119/2008-0-1

У.бр.119/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

а) член 232-б став 1 точка 4 од Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2005, 25/2007 и 7/2008) и
б) членовите 9, во делот: „а не смее да биде лице кое е:“ и 12, во делот: „а не смее да биде лице кое е:“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.119/2008 од 14 јануари 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точка 1 под а) и б) од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 232-б од интегралниот текст на Законот за хартии од вредност, член на Прекршочната комисија може да се разреши:

1) со истекот на времето за кое е именуван за член,
2) по негово барање,
3) со исполнување на условите за старосна пензија согласно со закон,
4) ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело, (оспорен дел)
5) ако му се утврди трајна неспособност,
6) ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна одлука,
7) ако не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во Прекршочната комисија и
8) ако не пријавил постоење на конфликт на интереси за случај за кој решава Прекршочната комисија.

(2) Предлог за разрешување на член на Прекршочната комисија за случаите од ставот 1 точки од 3 до 8 на овој член поднесува претседателот на Пркршочната комисија до претседателот на Комисијата за хартии од вредност.
(3) Прекршочната комисија има право да изведува докази и собира податоци кои се неопходни за утврдување на прекршокот, како и да врши други работи и презема дејствија утврдени со овој закон, Законот за прекршоците и/или со друг закон.
(4) Членовите на Прекршочната комисија се самостојни и независни во работата на Прекршочната комисија и одлучуваат врз основа на своето стручно знаење и самостојно убедување.
(5) Прекршочната комисија работи во полн состав, а одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.
(6) Прекршочната комисија води единствена евиденција на прекршоците, изречените прекршочни санкции и донесените одлуки на начин пропишан од Комисијата за хартии од вредност.
(7) Со актот од ставот 6 на овој член се пропишува и начинот на пристап до информациите кои се содржани во евиденцијата.
(8) Членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува претседателот на Комисијата за хартии од вредност која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.

Согласно член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност во членот 36 став 1 воведната реченица се менува и гласи: „Член на одбор на директори или надзорен и управен одбор на депозитар, може да биде лице со високо образование и со искуство од најмалку три години во областа на финансиите или деловното право, а не смее да биде лице кое е:“.

Во членот 12, пак, од истиот закон, се предвидува дека во членот 77 став 1 воведната реченица се менува и гласи: „Член на одборот на директори или надзорниот одбор и управниот одбор на берзата, може да биде лице со високо образование и со искуство од најмалку три години во областа на финансиите или деловното право, а не смее да биде лице кое е:“.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членовите 232-а, 232-б и 232-в од Законот за хартии од вредност, се уредени условите, организацијата и начинот на работа на Прекршочната комисија, која е надлежна за водење на прекршочната постапка, за прекршочни санкции изречени од Комисијата за хартии од вредност (прекршочен орган).

Според член 232-а став 2 од Законот, прекршочната постапка од ставот 1 на овој член пред Прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочна комисија), формирана од лица вработени во Комисијата за хартии од вредност, кои ги именува претседателот на Комисијата за хартии од вредност.

Според член 232-б став 1 точка 4 од Законот, член на Прекршочната комсија може да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело. Од анализата на оваа оспорена одредба произлегува дека осудуваноста на лицето во текот на вршењето на работите и задачите како член на Прекршочната комсија на Комисијата за хартии од вредност е причина за негово разрешување од должноста член на комисијата. Оспорената одредба од Законот, генерално се однесува за наведените лица во случај кога се осудени за сторени кривични дела и на кои им се изречени кривични санкции, без оглед на видот на кривичното дело, неговата пресуда или тежина и независно од видот на санкциите и нивната висина.

Со оспорената одредба од Законот, според Судот, се ограничува по сила на закон правото на едно лице да врши определена дејност и во случаи кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност, па оттука оспорената формулација на оспорената одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Имено, при оценувањето на уставноста на оспорената одредба од членот 232-б став 1 точка 4 од Законот за хартии од вредност, основен критериум е постоењето на двата принципа на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука, и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис.

Имајќи ја во вид изнесената уставно-судска анализа Судот утврди дека одредбите од член 232-б став 1 точка 4 од Законот за хартии од вредност не се во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 9 став 2, членот 13 став 1, член 14 став 1 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

6. Согласно член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.214/2005 од 19 септември 2007 година ги укина членовите 36 став 1 и 77 став 1 од Законот за хартии од вредност, во делот: „а не смее да биде лице кое е“, заедно со точките а) и б) од наведените членови.

Собранието на Република Македонија на седниците одржани на 4 јануари 2008 година, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“’ бр.7/2008) во кој со членовите 9, односно 12 во членот 36 став 1 односно член 77 став 1 воведната реченица ја менува.

Имено, според членот 9 на овој Закон во членот 36 став 1 воведната реченица се менува и гласи: „Член на одбор на директори или надзорен и управен одбор на депозитар, може да биде лице со високо образование и со искуство од најмалку три години во областа на финансиите или деловното право, а не смее да биде лице кое е:“.

Според член 12 од истиот закон, во членот 77 став 1 воведната реченица се менува и гласи: „Член на одборот на директори или надзорниот одбор и управниот одбор на берзата, може да биде лице со високо образование и со искуство од најмалку три години во областа на финансиите или деловното право, а не смее да биде лице кое е:“.

Со членот 36 став 1 од Законот за хартии од вредност, било регулирано дека член на одбор на директори или надзорен и управен одбор на депозитар, може да биде лице со искуство од најмалку три години во областа на финансиите и деловното право и не смее да биде лице кое е:

а) осудено со казна затвор во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години;
б) осудено со казна затвор во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години; и
в) на кое му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност додека трае мерката.

Во членот 77 став 1 од истиот закон, пак, се предвидувало дека член на одборот на директори или надзорниот одбор и управниот одбор на берзата, може да биде лице со искуство од најмалку три години во областа на финансиите и деловното право, а не смее да биде лице кое е:

а) осудено со казна затвор во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години,
б) осудено со казна затвор во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна пресуда со казна затвор над три години, и
в) на кое му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност додека трае мерката.

Уставниот суд на Република Македонија, тргнувајќи од фактот дека наведените законски одредби во оспорениот дел на членот 36 став 1 заедно со точките а) и б), како и оспорениот дел од членот 77 став 1 заедно со точките а) и б) припаѓаат на иста група на одредби и делови од одредби, во кој се определува кој не смее да биде член на одбор на директори или надзорен и управен одбор на депозатер, односно на берзата, од причина што според Судот оваа група на оспорени делови од одредби предвидува правна последица на осуда која се состои во недавање можност за стекнување на наведените функции и ограничувања на одредено право, односно вршење определена дејност, истите не биле во согласност со Уставот на Република Македонија, односно со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1 и член 51.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2008) во оспорениот член 9 се наведува дека во членот 36 став 1 воведната реченица се менува и гласи: „Член на одбор на директори или надзорен и управен одбор на депозитар може да биде лице со високо образование и со искуство од најмалку три години во областа на финансиите или деловното право, а не смее да биде лице кое:

Во членот 12 став 1, пак, од истиот закон, се предвидело дека во членот 77 став 1 воведната реченица се менува и гласи: „Член на одборот на директори или надзорниот одбор и управниот одбор на берзата, може да биде лице со високо образование и со искуство од најмалку три години во областа на финансиите или деловното право, а не смее да биде лице кое е“.

Од анализата на содржината на цитираните законски одредби, а во корелација со наводите истакнати во иницијативата, според Судот, јасна е интенцијата односно целта на законодавецот со измената и воведувањето во делот од воведната реченица: „а не смее да биде лице кое е“ во членот 36 став 1 и член 77 став 1 од Законот, да се добие логична целина и поврзаност во воведната реченица со останатиот дел од тие членови. Меѓутоа, Судот оцени дека и со направената измена не е постигната целта на законодавецот – логичната поврзаност на оспорената законска одредба. Имено, само со додавање на зборовите: „а не смее да биде лице кое е“, нема логична поврзаност со остатокот на одредбата односно точката в) од ставот 1 на членот 36 и точката в) од ставот 1 на член 77 од Законот за хартии од вредност, кои и понатаму останале во правниот поредок.

Имено, според Судот, со измената на законските одредби истите не се јасни, прецизни и се направени без логична поврзаност и дореченост. Ова дотолку повеќе што и понатаму останува, односно егзистира во оспорените законски одредби точка како точка в) и покрај тоа што точката а) и б) не постојат односно се вон правниот промет, со оглед на нивното отстранување со одлуката на Уставниот суд на Република Македонија.

Со вака направената измена Судот оцени дека во целост не е почитувана наведената Одлука на Уставниот суд на Република Македонија, односно се имплицира во измената како всушност да не постои Одлуката на Уставниот суд, од причина што при донесувањето на наведените измени воопшто не е реагирано по однос на точката в) и истата не се менува, што номотехнички е недопустливо.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, оспорените одредби на членовите 9, во делот: „а не смее да биде лице кое е“ и 12 во делот: „а не смее да биде лице кое е“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причини што со вака направената измена на законот се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 под а) и б) од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.119/2008
18 март 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply