257/2008-0-0

257/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Заклучокот за потврдување на Заклучокот за давање поддршка на самостојниот синдикат на вработените од локалната самоуправа на РМ – „Синдикална организација на општина Аеродром“ бр. 07-8868/18 од 15.12.2008 година.

2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, донесувањето на овој Заклучок не бил во согласност со член 184 став 2 од Законот за работни односи, член 24 од Статутот на општина Аеродром и член 138 од Деловникот за работа на Советот на општина Аеродром.

Имено, според подносителот на иницијативата со донесувањето на овој заклучок, Советот на општина Аеродром, како орган на општината се ставал во функција, преку давање поддршка на формирањето и на функционирањето на самостојната, демократска и независна синдикална организација на општина Аеродром, да влијае на истата и со тоа да ја доведе во прашање нејзината независност. Поради тоа, подносителот на иницијативата предлага Устваниот суд да го поништи Заклучокот за давање поддршка на самостојниот синдикат на вработените од локалната самоуправа на РМ – „Синдикална организација на општина Аеродром“.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром на седницата одржана на 12 декември 2008 година донел Заклучок за потврдување на Заклучокот за давање поддршка на самостојниот синдикат на вработените од локалната самоуправа на РМ – „Синдикална организација на општина Аеродром“ бр. 07-8868/18

Според член 1 од оспорениот Заклучок, се потврдува Заклучокот за давање поддршка на самостојниот синдикат на вработените од локалната самоуправа на РМ – „Синдикална организација на општина Аеродром.

Според член 2 од оспорениот Заклучок, Советот на општина Аеродром, дава поддршка на формирањето и функционирањето на Синдикална организација на општина Аеродром.

Според член 3 од оспорениот Заклучок, Советот на општина Аеродром го поддржува функционирањето на Синдикална организација на општина Аеродром и преземањето на дејствија во насока на заштита на правата на членовите на синдикалната организација согласно законските прописи.

Според член 4 од оспорениот Заклучок, овој заклучок влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од називот и содржината на оспорениот заклучок неспорно произлегува дека оспорениот заклучок е поединечен акт со кој се дава поддршка на самостојниот синдикат на вработените од локалната самоуправа на Република Македонија – „Синдикална организација на општина Аеродром, а не е пропис со кој на општ начин се утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристично за секој вид на пропис.

Со оглед на тоа што оспорениот заклучок не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е поединечен, односно конкретен акт, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува неговата согласност со член 184 став 2 од Законот за работни односи („Службен весник на Република Макеоднија“ број 62/2005 и 106/2008), член 24 од Статутот на општина Аеродром („Службен гласник на Град Скопје“ број 07/2005) и член 138 од Деловникот за работа на Советот на општина Аеродром („Службен гласник на општина Аеродром“ број 01/2006).

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.257/2008
4 март 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply