62/2008-0-0

62/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 ноември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за кривичната постапка (Пречистен текст) („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2005) утврден од Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија.

2. Љупчо Тодоровски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на пречистениот текст од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата – пречистениот текст на Законот за кривична постапка не бил во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, а со тоа се доведувала во прашање правната сигурност на граѓаните, како суштински елемент на владеењето на правото. Ова поради тоа што пречистениот текст се подготвувал на начин што од основниот текст со измените и дополнувањата, се отстранувале измените и дополнувањата и тие всушност биле инкорпорирани како единствен текст, вклучувајќи ги и евентуалните исправки како и одлуки на Уставниот суд на Република Македонија, при што пречистениот текст претставувал збир на одредбите од законот, без суштински нова содржина. Пречистениот текст на Законот за кривичната постапка бил изработен од Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија која во вршењето на ова овластување имала исклучиво улога од номотехничка природа (механички збир на законските одредби кои се во правна сила) без да се впушта во есенцијално менување на содржинскиот дел на законот. Пречистениот текст на Законот не требало да преставува цел сама за себе, туку номотехнички зафат кој ќе го направел законот полесно применлив.

Според наводите во иницијативата, со пречистениот текст на Законот за кривичната постапка, со новата нумерација на членовите се внесувале сериозни тешкотии во примената на Законот, и наместо да се олесни, фактички ја отежнувала примената на Законот. Бидејќи новата нумерација во пречистениот текст се отежнувала примената на Законот, со иницијативата се оспорува овластувањето на Законодавно-правната комисија да го врши пренумерирањето на одредбите и се укажува на потребата да се работи на друг начин односно да се задржува нумерацијата кои одредбите ја имале во моментот на нивното донесување. Со иницијативата не се доведува во прашање овластувањето во членот 201 од Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија„ број 74/2004) Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија да изработи пречистен текст на Законот, туку се оспорува начинот на спроведување на тоа овластување, бидејќи Комисијата се впуштала во нова нумерација на членовите од Законот.

Се бара преку оценката на Уставниот суд на Република Македонија на уставноста на пречистениот текст на Законот за кривичната постапка низ призма на начинот на неговото уредување, да претставува конечен вредносен суд за легалноста и легитимноста на пречистениот текст на Законот.

Со укажувањето дека во пракса, основните судови и апелационите судови ги применувале одредбите од пречистениот текст на Законот во својата судска практика, додека Врховниот суд на Република Македонија врз основа на своето правно мислење заземено на седница на одделот за казниви дела на овој суд, во целост го игнорирал донесувањето на пречистениот текст и во својата судска практика ја применувал нумерацијата на членовите содржана во основниот текст на Законот, објавен во („Службен весник на Република Македонија„ бр.15/1997, 44/2002 и 74/2004).

Поради дисфункционалноста во судската практика што ја загрозувала правната сигурност на граѓаните и принципот на владеење, на правото, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на пречистениот текст на Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија„ бр.15/2005).

3. Согласно членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во III дел од Уставот кој се однесува на „Организацијата на државната власт„, во членот 61 е определено дека Собранието на Република Македонија е претставнички одрган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.

Во членот 68 од Уставот се определени надлежностите на Собранието на Република Македонија, меѓу кои и дека го донесува и изменува Уставот, донесува закони и дава автентичко толкување на законите.

Со Амандманот X од Уставот, со кој се заменува членот 69, е предвидено дека Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Законите кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.

Законодавната дејност Собранието ја остварува со донесување на закони и автентично толкување на законите, со донесување републички буџет и завршна сметка, кој претставува специфичен финансиски закон и врши ратификација на меѓународните договори со закон.

Според членот 75 ставови 1 и 2 од Уставот, законите се прогласуваат со указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и преседателот на Собранието.

Според членот 76 став 1 од Уставот, Собранието основа постојани и повремени работни тела.

Со Деловникот на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија„ број 91/2008) донесен од Собранието на седницата одржана на 18 јули 2008 година, се уредени организацијата и функционирањето на Собранието на Република Македонија и на работните тела на Собранието.

Работните тела, според членот 117 од Деловникот, разгледуваат предлози на закони и на други акти што ги донесува Собранието, како и други прашања од надлежност на Собранието и вршат други работи утврдени со овој деловник.

Според членот 118 од Деловникот, постојните работни тела се основаат со одлука на Собранието. За извршување на посебни задачи, Собранието со одлука основа и повремени работни тела.

Врз основа на изнесеново Судот утврди дека со Уставот, во организацијата на државната власт, е определено Собранието на Република Македонија како носител на законодавната власт на Републиката. Оваа уставна позиција е посебно уредена со нормите на Уставот со кои законодавната функција исклучиво се става во надлежност на Собранието, правејќи исклучок само со членот 126 од Уставот, каде е определено дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредна состојба, за што одлучува Собранието.

Со Уставот не само што се утврдува законодавната функција на Собранието туку се уредуваат и начинот на вршењето на таа функција преку кворумот за одлучување на пратениците во Собранието, прогласувањето на законите, објавувањата на законите пред да влезат во сила, принципот на забрана на повратното дејство на законите, освен по исклучок кота тоа е поповолно за граѓаните и исклучивото право на Собранието да дава автентично толкување на законите.

Тргнувајќи од наведеното, законодавната функција е комплексна но и јасно уставно определена за надлежноста и начинот на нејзиното вршење. Законодавната власт со Уставот не е допуштена вон уставно утврдените рамки на Собранието како орган кој е нејзин носител, односно да се врши од други органи, работни тела или комисии.

Имајќи го предвид изнесеново, утврдувањето на пречистен текст на закон не е уставно определена надлежност на Собранието, и не е во рамки на неговата законодавна функција, според што пречистениот текст нема крактер на закон или друг пропис, туку е едно од средствата на нормативната техника утврдена од законодавно/правната комисија на Собранието на Република Македонија, со номотехнички карактеристики за повеќекратни измени и дополнувања на определен закон во еден систематизиран дел, поради што со него неможе да се регулира законската материја. Оттука, пречистениот текст на закон кој не го донесува Собранието туку негово тело, не се носи во постапка за донесување на закон и пречистениот текст нема карактер на закон или друг пропис.

Со членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, е определено дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува уставноста на утврдениот пречистен текст на Законот за кривичната постапка од страна на Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија, кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија„ број 15/2005, а поаѓајќи од карактерот на пречистениот текст на Законот дека не претставува закон или друг пропис за кој Судот ја цени уставоста и законитоста, туку е нормативно техничко средство поради што согласно наведените уставни и деловнички одредби се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.62/2008
12 ноември 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply