Одлука У.бр.99/2008

У.бр.99/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 ноември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 24 став 2 од Правилникот за единствените критериуми и постапката за избор на наставно-научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања на Универзитетот „Св.Климент Охридски” Битола, донесен од Универзитетскиот сенат на 3 февруари 2003 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија„

3. По повод поднесена иницијатива на Пеце Јовановски од Битола Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.99/2008 од 24 септември 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 24 став 2 од правилникот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за согласност на оспорениот член од Правилникот со Уставот и со Законот за високото образование.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 24 став 1 од наведениот Правилник е предвидено дека постапката по конкурост за избор во наставно-научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања трае најмногу 6 месеци.

Во оспорениот став 2 од Правилникот е предвидено дека рокот од претходниот став започнува да тече наредниот ден од последниот ден на траењето на конкурсот.

5. Bo член 8 од Уставот, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, утврдено и начелото на владеењето на правото.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, a сите други прописи со Уставот и законите.

Според член 124 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија” бр.35/2008 и 103/2008) изборот во наставно-научни, научни, наставни и соработнички звања се врши според критериуми и постапка утврдени со овој закон и правилник на универзитетот, односно самостојната високообра­зовна установа врз единствени критериуми за избор утврдени од Интеруниверзитетската конференција.

Според член 131 став 1 од Зконот, избор во наставно-научни, научни, наставни и соработнички звања се врши по пат на јавен конкурс што го објавува високообразовната установа во дневниот печат.

Според став 6 од овој член постапката по конкурсот може да трае најмногу шест месеца. Ако тоа не заврши во овој рок, постапката се запира и се распишува нов конкурс.

Co Правилникот за единствените критериуми и постапка за избор во наставно научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања на Универзитетот „Св. Климент Охридски” Битола, се уредуваат единствените критериуми и постапката за избор во наведените звања.

Во Глава III од Правилникот „Постапка и начин на избор“ е предвидено дека „одлука за покренување постапка за избор во звање, во случаи кога изборот се врши прв пат донесува наставно научниот, односно наставничкиот совет„ (член 21 став 1).

Одлуката за распишување конкурс за избор на лица избрани во звања донесува деканот односно, директорот најдоцна шест месеци пред истекот на времето за кое се избрани (член 21 став 2 од Правилникот).

Конкурсот од ставовите 1 и 2 на овој член го распишува деканот, односно директорот.

Според член 22 став 1 од Правилникот, изборот во наставно-научни, наставни и соработнички звања се врши по пат на јавен конкурс објавен во дневните јавни гласила, а според став 2 Конкурсот трае 8 дена од денот на објавувањето.

Во член 24 став 1 од Правилникот е предвидено дека постапката по конкурсот за избор во наставно-научни, наставни, наставно стручни и соработнички звања трае 6 месеци.

Според оспорениот став 2 на овој член „Рокот од претходниот став (6 месеци) започнува да тече наредниот ден од последниот ден на траењето на конкурсот.

Доколку постапката не заврши во предвидениот рок од став 1 на овој член, се распишува нов конкурс.

Според член 25 од Правилникот постапката за повторен избор во звање започнува најдоцна 6 месеци пред истекот на времето за кое лицето било избрано во наставно-научно, наставно, наставно-стручно или соработничко звање, по службена должност на деканот односно директорот.

Со наведените одредби од Законот за високото образо­вание, произлегува дека законодавецот го утврдил максималниот рок од шест месеци во кој треба да се изврши избор во соодветно звање по пат на јавен конкурс при што доколку тој не заврши во предвидениот рок постапката се запира и се распишува нов конкурс кога се работи за избор во наведените звања по прв пат, a во случаите кога се работи за повторен избор во наведените звања постапката започнува најдоцна шест месеца пред истекот на вре­мето за кое е извршен изборот во соодветното звање.

Тргнувајќи од изнесеното, а имајќи ја предвид одредбата од член 131 став 6 од Законот, со која јасно е утврдено дека постапката по конкурсот за избор во звања започнува по објавувањето на конкурсот.односно наредниот ден од денот на објавувањето како и содржината на оспорениот член од Правилникот според кој во рок од шест месеци не се засметува рокот од конкурсот кој е утврден на 8 дена, со што се продолжува рокот од шест месеци утврден во Законот, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со Уставот и со член 131 од Законот за високо образование.

6. Co оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.99/2008
12 ноември година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply