133/2008-0-0

133/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 12 ноември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1 точка 4 aлинеја 11 во делот

2. „ГА-МА“ А.Д. од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на дел од одлуката наведена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, А.Д. „ГА-МА“ била погрешно утврдена како договорен орган во членот 2 став 1 точка 4 на Одлуката, затоа што таа била акционерско друштво во кое договор­ните органи од член 4 став 1 точка а), б) и в) од Законот за јавните набавки немале доминантно директно или индиректно влијание врз сопственоста и управувањето, што било клучен услов – критериум за класифицирањето на правните субјекти како договорни органи во Одлуката.

Во согласност со условите и критериумите врз основа на кои се вршела класификација на договорните органи во член 4 став 1 на Законот за јавните набавки, „ГА-МА“ А.Д. Скопје, соодветно на нејзиниот правен статус, карактерот на дејноста, начи­нот на основање, сопственич­ката структура, односно капиталот на друштвото, начинот на управување и видот и режимот на дејноста, била договорен орган од член 4 стaв 1 точка д) од Законот за јавни набавки. Соодветно на тоа, во оспорената одлука, која е донесена врз основа на овој Закон и во која според идентични услови и критериуми од Законот е извршена класификација на договорните органи, „ГА-МА“ А.Д. Скопје требало да биде утврдена како договорен орган од член 2 став 1 точка 5 од Одлуката. Во иницијативата се наведува дека дого­вор­ните страни од член 4 став 1 точка а), б) и в) од Законот за јавните набавки немале доминантно директно или индиректно влија­ние преку сопственост, односно не поседувале поголем дел од капи­талот во „ГА-МА“ А.Д. Скопје, немале мнозинство на гласови на акционерите во „ГА-МА“, ниту пак, имену­вале повеќе од половината од членовите на управниот или надзорниот одбор во „ГА-МА“.

Поаѓајќи од наведеното, подносителите на иницијативата изведуваат заклучок дека не постои каков и да било правен основ за утврдување на „ГА-МА“ А.Д. Скопје како договорен орган во член 2 став 1 точка 4 од оспорената одлука, поради што сметаат дека Одлуката во оспоре­ниот дел не била во согласност со Законот за јавните набавки врз основа на која била донесена и предлагаат Судот да го поништи член 2 став 1 точка 4 во делот: „ГА-МА А.Д. Скопје за пренос на природен гас“. Со иницијативата воедно се предлага до донесува­ње­то на конеч­ната одлука да се донесе привремена мерка за запирање на извршу­вање на поединечен акт со која ќе се стави вон сила примената на членот 2 став 1 точка 4 од Одлуката.

3. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 1 точка 4 од оспорената одлука, договорни органи од член 4 став 1 од Законот за јавните набавки се:

„4. Јавни претпријатија, акционерски друштва и друштва со ограничена одговорност, во кои договорните органи од член 4 став 1 точка а), б) и в) од Законот за јавните набавки имаат доминантно директно или индиректно влијание, а вршат една или повеќе дејности од областа на водоснабдувањето, енергетиката, транспортот и пош­тенските услуги:

– АД „ГАМА“ за пренос на природен гас“.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Согласно член 1 од Законот за јавните набавки („Службен вес­ник на Рeпублика Македонија“ бр.136/2007), со овој закон се уреду­ваат на­чинот и постапките за доделување на договорите за јавни набавки, надлеж­ностите на Бирото за јавни набавки, основањето и надлежностите на Државната комисија за жалби по јавни набавки и правната заштита во постапките за доделување на договори за јавни набавки.

Во членот 2 од Законот е уредено дека со овој закон особено се обезбедува:

– конкуренција меѓу економските оператори;
– еднаков третман и недискриминација на економските операто­ри;
– транспарентност и интегритет во процесот на доделува­ње на договори за јавни набавки, и
– рационално и ефикасно искористување на средствата во постапките за доделување договори за јавна набавка.

Во дефинициите на поимите употребени во Законот, во членот 2 став 1 точка 1 е определено дека 1. „Договор за јавнa набав­кa“ е договор од финансиски интерес кој ги вклучува и секторските договори, склучен во писмена форма меѓу еден или повеќе договорни органи од една страна и еден или повеќе економски оператори од друга страна, а чиј предмет е изведување на работи, испорака на стоки или обезбедување на услуги согласно со овој закон;

Согласно точката 2 на овој член од Законот, „Секторски договор“ е договор за јавна набавка што се доделува во функција на вршење на една или повеќе дејности од членот 176 став 1 на овој закон (водоснабдување, енергетика, транспорт, поштенски услуги, и други опфатени дејности).

Во точката 3 на овој член од Законот е утврдено дека „Постапка за доделување на договор за јавна набавка“ е постапка што ја спроведуваат еден или повеќе договорни органи, чија цел или дејство е купување или стекнување на стоки, услуги или работи;

Во точката 26 на овој член од Законот е утврдено дека „Посебно или ексклузивно право“ е право доделено од надлежен орган кое произле­гува од закон или пропис врз основа на закон, со цел да се ограничи спро­ведувањето на дејностите во одредена област на јавни услуги на ограничен број или на еден правен субјект;

Во член 4 став 1 од Законот се утврдени договорните страни.

Во ставот 2 на истиот член од Законот е утврдено дека Владата на Република Македонија утврдува индикативен список на договорни органи од ставот 1 на овој член.

Врз основа на оваа одредба Владата на Република Маке­донија на 26 декември 2007 година ја донела Одлуката за утврдување на индикативен список на договорни органи и истата е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 159/2007.

При уставно-судската анализа на предметот, пред Судот како спорно се постави прашањето дали оспорената одлука има карактер на пропис подобен за уставно-судска оценка. Имено, за да одреден акт има својство на нормативен акт, според мислењето на Судот, не е доволно само да го носи називот вообичаен за норматив­ните акти и да биде донесен од орган, носител на државната власт, туку тој акт треба да содржи и други елементи како што е содржината на актот од која произлегува регулирање на односи за неопределен број на субјекти во правото, што не е случај со оспорената одлука.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одлу­ка, со која само конкретно, односно поединечно се набројани правните лица, државните органи и претпријатијата на кои се однесува Законот за јавните набавки и кои можат да бидат договорни страни согласно одред­бите од овој закон, Судот оцени дека Одлуката не ги утвр­дува критериумите за класифи­кација на правните лица во одделните групи, бидејќи тие критериуми се утврдени во самиот закон, ниту пак Одлуката утврдува права и обврски за овие договорни органи, бидејќи и тие се уредени во Законот за јавните набавки.

Покрај тоа, Судот утврди дека прашањето за тоа дали едно конкретно правно лице ги исполнува критериумите за да биде класифи­ци­рано во групата на правни лица од член 4 став 1 точка г) или пак точка д) од Законот за јавните набавки, зависи од претходно утврдување: кој е основач на правното лице, каква е сопст­веничката структура на капиталот на друштвото, кој ги именува члено­вите на управниот одбор, дали имаат мнозинство гласови на акционе­рите и други фактички прашања кои се надвор од надлеж­носта на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 133/2008
12 ноември 2008 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply