161/2008-0-0

161/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за средно образование на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.65/1995 и 41/2005).

2. Струмка Савовска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со измените во Колективниот договор била утврдена плата за извршена работа која синдикатот ја утврдил сам без присуство на директорите на училиштата и користење на правилниците на систематизација, како и без да биле прифатени дадените забелешки во јавната расправа, поради што само на наставниците им биле зголемени платите за 13%, а на останатите вработени по 1%. Со ваквото решение, останатите вработени во средните училишта биле доведени во нерамноправна положба, што било спротивно на член 9 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Колективен договор за средното образование во Република Македонија содржи дел за Општи одредби и Посебни одредби.

Во делот за Посебени одредби се содржани единаесет глави со наслов:

I Глава – Засновање на работен однос;
II Глава – Права на работниците и нивна заштита;
III Глава – Материјална одговорност;
IV Глава – Плати, надоместоци на плати и други
надоместоци;
V Глава – Информирање на работниците;
VI Глава – Стручно оспособување и образование
на работниците;
VII Глава – Синдикат и работодавци;
VIII Глава – Престанок на работен однос;
IX Глава – Заштита на правата на работниците;
X Глава – Решавање на спорови и арбитража;
XI Глава – Преодни и завршни одредби.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во делот на одредбите на Уставот кои се однесуваат на слободите и правата на човекот и граѓанинот, со член 32 став 5 е определено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во Уставот се предвидени и норми за обезбедување на остварувањето на основните слободи и права и тоа во делот кој се однесува на гаранциите на основните слободи и права. Во тие рамки, со членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во делот на гаранциите на основните слободи и права од Уставот е поместен и член 52, според кој законите и другите прописи се објавуват пред да влезат во сила (став 1). Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното објавување (став 2). Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето (став 3). Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Во членот 1 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005 и 106/2008) е утврдено дека со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Според став 2 од овој член на Законот, работниот однос се уредува со овој или друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Работниот однос во Законот е дефиниран како договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодвачот (член 5 став 1 точка 1 од Законот).

Во член 12 од Законот, кој се однесува на ограничувањето на автономијата на договорните страни, утврдено е дека при склучувањето и престанувањето на договорот за вработување и во времетраење на работниот однос работникот и работодавачот се должни да ги почитуваат одредбите на овој и други закони, меѓународни договори што ја обврзуваат Република Македонија и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот (став 1).

Според ставот 2 на овој член од Законот, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат таква одредба, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од Законот. Според ставот 3, со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон, а според ставот 4, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Уредувајќи ги во наведените одредби, на општ начин односите на овој и другите закони со колективните договори, Законот за работните односи содржи и посебна глава посветена исклучиво на колективните договори. Имено, во Главата XIX од Законот, насловена како „Колективни договори“ се уредени скоро сите прашања од значење за колективните договори: видовите на колективните договори, примената и важноста на колективните договори, предмет на колективно договарање итн.

Во однос на нивното времетраење во членот 226 од Законот е утврдено дека колективен договор може да се склучи на определено време за период од две години, со можност за продолжување, со писмена согласност на страните на договорот.

Според член 227 од Законот, колективниот договор склучен на определено време престанува да важи со истекот на времето за кое е склучен, а важењето на колективниот договор може да престане и со спогодба на сите учесници или со откажување на начин утврден со колективен договор.

Во членот 269 став 1, кој спаѓа во делот на преодните и завршни одредби од Законот, е предвидено дека постојните колективни договори и акти на работодавецот ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, а во став 2 на овој член од Законот е предвидено дека колективните договори кои нема да се усогласат во рокот од ставот 1 на овој член престануваат да важат.

Од наведените одредби на членот 269 од Законот произлегува дека склучените колективни договори пред влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат по сила на самиот закон доколку не се усогласат во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила. Со ваквата определба на законодавецот, според Судот, се афирмира уставното начело, кое е преземено и утврдено и во самиот Закон за работните односи, според кои колективните договори треба да бидат во согласност со Уставот и со закон, за која цел всушност законодавецот и ја утврдил обврската за усогласување на постојните колективни договори со Законот во определениот рок. Во спротивно истите престануваат да важат.

Со оглед на тоа што рокот за усогласување на постојните колективни договори согласно член 269 од Законот почнува да тече од денот на влегувањето во сила на овој закон, при градење на правното мислење Судот го имаше во вид и членот 273 од Законот, според кој овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ (на 28 јули 2005 година), овој закон е влезен во сила на 5 август 2005 година од кога започнува да тече рокот утврден во член 269 став 1 од Законот за усогласување на постојните колективни договори со овој закон.

Имајќи предвид дека законскиот рок утврден во член 269 став 1 од Законот е определен во месеци тој, согласно начинот на кој се сметаат овие рокови треба да заврши со истекот на истиот ден кој по својот број му одговара на денот кога Законот е влезен во сила, а тоа е 5 февруари 2006 година.

Тргнувајќи од напред наведеното, како и фактот дека оспорениот Колективен договор е склучен пред донесување на новиот Закон за работни односи, дека тој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.65/1995 и 41/2005 и дека истиот не е усогласен со овој закон во рокот определен во членот 269 од Законот, според Судот, оспорениот колективен договор по сила на закон престанал да важи и е надвор од правниот поредок.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорениот акт не е повеќе во правна сила, односно истиот престанал да важи по сила на закон што значи е надвор од правниот поредок, Судот утврди дека во случајов се исполнети условите од цитираната деловничка одредба, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.161/2008
4 март 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply