Решение У.бр.261/2007

У.бр.261/2007

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста член 371 став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007, 86/2008 и 106/2008-исправка).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 371 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба немале основ во Уставот на Република Македонија затоа што спротивно на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 став 4 од Уставот, на униформираниот полициски службеник му била дадена судска власт да пресудува и тоа без никаков правен акт – решение, одлука и правна поука привремено да ги одзема патната и возачката исправа се додека не биде доставен доказ дека глобата е платена, но не подолго од 30 дена.

Со оглед на тоа дека покрај возачката се одземала и патната исправа на сторителот на прекршокот спротивно на членовите 12 став 1 и 2, член 27 и член 29 од Уставот се ограничувала слободата на кој начин на сторителот на прекршокот му е оневозможено слободно движење на територијата на Република Македонија и надвор од неа.

Понатаму според подносителот на иницијативата со оспорената одредба од член 371 став 2 се повредувал и член 9 од Уставот затоа што ако се споредела оспорената одредба со одредбата од член 285 став 7 од истиот Закон ќе се утврдело дека според оспорената одредба одземената патна и возачка исправа ќе биле вратени во рок од 30 дена од денот на одземањето, додека, пак, според одредбата од член 385 став 7 одземената возачка и патна исправа морало да бидат вратени најдоцна во рок од 24 часа од моментот на одземањето. Според тоа со оспорената одредба се повредувал член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11, член 9, член 12 ставовите 1 и 2, член 27, член 29 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 371 став 2 од Законот „Униформираниот полициски службеник во случаите од ставот 1 на овој член може привремено да ги одземе патната и возачката исправа, додека не биде доставен доказ дека глобата е платена, но не подолго од 30 дена“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право е темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 12 став 1 од Уставот слободата на човекот е неприкосновена, а според став 2 на овој член никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Според член 27 од Уставот, секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште.

Секој граѓанин има право да ја напушта територијата на Републиката и да се врати во Републиката.

Остварувањето на овие права може да се ограничат со закон, единствено во случаи кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Согласно член 29 став 1 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, уживањето на правата и слободите признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална полоѓба, потекло на раѓање или кој и да е друг статус.

Според член 2 став 2 од Протоколот 4 кон Конвенцијата, секое лице е слободно да ја напушти која и да е земја, вклучувајќи ја и својата. Во став 3 од Протоколот предвидено е дека остварувањето на тие права може да биде предмет само на оние ограничувања кои се предвидени со закон и кои претставуваат неопходни мерки во интерес на националната безбедност, јавната безбедност, одржувањето на јавниот ред, спречување на кривични дела, заштита на здравјето и моралот или заштита на правата и слободите на другите во едно демократско општество („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1997).

Согласно член 1 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата со овој закон, покрај другото, се уредуваат и прашања за прекршочните санкции и прекршочната постапка што се води по прекршоците во областа на сообраќајот на патиштата.

Во Глава VIII „Прекршочна постапка“ од Законот односно во членовите 369, 370, 373, 374 е уредено прашањето за тоа кога униформираниот службеник за сторен прекршок на сторителот ќе му врачи покана за плаќање на глобата, во кои случаи на сторителот на прекршок ќе му издаде платен налог за наплата на глобата предвидена за прекршок, за кои сторени прекршоци постапка спроведува Министерството за внатрешни работи, како и тоа за кои прекршоци униформираниот службени ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд.

Во членот 371 став 1 од Законот е предвидено дека сторителот на прекршок кој со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, должен е да ја плати глобата веднаш. За платената глоба униформираниот полициски службеник издава потврда.

Во оспорениот став 2 на овој член е предвидено дека „униформираниот полициски службеник во случаите од став 1 на овој член може привремено да ги одземе патната исправа и возачката дозвола додека не биде доставен доказ дека глобата е платена, но не подолго од 30 дена“.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот со предвидувањето на можноста униформираниот полициски службеник, да може привремено да ја одземе возачката и патната исправа не се доведува во прашање остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Устѕавот на Република Македонија. Ова затоа што остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот не е апсолутно, бидејќи тие не се цел сами за себе и не може да се остваруваат само индивидуално туку во заемност и меѓусебна зависност на луѓето. Според тоа, секој субјект во Републиката при остварувањето на своите уставно гарантирани права е должен да ги почитува Уставот и законите, преку што се остварува уставното начело на владеењето на правото. Тоа значи дека со остварувањето на одредени слободи и права не смеат да се повредат слободите и правата на другите граѓани или истите да се остваруваат на штета на другите граѓани или на заедницата во целина, а основи за границите, односно за ограничување на слободите и правата се наоѓаат во соодносот помеѓу поединечниот интерес и интересот на заедницата, кој истовремено е интерес на секој поединец. Уставната обврска, пак, за почитување на Уставот и законите од страна на граѓаните и другите субјекти по својата суштина претставува основа за санкционирање на непочитување на должностите утврдени не само во Уставот туку и сите должности, предвидени со закон.

Според тоа, имајќи го предвид наведеното со оспорената одредба од Законот член 371 став 2 со која времено се одзема возачката и патната исправа и од сторителот на прекршокот кој би можел да го одбегне плаќањето на глобата поради заминување во странство, односно одбегнување на исполнување на одредена законска обврска, според наше мислење не се пропишува забрана ниту ограничување на движењето, туку се воспоставува обврска за плаќање на глоба за сторен прекршок, како начин односно средство за обезбедување на исполнување на законската обврска за плаќање на изречена глоба.

Во врска со наводите во иницијативата дека со оспорената одредба од член 371 став 2 од Законот според кој на сторителот на прекршок времено ќе му биде одземена возачката и патната исправа (30 дена), во однос на член 385 став 7 од истиот Закон според кој возачката дозвола се одзема и мора да биде вратена во рок од 24 часа, се повредува член 9 од Уставот односно законодавецот граѓаните не ги третирал еднакво се неосновани. Ова затоа што во двете наведени одредби од Законот се уредуваат сосема различни ситуации. Имено, во првиот случај од оспорениот член 371 став 2 се уредува ситуација кога сторителот на прекршок поради заминување во странство може да го одбегне плаќањето на глобата, при што возачката и патната исправа ќе му бидат одземени најмногу до 30 дена, а во вториот случај од членот 385 став 7 од Законот се уредува прашањето кога сторителот на прекршок е во посебна психофизичка состојба (замор, болест, дејство на опојни дроги и лекови) возачот возел подолго од 9 часа, покажува знаци на алкохолно растројство и други состојби што го прават неспособен да управува со возилото при што возачката дозвола ќе му биде одземена и мора да му биде вратена во рок од 24 часа.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 371 став 2 од Законот на со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.261/2007
1 октомври 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply