159/2008-0-0

159/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 24 декември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на Привремената спогодба помеѓу Република Македонија и Република Грција, склучена во Њујорк на 13 септември 1995 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/1995).

2. Светскиот македонски конгрес, преставуван од Тодор Петров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот закон и Привремената спогодба што била ратификувана со него, како целина и нејзини конкретни одредби ги повредувале член 1, член 2, член 3, член 5, член 8, член 11 став 1, член 16 ставови 1 и 2, член 25, член 49, член 51, член 68 став 1 алинеи 1, 6, 8 и 10, член 73 став 4, член 74, член 79 став 1, член 118, член 119, член 129, член 130, член 131 и член 133 од Уставот. Ова од причина што именувањето на Република Македонија во Привремената спогодба како „Втора страна“ или под привремената реферeнца Поранешна Југословенска Република Македонија било во спротивност со референдумот од 8 септември 1991 година на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава Македонија. Воедно, тоа било во спротивност и со бројни меѓународни акти меѓу кои и Повелбата на обединетите нации, Универзалната декларација за човековите права, Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и други. Потоа Спогодбата била потпишана од лице кое немало активна уставна и законска легитимација за нејзино потпишување, односно не била потпишана од претседателот на Репу-блика Македонија или Претседателот на Владата на Република Македонија како што предвидел членот 119 од Уставот. Притоа водењето преговори помеѓу владините преставници на двете држави како што предвидел членот 5 од Спогодбата немал никаква уставна основа бидејќи никој немал право да преговара за името на сопствената држава, а прашањето за името Македонија било прашање на угледот и честа, на достоинството, одбраната на човековите права и граѓански слободи на Македонците и македонскиот народ и неговото право на самопределување. По однос на посебно оспорениот член 6 од Спогодбата се наведува дека го суспендирал членот 49 став 1 од Уставот бидејќи и налагал на Република Македонија да се откаже од грижата за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, а такво право немал никој. Членот 7 од Спогодбата бил во спротивност со член 129, член 130, член 131 и член 132 од Уставот бидејќи во него се зборувало за процедурата за измена и дополнување на Уставот на Република Македонија, а се знаело како овој акт се менува и дополнува. Конечно поради околноста што Привреманата спогодба не била ратификувана во Република Грција, ниту грчкиот парламент имал намера тоа да го стори и во услови на реципроцитет меѓу двете земји, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да го поништи оспорениот закон со што Македонија и Грција би станале изедначени во односите по однос на статусот на Привремената спогодба. Односно ако Привремената спогодба била во сила без ратификација, така нека било и за Македонија која позиција единствено можел да ја изедначи Уставниот суд. Во останатиот дел иницијативата содржи наводи што имаат историски карактер, како и наводи кои по својата суштина преставуваат политички размислувања.

3. Судот на седницата утврди дека, со членот 1 од оспорениот закон се ратификува Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, склучена во Њујорк на 13 септември 1995 година, која во оригинал на англиски јазик и во превод на македонски јазик гласи: ( следува текстот на Привремената Спогодба на двата јазика).

4. Според членот 110 од Уставот на Република Македо-нија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иниција-тивата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.

Оспорениот законот бил предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија по однос на неговата согласност со одредби од Уставот и тоа од аспект на поголемиот број на наводи од предметната иницијатива. Притоа, Судот со решение У.бр.341/1995 од 24 јануари 1996 година не повел постапка за оценување на уставноста на членот 1 од истиот закон, а со решение У.бр.230/1996 од 20 ноември 1996 година ја отфрлил иницијативата на Светскиот македонски конгрес, претставуван од Тодор Петров, претседател на Конгресот за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 од истиот закон, кој и во оваа постапка е подносител на иницијативата.

Во постапката по предметот У.бр.341/1995 Судот постапувал по иницијативата на ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство, според која, од приложениот превод на македонски јазик се гледало дека Привремената согла-сност била склучена помеѓу претставник на Првата страна и претставник на Втората страна, дека Привремената согласност била потпишана во името на Втората страна од приватно лице-Стево Црвенковски и дека станувало збор за Привремена согласност, а не за Привремена Спогодба. Тоа значело дека таа во име на државата Република Македонија не била склучена и не била потпишана од Претседателот на Република Македонија или од Владата на Република Македонија, како што било предвидено во член 119 од Уставот. Бидејќи не била склучена од името на суверена Република Македонија и од нејзините овластени претставници, се барало поништување на член 1 од Законот кој не бил во согласност со Уставот.

Судот, од анализата на член 8 став 1 алинеја 11, член 68 став 1 алинеја 6, член 118 и член 119 од Уставот, како и од анализата на член 3 и член 11 од Законот за склучување и извршување на меѓународните договори (“Службен лист на СФРЈ” бр.55/78), утврдил дека Собранието на Република Македонија има уставно-правна основа да ја ратификува Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, како меѓународен договор од каде произлегло дека членот 1 од оспорениот законот е во согласност со Уставот, поради што не го поставил прашањето за неговата согласност со член 119 од Уставот.

Причините за оспорување на уставноста на членот 1 од оспорениот Закон во постапката по предметот У.бр.230/1996 Тодор Петров, како претседател на Светскиот македонски конгрес, ги гледал во следново:

Оспорениот закон, односно неговиот член 1, како и Привремената Спогодба, што е ратификувана со овој закон не биле во согласност со Уставот; привремената Спогодба била потпишана од лице кое немало активна уставна и законска легитимација за нејзино потпишување; а именувањето на Република Македонија во Спого-дбата како Втора страна” или со привремената референца како “Поранешна Југословенска Република Македонија било во спроти-вност со референдумот од 8 септември 1991 година, на кој граѓаните се изјаснија дека “се за самостојна и суверена држава Македонија”, како и во спротивност со Повелбата на Обединетите нации и сите други меѓународни документи. Со преговорите што се воделе околу постигнување на договор за разликите околу името на државата, за промена на името, за име за двојна или тројна употреба и слични игри околу името на Македонија, можеле да настанат тешко отстранливи последици по независноста и опстанокот на државата Македонија, поради што Уставниот суд имал обврска да интервенира поништу-вајќи го или укинувајќи го оспорениот закон и донесувајќи решение за запирање на таквите преговори.

Уставниот суд постапувајќи по таа иницијатива, најнапред, имал предвид дека во постапката по предметот У.бр.341/95, веќе ја оценувал уставноста на член 1 од Законот и дека со решение У.бр.341/95 од 24 јануари 1996 година не повел постапка за оцену-вање на уставноста на овој член од Законот, од каде утврдил дека за истата работа веќе одлучувал и не нашол основи за поинакво одлучување.

Во однос на наводите во иницијативата за несогласноста на Привремената Спогодба со Уставот, Судот тргнал од член 118 од Уставот, според кои меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон, а согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не и за меѓународните договори. Врз основа на овие одредби Судот сметал дека оценката за согласноста на меѓу-народен договор со Уставот ја врши Собранието на Република Македонија во постапката на ратификацијата на меѓународниот договор, кој после негово ратификување станува дел на внатрешниот правен поредок, а со тоа и директно извршлив.

Споредувајќи ги причините за оспорување на Законот од тогаш поднесените иницијативи и предметната иницијатива произле-гува дека во конкретната иницијатива се содржани мал број на наводи кои можат да добијат карактер на нови. Според Судот, ако се имаат предвид гледиштата изразени во решенијата У.бр.341/1995 и У.бр.230/1996, изнесените нови наводи не можат да се окфали-фикуваат како основи за поинакво одлучување, ниту сами по себе, ни како целина со претходно ценетите наводи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.159/2008
24 декември 2008 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply