Одлука У.бр.195/2008

У.бр.195/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 24 декември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Драган Стојановски од Битола за заштита на слободите и правата, по основ на социјална припадност утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Драган Стојановски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата поради дискриминација по основ на социјална припадност.

Во барањето за заштита на слободите и правата подносителот на барањето ретроспективно ги опишува донесените акти од надлежните органи во постапката што ја води за исплата на остварено право на инвалидска пензија. Најнапред, се посочува на диспозитивот на актот, според кој жалбата се одбивала како неосно-вана, а заклучокот се поништувал и предметот се враќал на повторна постапка. Според подносителот на барањето вакво решение не можело да постои во правниот поредок на Република Македонија. Потоа се наведува дека Комисијата на Владата на Република Маке-донија за решавање во втор степен по предметите од пензиското и инвалидското осигурување и за наплата на придонес не постапувала по донесените судски одлуки и за жал, по трет пат ја одбила како неоснована неговата жалба. На тој начин се повредувале членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 и член 34 од Уставот, а на штета на подносителот на барањето. Ова и од причина што согласно членот 140 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување за правото на пензија на граѓаните се решавало во рок од 30 дена од денот на поднесено уредно барање, а за неговото барање се решавало уште од 1992 година до денес. Освен тоа, тој бил инвалидски пензионер, кој не поседува пари од 1992 година и не можел да се грижи за чување и унапредување на сопственото здравје, со што му се повредувала уставната гаранција од членот 39 од Уставот. Предлага при одлучувањето да се имале предвид и член 5, член 40 став 1 алинеи 5 и 6 и став 3 и член 52 од Законот за управните спорови.

Врз основа на изнесеното подносителот на барањето предлага Судот да утврди повреда на правата и слободите утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот и да го поништи поединечниот акт на Комисијата и тоа во делот на диспозитивот со кој жалбата се одбива како несонована.

Во поднесокот за појаснување на барањето е наведено дека со актот на Комисијата тој бил дискриминиран по однос на другите граѓани, пензионери, во Република Македонија и тоа сметано од 1 октомври 1992 година од кога водел постапка за остварување на право на прием на инвалидска пензија. Имено, подносителот на барањето смета дека ниту еден граѓанин не смеел да остане без право на пензија во толкав временски период ако ги исполнува условите за тоа и ако Република Македонија се уште била социјална и правна држава како што било определено во член 1 став 1 и член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот. Дискриминаторскиот однос кон него се правел само затоа што како инвалид пензионер потекнувал од поранешната ЈНА, односно од сојузните органи и затоа што пред спорниот период живеел надвор од Република Македонија. Друго објаснување за запоставување на неговите егзистенционални права и слободи од страна на надлежните органи немало.

3. Судот на седницата, врз основа на приложените докази од поднодителот на барањето, како и од известувањето на Коми-сијата за решавање во втор степен по предметите од пензиското и инвалидското осигурување бр.43-1310/2 од 1 декември 2008 година, ја утврди следната фактичка состојба:

Со решение УП.бр.92433 и УП.бр.2555/90 од 10 септември 1990 година на Заводот за социјално осигурување на воени осигуреници од Белград на подносителот на барањето му било признато право на инвалидска пензија, сметано од 1 септември 1990 година.

На 7 февруари 2002 година корисникот на пензија Стојановски Драган поднел барање до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија за признавање на нов износ на пензија согласно договорот меѓу Македонија и Југославија, видно од Заклучокот П.бр.125161 од 9 април 2002 година за одбивање на барањето за препензионирање како преурането.

Со Заклучок на Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во втор степен по предметите од пензиското и инвалидското осигурување и за наплата на придонес бр.41-2413 од 30 август 2002 година, жалбата на Драган Стојковски е одбиена како неоснована. Според образложението на Заклучокот членот 2 на анексот Д од Договорот за прашањата на сукцесија сеуште не бил во примена бидејќи не бил потпишан од сите поранешни југословенски републики.

Според Заклучоците на Владата за имплементација на Анексот „Д“ од Договорот Драган Стојановски е корисник на аконтативен износ на пензија сметано од 3 јуни 2004 година во износ од 14.794,00.

Врховниот суд на Република Македонија донел пресуда У.бр.1105/2004 од 18 мај 2006 година со која ја уважил тужбата на Драган САтојановски, а заклучокот го поништил.

Комисијата на Владата, во исполнение на пресудата на Врховниот суд со решение УС.бр.43/2002 од 1 февруари 2007 година жалбата на Драган Стојановски ја одбил како неоснована.

Управниот суд со пресуда У.бр.3245/2007 од 7 февруари 2007 година ја уважил тужбата на Драган Стојановски а оспореното решение на Комисијата го поништил и предметот го вратил на повторно разгледување и одлучување. Според образложението на Судот второстепениот орган одлучил спротивно на укажувањата на Врховниот суд во однос на фактите и околностите кои се однесуваат на примената на Спогодбата за прашањата на сукцесија помеѓу поранешните југословенски републики, од каде неиздржано е образложението на тужениот орган дека се уште се отворени повеќе прашања по однос на примената на Законот за ратификација на спогодбата за прашањата на сукцесија помеѓу поранешните југословенски републики. Имено, Судот сметал дека Договорот е ратификуван, стапил во сила на 3 јули 2006 година, односно е обврзувачки, со што е во примена. Во образложението на Судот е нотирано и тоа дека надлежниот орган е врзан со правното сваќање на судот, како и забелешките на судот во поглед на постапката.

Во образложението на решението на Комисијата на Владата, УС.бр.43-1310/1 од 24 април 2008 година, помеѓу другото стои дека и овој пат Комисијата смета дека жалбените наводи се неосновани и покрај укажувањата на Судот. Имено, според Комисијата од денот на влегување во сила на Законот за ратификација на спогодбата за прашањата на сукцесија помеѓу поранешните југословенски републики (24 февруари 2002 година) немало измени и дополнувања што би значело законско решавање на сите права од пензиското и инвалидското осигурување, иако делумно тие прашања биле споменати во посебниот анекс „Д“. Тоа значело потреба на ниво на земјите договорнички да се уредат сите меѓусебни права и обврски, посебно правото на пензија, меѓусебно преземање и опфаќање на конкретни решенија за исплата на веќе остварени права од пензиското и инвалидското осигурување кои сигурно ќе следат по окончувањето на целата постапка и сите спорни прашања со ратификацијата на Договорот од страна на сите поранешни југословенски републики. Во присуство на отворени прашања од меѓудржавен карактер, Комисијата сметала дека нема законска можност за измена на нападнатото решение. Дадена е правна поука за можност од водење на управен спор.

На решението е нотирано дека е примено на 1 август 2008 година, без да се означи од кого, но според наводите од барањето станува збор за врачување на решението на жалителот Драган Стојановски. Барањето во Судот е поднесено на 11 август 2008 година, а појаснувањето на 18 септември 2008 година.

Владата на Република Македонија на седницата одржана на 16 ноември 2008 година усвоила Заклучоци бр.23-4091/1 од 16 ноември 2004 година, според кои корисниците на воена пензија-македонски државјани, кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31 декември 1993 година, според прописите за воени осигуреници, Фондот за пензиското и инвалидското осигурување-Централа-Скопје, ги презема во исплата сметано од 3 јуни 2004 година, без донесување на решение. Според усвоените заклучоци на овие корисници ќе им се исплатува аконтативен износ на пензија во висина на просечната исплатена плата во декември 2003 година, во износ од 11.955,00 денари. Усогласувањето на пензиите ќе се врши на ист начин како и за другите пензии на корисниците во Република Македонија, а средствата за исплата ќе се обезбедуваат од Буџетот на Републиката.

Според Заклучоците за имплементација на Анексот “Д“ од Договорот се предвидува да се формира „Помошно тело за прашања од пензии„ кое ќе биде формирано во рамките на Постојниот заеднички комитет.

До денот на поднесување на барањето за заштита на слободите и правата, такво тело не е формирано, а според евиде-нцијата на Фондот побарувања по ист основ имаат уште 12 корисници на аконтативен износ на пензија.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Ма­кедонија, Уставниот суд на Репуб­лика Македонија ги штити слобо-дите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слобо-дата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Репуб­лика Македонија секој граѓанин што смета дека со поединечен акт му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повре­дата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во член 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Според членот 4 став 1 од Договорот за прашањата на сукцесија се предвидува основање на Постојан зеднички комитет на високи преставници од секоја држава-наследник, кои можат да бидат помогнати од експерти.

Тргнувајќи од утврдената фактичка состојба по предметот произлегува дека подносителот на барањето не го остварил своето право од причини што Комисијата и Управниот суд имаат различен правен пристап по однос на прашањето дали е возможна или не директна примена на Договорот за прашањата на сукцесија по основ на правата и обврските на државите-наследници на поранешната СФРЈугославија, без претходно да бидат уредени поедини конкретни прашања за имплементацијата на одредбите од Договорот, односно дали подносителот на барањето може да го оствари правото без да биде формирано Помошно тело за прашања од пензии во рамките на Постојниот заеднички комитет. Оттаму, неоставрувањето на правото не е резултат на направена дискриминација по основ на социјална припадност. Тоа е резултат на различен правен пристап на конкре-тната проблематика од страна на Комисијата и Управниот суд, како и на неформирање на Помошно тело за прашања од пензии во рамките на Постојниот заеднички комитет .

Имајќи ја предвид наведената состојба Судот оцени дека не е направена дискриминација по основ на социјална припадност само поради околноста што подносителот на барањето како инвалид пензионер потекнувал од поранешната ЈНА, односно од сојузните органи и затоа што пред спорниот период живеел надвор од Република Македонија. Во прилог на неоснованоста на барањето е и околноста што според евиденцијата на Фондот, побарувања по ист основ имаат уште 12 корисници на аконтативен износ на пензија. Притоа се имаше предвид и фактот дека на подносителот на барањето му стои на располагање заведување на управен спор пред Управниот суд заради остварување на бараното право од пензиско осигурување.

Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај не е сторена повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот, кои во согласност со член 110 алинеја 3 од Уставот, ги штити Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.195/2008
24 декември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply