30/2008-0-0

30/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 декември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на вториот дел на членот 16 „Традиционално карате“ од Правилникот за категоризација на спортистите од Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2002 и 50/2004).

2. Јован Лазаров, претседател на Карате федерација на Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на вториот дел: „Традиционално карате“ на членот 16 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот дел на членот 16 од Правилникот не бил во согласност со членот 14 став 3 од Законот за спорт според кој, во рамките на еден спорт може да се основа само една национална спортска федерација, како и со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.196/2004 од 14 септември 2005 година, со која се укинувал членот 4 став 1 и членот 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спорт. Во оспорениот член 16 од Правилникот постоело наслов „карате“ и наслов „традиционално карате“ што значело дека Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија не била спроведена, во делот кој се однесувал на постоењето на две национални спортски федерации: Карате федерација на Македонија и Македонска традиционална карате федерација од причина што станувало збор за ист спорт со две дисциплини.

Во конкретниот случај Македонската традиционална карате федерација претставувала спортска дисциплина на карате спортот и истата не можела да егзистира како национална спортска федерација.

Меѓународниот олимписки комитет во 1999 година ја признал само Светската карате федерација и таа Одлука била задолжителна и за Македонскиот олимписки комитет.

Во иницијативата, исто така се наведува дека Традиционалната карате федерација не била членка на Сојузот на спортските федерации на Македонија.

Поради изнесеното се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот дел на членот 16 од наведениот Правилник.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот дел на членот 16 од Правилникот „Традиционално карате“ во спортот традиционално карате, спортист од меѓународна категорија, спортистот стекнува за:

– освоено од прво до трето место на Светско првенство (индивидуални и тимски кумите, фукуго и ембу како што е во Правилникот на Интернационалната традиционална карате федерација во делот натпревари и категории), што ги организира Интернационалната Традиционална Карате Федерација (ITKF), а на кое учествуваат најмалку 30 земји учеснички.
– освоено прво или второ место на Европско првенство (индивидуални и тимски кумите, фукуго и ембу, како што е во Правилникот на Интернационалната традиционална карате федерација во делот натпревари и категории), што ги организира Интернационална Традиционална Карате Федерација (ITKF), а на кое учествуваат најмалку 20 земји учеснички.
Остварениот пласман на меѓународните првенства, спортистот треба да го оствари со најмалку две победи, за да ја стекне категоријата Спортист од меѓународна категорија, во спротивно се категоризира во категоријата спортист од државна категорија.

Спортист од државна категорија, за освоено прво место на пренство на Македонија, кое го организира Македонската Традиционална Карате Федерација во поединечна конкуренција во спортска борба и кати.
Признавањето на категоризирани спортисти, предвидени во став 2 од овој член, во спортот традиционално карате, ќе се врши само на натпреварувачи кои учествуваат во системот на натпревари организиран од страна на Интернационалната Традиционална Карате Федерација (ITKF), се додека не се конституира единствена карате федерација, во светот, во која ќе биде опфатено модерното и традиционално карате и истата ќе биде призната од Меѓународниот Олимписки Комитет.

4. Од доставената документација од страна на Агенцијата за млади и спорт Судот констатира дека Агенцијата за млади и спорт со Решение бр.08-3661/1 од 14 декември 2001 година утврдила дека Македонската Традиционална карате федерација со седиште во Скопје може да започне со вршење на дејност – традиционално карате, се до обединување на модерното и традиционално карате во светот, со уредување и организација на единствен меѓународен карате систем на организација и натпревари. Исто така е доставен и доказ од 22 мај 1992 година за членување на македонското традиционално карате федерација за членување во (ETKF) Европската традиционална карате федерација и доказ од 29 октомври 1992 година за членување во (TKF) Интернационалната карате федерација.

Македонскиот олимписки комитет со допис од 23 март 1999 година го известува македонското традиционално карате дека останува на заложбата традиционалното карате спорт да го има своето место во програмите на македонскиот спорт додека не се разреши проблемот со фузијата на двата типа карате спорт во единствен сојуз.

Основниот суд Скопје II – Скопје на 1 ноември 2000 година донел Решение Рег.бр.95/2000 со кое се усвојува предлогот на Македонска Традиционална карате федерација – Скопје за упис во Регистарот на Здруженија на граѓани и фондации.

Министерството за правда со Решение бр.10-2507/2 од 19 септември 2000 година одобрило Македонската Традиционална карате федерација од Скопје да го користи изразот: „Македонска“ како додаток во името на здружението.

Претседателството на Сојузот на организациите на физичка култура на Македонија донесе Заклучок бр.03-33 од 8 април 1994 година, со кој го прифатил барањето на Традиционалниот карате сојуз на Македонија како здружена членка во Сојузот на физичка култура на Македонија.

Собранието на град Скопје, Градскиот секретаријат за внатрешни работи со Решение бр.38-616 од 17 јули 1990 година, го запишал во Регистарот на општествени организации – здруженија на граѓани: Сојузот на Традиционално карате на Македонија.

По однос на Карате сојузот на Македонија од доставениот Прилог бр. 2 од страна на Агенцијата за млади и спорт Судот констатира дека:

Министерството за млади и спорт донело Решение бр.08-446/1 од 24 февруари 2000 година со кое се утврдува дека Македонската Карате федерација со седиште во Скопје, може да започне со вршење на дејност спорт – карате. Ова решение, од страна на Агенцијата за млади и спорт со Решение бр.08-1698/3 од 21 мај 2002 година се поништува бидејќи било во спротивност со членот 14 став 3 од Законот за спорт, според кој во еден спорт може да има само една национална спортска федерација.

Агенцијата за млади и спорт со Решение бр.08-1608/2 од 21 мај 2002 година утврдила дека Карате сојузот на Македонија со седиште во Скопје – може да започне со вршење на дејност – спорт карате.
Сојузот на спортските федерации на Македонија со допис бр. 03-45 од 2 септември 2007 година потврдува дека Карате федерација на Македонија е здружена членка во Сојузот од карате спортот со права, обврски и одговорности што произлегуваат од Статутот и другите нормативни акти, а по однос на традиционалната карате федерација, Сојузот во Известувањето бр. 03-14 од 4 февруари 2008 година, наведува дека Традиционалната карате федерација не е членка на Сојузот на спортските федерации на Македонија.

Од утврдена фактичка состојба произлегува дека всушност во Република Македонија функционираат две карате федерации на Македонија и тоа: Традиционалната карате федерација и Карате федерација на Македонија.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружувањето заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, а во ставот 2 на овој член се утврдува дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според членот 47 став 5 од Уставот, Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот.

Уставно утврдената улога на Републиката да го поттикнува и помага спортот ја изразува комплементарноста, односно заемниот интерес на граѓанинот, како поединец и на државата во задоволување и остварување на правата и интересите од областа на спортот.

Со Законот за спорт (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/2002 и 66/2004) се уредуваат условите и начинот на вршењето на дејноста спорт, остварувањето на јавниот интерес во спортот, стопанисувањето со објекти за спорт во сопственост на Република Македонија, општините и градот Скопје, како и други прашања од значење за спортот (член 1).

Дефинирајќи го спортот во членот 2 од Законот како дејност која ги опфаќа сите форми на спортски активности на спортистите од сите возрасти, како и спортско-рекреативните активности на граѓаните, законодавецот во членот 3 од овој закон, како организациони облици што ја вршат дејноста спорт ги утврдува спротските здруженија на граѓаните и другите правни лица од областа на спортот. Она што е суштествено за конкретниот предмет е тоа што во членот 5 од овој закон е утврдено дека заради остварување на потребите од занимавање со активности и заштита на правата и интересите од областа на спортот, граѓаните можат слободно и доброволно да се здружуваат и да основаат спортски здруженија, под услови и на начин утврдени со закон, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Во однос на здружувањето на спортските клубови, Законот содржи неколку решенија.

Според членот 14 став 1 од Законот, спортските клубови од ист спорт, како и од училишниот, студентскиот и спортот на инвалидизираните лица, можат да се здружуваат во соодветна државна спортска федерација на Република Македонија заради:

– поттикнување и унапредување на соодветниот спорт;
– реализирање на утврдената програма за развој на спортот; и
– усогласување и координирање на програмските активности на здружените членки.

Според ставот 2 на член 14 од Законот, Државната спортска федерација на Република Македонија, покрај работите од став 1 на овој член, ги составува и се грижи за државните репрезентации.

Според ставот 3 на член 14 од Законот, во еден спорт може да се основа само една државна спортска федерација.

Понатаму, во ставот 6 на членот 14 од Законот е утврдено дека државна спортска федерација е онаа федерација во која се здружени повеќе од половината спортски клубови во Република Македонија кои имаат решенија за вршење дејност од ист вид на спорт.

Според членот 15 од Законот, спортските здруженија од членот 13 и националните спортски федерации на Република Македонија, заради остварување на заеднички интерес за развој на спортот, можат да се здружуваат во сојуз на спортските федерации на Република Македонија.

Согласно членот 16 став 1 од Законот, во меѓународните асоцијации од областа на спортот можат да се зачленуваат само државните спортски федерации од соодветниот спорт и ги претставуваат и застапуваат спортските клубови од соодветниот спорт кои имаат решение за вршење дејност спорт.

Од анализата на наведените и другите законски одредби произлегува дека меѓу прашањата што на специфичен начин се уредени со Законот за спорт, како специјален закон во однос на Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/1998) се и облиците во кои можат да се здружуваат спортските клубови на општинско, односно на ниво на град Скопје (општински односно градски спортски сојузи од ист или различни спортови) и на ниво на Републиката (во државна спортска федерација и во сојуз на спортските федерации на Република Македонија).

Согласно членот 47 став 1 од Законот за спортот, директорот на Агенцијата за млади и спорт го донел оспорениот Правилник за категоризација на спортистите од Република Македонија, со кој се пропишуваат мерилата и критериумите за утврдување на статусот и рангот на спортистите во Република Македонија, кои остваруваат високи спортски резултати и стекнуваат спортска категорија.

Во членот 3 од Правилникот е утврдено дека врз основа на остварените резултати во одреден временски период спортистите во Република Макекдонија се стекнуваат со спортски категории – спортист од светска категорија и спортист од државна категорија во разни спортови, меѓу кои и во карате (модерно и традиционално) утврдено во точката 13 на членот 3 од Правилникот.

Во членот 16 под насловот „карате“ од Правилникот е утврдено дека во спортот модерно карате, спортистот стекнува категорија во:

а). спортист од светска категорија за освоено од прво до трето место на светско и европско првенство (во спортска борба или кати), што ги организира Светската карате федерација (WKF).

б). Спортист од меѓународна категорија за:

– освоено од четврто до осмо место на светското европско првенство (во спортска борба) или
– освоено од четврто до шесто место (во кати),
– освоено од прво до трето место на младинско светско или европско првенство (во спортска борба или кати).

Остварениот пласман се верифицира доколку се оствари на меѓународни натпревари што ги организира Светската карате федерација (WKF).

в). Спортист од државна категорија, за освоено прво место на првенство на Македонија, кое го организира Македонската карате федерација во поединечна конкуренција во спортска борба и кати.

Признавањето на категоризирани спортисти, предвидени во став 1 од овој правилник, во модерното карате спортот во сите категории, ќе се врши само на натпреварувачи кои учествуваат во системот на натпревари организирани од страна на Светската карате федерација (WKF), се додека таа е официјално призната за комуникација од страна на Меѓународниот Олимписки Комитет.

Во вториот дел на членот 16 од Правилникот „Традиционално карате“ – кој е оспорен со иницијативата, а чија содржина претходно е наведена (точка 3 од ова решение) е утврдено стекнувањето со категории, односно нивно признавање за спортот традиционално карате.

Од анализата на наведените членови 13, 14 и 15 од Законот за спорт, во кои се утврдени посебните облици на здружување на спортските клубови, може да се констатира дека тие заедно со Законот за здруженија на граѓаните и фондациите, всушност претставуваат операционализација на членот 20 од Уставот и се во функција на создавање правни претпоставки за доследно и ефикасно остварување на уставно гарантираното право на граѓаните слободно да се здружуваат во здруженија.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба од член 16 во делот: „Традиционално карате“, наводите во иницијативата, како и одредбите од Законот во однос на кои се оспорува одредбата од Правилникот, Судот оцени дека признавањето на категоризација на спортисти, предвидени во став 2 од овој член, во спортот традиционално карате, се врши само за натпреварувачи кои учествуваат во системот на натпревари организиран од страна на Интернационалната Традиционална карате федерација, се додека не се конституира единствена карате федерација во светот, во која ќе биде опфатено модерното и традиционалното карате и истата ќе биде призната и од Меѓународниот Олимписки Комитет.

Судот, исто така, ја имаше во предвид Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. бр. 196/2004 од 14 септември 2005 година, на која се повикува подносителот на иницијативата, но не ги прифати наводите од иницијативата од причина што прашањето на конституирањето на единствена карате федерација во светот во која ќе биде опфатено традиционалното и модерното карате е процес кој се уште не е завршен и кое прашање не е во надлежност на Уставниот суд.

Имајќи го предвид изнесеното, како и разликите во овие две спортски гранки во поглед на спецификата, содржината и системот на натпревари организираноста на модерното и традиционалното карате не само на домашен, туку и намеѓународен план, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел: „Традиционално карате“ од членот 16 од Правилникот со Уставот и со Законот за спорт.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.30/2008
24 декември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply