158/2008-0-0

158/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката број 306-1-03 од 28 декември 2000 година, донесена од Управниот одбор на Здружението за заштита на авторски музички права – ЗАМП.

2. Зоран Величкоски, од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесe иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека по негова иницијатива поднесена на 25 декември 2007 година, Уставниот суд на Република Македонија донел Решение У. бр. 268/2007 од 6 февруари 2008 година, со кое ја отфрлил иницијативата со образложение дека висината на надоместокот за музиката за оркестри за свадби, забави и слично за искористување на авторските музички дела целосно е регулирана со новиот Правилник со Тарифа за користење на авторски и музички дела, донесен врз основа на член 167 став 2 од Законот за авторско право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2007), поради што Уставниот суд утврдил дека оспорената одлука не е повеќе дел од правниот поредок на Република Македонија, затоа што истата престанала да важи со влегувањето во сила на овој правилник.

Подносителот на иницијативата смета дека ваквата одлука на Уставниот суд била апсолутно неоснована, затоа што со ниту една одредба од Правилникот не била ставена вон сила оспорената одлука, дека ЗАМП, врз основа на оспорената одлука наплатувал и дополнителен надоместок, а судовите ја прифаќале оспорената одлука и по истата ги задолжувале граѓаните да го платат тој надоместок и дека подносителот на иницијативата добил известување од Министерството за култура дека од страна на ЗАМП не бил доставен никаков акт со кој спорната одлука била ставена вон сила. Поради наведеното, според подносителот на иницијативата, оспорената одлука сеуште била дел од правниот поредок на Република Македонија, поради што предлага Уставниот суд да ја разгледа оваа иницијатива, и иако за истата работа веќе одлучувал, со оглед дека има основи за поинакво одлучување, да ја поништи Одлуката како незаконита.

Со оглед дека Одлуката била во спротивност со член 146 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/1996), како и во спротивност со членовите 26 и 38 од Статутот на ЗАМП, се предлага Уставниот суд да ја поништи одлуката како незаконита.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука била донесена од страна на Управниот одбор на Здружението за заштита на авторски музички права – ЗАМП, на седницата одржана на 20 декември 2000 година, врз основа на Законот за заштита на авторските права и сродните права и член 38 алинеја 5 од Статутот на ЗАМП.

Со оваа одлука се утврдува минимумот за надомест на музиката за оркестри за свадби, забави и слично за искористување на авторски музички дела во висина од 1.520,00 денари во Скопје, а во другите градови низ Републиката минимумот изнесува 950,00 денари.Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот на Република Македонија и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У. бр. 268/2007 година, ја отфрлил иницијативата од истиот подносител, за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката бр.306-1-03 од 28 декември 2000 година, донесена од Управниот одбор на Здружението за заштита на авторски музички права – ЗАМП, затоа што констатирал дека висината на надоместокот за музиката за оркестри за свадби, забави и слично за искористување на авторските музички дела целосно е регулирана со новиот Правилник со Тарифа за користење на авторски и музички дела, донесен врз основа на член 167 став 2 од Законот за авторско право и сродните права, а објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2007, поради што Судот утврдил дека оспорената одлука не е повеќе дел од правниот поредок на Републиката, затоа што истата престанала да важи со влегувањето во сила на овој правилник. Поради тоа, во конкретниот случај, Судот констатирал дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот.

Со новодоставената иницијатива, истиот подносител бара од Уставниот суд да го преоцени наведеното решение, затоа што, според него, оспорената одлука сеште била во сила, односно била дел од правниот поредок, заради тоа што со ниту една одредба од Правилникот не била ставена вон сила, дека ЗАМП, врз основа на оспорената одлука наплатувал и дополнителен надоместок, а судовите ја прифаќале оспорената одлука и по истата ги задолжувале граѓаните да го платат тој надоместок и дека подносителот на иницијативата добил известување од Министерството за култура дека од страна на ЗАМП не бил доставен никаков акт со кој спорната одлука била ставена вон сила.

Со оглед дека новата иницијатива за оценување на законитоста на оспорената одлука е доставена од истиот подносител на иницијативата и во суштина од истите причини како и во случајот со иницијативата која Уставниот суд веќе еднаш ја разгледувал и по која утврдил став дека оспорената одлука не е повеќе дел од правниот поредок на Републиката, затоа што истата престанала да важи со влегувањето во сила на Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2007), поради што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, Судот оцени дека не постојат основи за поинакво одлучување, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.158/2008
29 октомври 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply