начинот на застапување на правата и интересите на странката.

Согласно членот 17 од Законот, правната помош на странката адвокатот ја дава совесно и стручно, согласно со закон, Кодексот на адвокатската етика и другите акти на Комората и како тајна го чува она што му го доверила странката.

Согласно член 21 став 1 од Законот, адвокатот не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење при давањето правна помош и вршењето на јавни овластувања, а согласно ставот 2 од истиот член, адвокатот во вршењето на адвокатската дејност има имунитет. Согласно ставот 3 на овој член, адвокатот не може да биде лишен од слобода ниту притворен за кривично дело сторено во вршењето на адвокатската дејност без претходна согласност од Адвокатската комора на Република Македонија.

Законот за адвокатурата во посебен дел го уредува прашањето за одговорност за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата. Во членовите од 30 – 32 од Законот се утврдени потешките повреди на адвокатската должност, дисциплинските мерки што можат да му се изречат на адвокатот (јавна опомена, парична казна во висина до десетократен износ на годишната коморска членарина и привремено престанување на правото на вршење адвокатска дејност во траење до една година), правото на жалба и правото на судска заштита. Треба да се истакне дека дисциплинското казнување на адвокатот врз основа на овие одредби е во рацете на надлежен орган на Адвокатската комора, за разлика од оспорената одредба каде што судот е органот што го казнува адвокатот.

Од анализата на содржината на оспорената одредба и нејзиното место во Законот за парничната постапка произлегува дека истата е поместена во делот на општите одредби од Законот во кои се дефинирани основните начела на парничната постапка, меѓу кои е и начелото судење во разумен рок, ефикасност и економичност и забраната на злоупотребата на процесните права на странките. За обезбедување на овие начела на постапката законодавецот го задолжил судот како орган што ја води и е одговорен за правилното и законито одвивање на процесната постапка и соодветно на тоа во членот 10 од Законот, му дал определени инструменти, (меѓу кои и овластување за изрекување на парична казна) со кои судот може да ја спречи и санкционира злоупотребата на правата на странките во постапката. Од содржината на целината на овој член произлегува дека овластувањето на судот да изрекува парични казни поради злоупотреба на правата во постапката се однесува на сите странки и учесници во постапката, а не исклучиво на адвокатите, од што може да се заклучи дека примарна цел и интенција на законодавецот со оваа одредба било да обезбеди процесна дисциплина на сите учесници во парничната постапка заради обезбедување на непречено одвивање на постапката, без одлагање и без злоупотреба на процесните права и овластувања на странките.

Поаѓајќи од напред наведеното, за Судот се неприфатливи наводите во иницијативата, според кои со оспорената одредба му се давало право на судот без образложение да ги казнува адвокатите со што се ограничувала нивната самостојност и независност. Имено, неспорно е дека адвокатите имаат голема и значајна улога во судските постапки, и дека тие, заедно со судиите и обвинителите се основите врз кои треба да почиваат и да се обезбеди почитување на човековите права и владеењето на правото во контекст на судските постапки. Адвокатите имаат значајна улога во заштитата на човековите слободи и права и гарантирањето на почитувањето на правото на фер судење преку обезбедување на правна помош во својство на застапници, односно полномошници на странките, а во кривичната постапка и како бранители на обвинетите лица. Значењето на адвокатите се гледа и од таму што правото на застапување од страна на адвокат, претставува составен елемент на правото на фер судење признато со меѓународното право. За да може правната помош да биде ефикасна, неспорно е дека таа мора да се остварува независно, поради што и Уставот на адвокатурата и ја признава и гарантира нејзината самостојност и независност. Самостојноста и независноста на адвокатурата не се исцрпува само во правата на адвокатите, туку и во нивните должности, од кои секако најзначајна е должноста на почитувањето на законите.

Од меѓународните документи, како и од наведените одредби од Законот за адвокатурата произлегува дека адвокатот е должен да ги штити интересите на странката на најдобар начин и со законски средства, правната помош да ја дава совесно, стручно и во согласност со закон и етичките правила на адвокатурата, да се придржува на Уставот и законите, да внимава на угледот на адвокатурата како јавна служба како и е одговорен за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата. Оттука произлегува дека самостојноста и независноста на адвокатурата не значат право на злоупотреба на правата и процесните овластувања заради одлагање на постапката.

Според мислењето на Судот, законодавецот сосема легитимно му дал овластување на судот како орган задолжен за водење на постапката и кој се грижи за обезбедување на редот во судницата и за достоинството на судот, да може да изрекува парични казни во случај на злоупотреба на правата од страна на странките. Неосновани се наводите дека во членот 10 од Законот не бил дефиниран терминот злоупотреба на правата, дека судијата доколку во нешто не се согласувал со адвокатот можел тоа да го смета како злоупотреба на право, од причина што од целината на Законот, односно од натамошните одредби на Законот, посебно одредбите кои се однесуваат на раководењето и текот на главната расправа произлегува дека законодавецот во посебни одредби определил во кои случаи судот може да изрече парична казна согласно членот 10 од Законот. (горе наведените случаи од член 68 став 4, член 233 став 1, член 233 став 2, член 240 став 1, член 302 и член 304 став 1).

Ваквото толкување на оспорената одредба е во согласност и со правото и практиката на Европската конвенција за човекови права. Дисциплинското казнување на адвокатите од страна на судот било разгледувано и од страна на Европскиот суд за човекови права кој ова прашање го анализирал во контекст на правото на фер судење (член 6 став 1 од Конвенцијата) како и слободата на изразување (член 10 од Конвенцијата).

Во случајот Nikula v. Finland (пресуда од 21 март 2002 година) судот укажал дека: „Посебниот статус на адвокатите им дава централна позиција во администрацијата на правдата како посредници помеѓу јавноста и судовите. Таквата позиција ги објаснува вообичаените ограничувања на однесувањето на членовите на Адвокатската комора. Уште повеќе, судовите кои се гаранти за правдата и чија што улога е основна во држава заснована на владеењето на правото – мора да уживаат јавна доверба. Имајќи ја предвид клучната улога на адвокатите на ова поле, легитимно е од нив да се очекува да придонесуваат за правилната администрација на правдата а со тоа и за одржување на јавната доверба во неа“.

Судот понатаму, не ја исклучил можноста дека во определени оконости, мешањето во слободата на изразување на адвокатот во текот на судењето би можело да покрене прашање според член 6 од Конвенцијата во поглед на правото на обвинетиот клиент да добие фер судење. „Еднаквоста на оружјата“ и другите елементи на фер судење говорат во полза на слободната, па дури и жестока размена на аргументи помеѓу страните. Судот сепак ги одбил аргументите на апликантката дека слободата на изразување на бранителот треба да биде неограничена.

Во предметот Kyprianou v. Cyprus (пресуда на Големиот совет од 15 декември 2005 година), Европскиот суд за човекови права оценил дека осудата на апликантот на казна затвор за навреда на судот, претставува повреда на членот 6 став 1 од Конвенцијата како и повреда на членот 10 од Конвенцијата. Во однос на членот 10 од Конвенцијата, Големиот совет на Судот оценувал дела постоел фер баланс помеѓу потребата да се заштити авторитетот на судството, од една страна и слободата на изразувањето на адвокатот, од друга страна. Судот сметал дека казната затвор од 5 дена што му била изречена на апликантот била строга санкција, особено ако се има предвид дека била извршена веднаш. Во однос на однесувањето на апликантот Судот изразил став дека тоа претставувало определено непочитување на судиите на судот во Лимасол, но дека иако неучтиви, неговите коментари биле насочени и ограничени само на начинот на кој судиите го воделе предметот, особено на начинот на сослушување на сведоците. Според тоа, Судот сметал дека ваквата казна била непропорционално строга за апликантот и можела да има ефект врз однесувањето на адвокатите и извршување на нивните должности како бранители во кривичната постапка, поради што Судот нашол повреда на членот 10 од Конвенцијата.

Од анализата на судската практика на Европскиот суд за човекови права произлегува дека тој Суд, согласно членот 10 став 2 од Конвенцијата, допушта постоење на легитимни основи за ограничување на слободата на изразувањето, меѓу другото, и заради зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството. Легитимноста на ограничувањата Судот ги оценувал преку оценката, во конкретните случаи, на нивната неопходност во едно демократско општество, односно дали истите задоволуваат неопходна општествена потреба и дали мерките се пропорционални.

Според мислењето на Уставниот суд, оспорената одредба, не е непропорционална и не претставува прекумерно ограничување на правата на адвокатите, од причина што од целината на членот 10 од Законот, произлегува дека паричното казнување поради злоупотреба на правата во постапката не се однесува само на адвокатите, туку на сите странки во постапката кои ги злоупотребуваат процесните права и овластувања. Покрај тоа, паричната казна според овој член од Законот, не претставува казна во кривично правна односно прекршочно правна смисла на зборот, а судот истата ја применува како крајно средство заради обезбедување на редот во судницата, откако претходно ќе ги опомене странките. Од овие причини, Судот оцени дека оспорената одредба, не би можела да се доведе под сомнение во однос на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите од 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 и член 53 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 194/2008
25 март 2009
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply