105/2008-0-0

105/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 окотмври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, бр.07-907/1 од 31 март 2008 година („Службен гласник на општина Кавадарци“ бр.51/2008).

2. Панчо Минов, градоначалник на општина Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Буџетот на општината означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот буџет бил донесен во постапка спротивна на Законот за локалната самоуправа, Законот за буџети, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Деловникот на општина Кавадарци.

Согласно членот 50 став 1 точка 7 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот на општината бил надлежен да го предлага годишниот буџет на општината, но со оглед на тоа што градоначалникот на општината како овластен предлагач го повлекол Предлог-буџетот за 2008 година од дневниот ред, значело дека прописот бил донесен од неовлстен предлагач.

Имено според член 50 став 1 точка 7 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот на општината е надлежен да го предлага годишнииот буџет и годишната сметка на буџетот на општината. Согласно неговите надлежности, градоначалникот на општината го достави Предлог-Буџетот за 2008 година на општина Кавадарци до Претседателот на Советот на седницата на Советот, одржана на 31 март 2008 година, но согласно член 145 став 2 од Деловникот на Советот на општина Кавадарци, го повлекол од расправата Предлог-Буџетот поради тоа што, на самата седница група советници поднеле 54 амандмани, без благовремено доставување до предлагачот и без претресување од матичната комисија за финансии и буџет, што било спротивно на членовите 148 и 149 од Деловникот на Советот на општина Кавадарци. Меѓутоа, и покрај повлекувањето, членовите на Советот продолжиле со расправата и го донеле оспорениот буџет.

Поради наведеното оспорениот буџет бил во спротивност со членот 51 став 1 од Уставот како и напред наведените законски одредби.

Градоначалникот на општината согласно членот 50 став 1 точка 2 и член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа, донесе Решение за запирање на објавувањето на Буџетот на општина Кавадарци за 2008 година бр.07-1048/1 од 8 април 2008 година.

На повторната седница на Советот на општина Кавадарци одржана на 22 април 2008 година, Советот го потврдил Буџетот, поради што градоначалникот на општината согласно членот 51 став 3 од Законот за локалната самоуправа поднел иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Буџетот на општина Кавадарци за 2008 година и бара Судот да го укине или поништи оспорениот пропис.

3. Судот на седницата утврди дека Буџетот на општина Кавадарци за 2008 година е донесен на седницата на Советот одржана на 31 март 2008 година.

Во членот 1 од оспорениот Буџет е утврдено дека Буџетот на општина Кавадарци за 2008 година се состои од:

Вкупни приходи 388.628.135 денари:

– Даночни приходи 59.785.000
– Неданочни приходи 22.100.000
– Капитални приходи 35.075.823
– Трансфери и донации 53.041.331
– Приходи од самофинансирање 30.140.498
– Приходи од донации 13.106.858
– Приходи од дотации 175.378.625

Вкупни расходи 388.628.135 денари по следниве Програми:

– Програм А – Совет на општина 41.926.543
– Програм Д – Градоначалник 1.550.257
– Програм Е – Општинска администрација 39.051.202
– Програм Г – Локален економски развој 14.225.038
– Програм Ф – Урбанистичко планирање и
уредување на простор во ру-
рални подрачја 5.540.928
– Програм Ј – Комунални дејности
(изградба и одржување) 72.920.606
– Програм К – Култура 8.105.370
– Програм Н – Образование (основно и средно) 168.508.996
– Програм М – Социјалана заштита (градинки) 29.091.695
– Програм W – Против пожарна заштита 7.707.500

Според член 2 од оспорениот Буџет, приходите по извори и видовви на приходи и расходите по основни намени се утврдени во билансотт на приходите и билансот на расходите на општина Кавадарци за 2008 година, а според членот 3 од оспорениот Буџет, Буџетот на општина Кавадарци за 2008 година влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1.04.2008 година.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот, локалната самоуправа е утврдена како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а според став 2 на истиот член, единици на локалната самоуправа се општините.

Во Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), се уредуваат надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот – сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.

Според член 31 од Законот, органи на општината се советот и градоначалникот.

Надлежностите на советот се утврдени со член 36 од Законот, при што согласно точката 2 на овој член, во надлежност на Советот е да го донесува буџетот на општината и годишна сметка на општината.

Надлежностите на градоначалникот се утврдени во член 50 од Законот, при што согласно став 1 точка 6 од овој член, градоначалникот иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на советот, според точка 7 на истиот член, тој го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината, а според точка 8 од овој член, градоначалникот го извршува буџетот на општината.

Според член 75 став 1 точка 4 од овој закон, советот се распушта ако не го донесе буџетот и годишната сметка на буџетот до 31 март во тековната година. Според став 2 на овој член, за настанувањето на еден од условите за распуштање на советот, утврдени во став 1 на овој член, градоначалникот е должен веднаш да го извести министерството надлежно за вршење на работите од областа на локалната самоуправа. Согласно член 77 став 1 од овој закон, до изборот на нов совет, работите на советот ги врши градоначалникот на општината.

Според член 14 став 3 од Законот за буџетите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2005, 4/2008 и 103/2008), градоначалникот е одговорен за подготвување на буџетот на општината и за неговото доставување до советот на општината.

Согласно член 31 од овој закон, содржината и постапката за донесување на буџетите на општините е пропишана со закон.

Со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004 и 96/2004 и 67/2007), меѓу другото, се уредува содржината на буџетот на општината и постапката за донесување на буџетот на општината . Така, според член 22 став 1 на овој закон, Буџетот на општината се изготвува, донесува и извршува во согласност со Законот за буџетите, ако со овој закон поинаку не е уредено.

Од анализа на наведената законска регулатива произлегува дека градоначалникот на општината е овластен предлагач на буџетот на општината, дека советот на општината е надлежен орган за донесување на буџетот на општината.

Во согласност со наведената законска регулатива, видно од доставената документација, градоначалникот на општина Кавадарци предложил до Советот на Општина Кавадарци предлог-Буџет на Општина Кавадарци за 2008 година и дека овој предлог бил ставен на дневниот ред на седницата на Советот закажана за 31 март 2008 година.

Од записникот од 50-тата Седница на Советот на Општина Кавадарци одржана на ден 31 март 2008 година (бр. 07-907 од 31.03.2008 година), може да се констатира дека дневниот ред за оваа седница бил усвоен, по што била отворена расправа по првата точка на дневниот ред – Предлог-буџет на Општина Кавадарци за 2008 година. По несогласувањата на градоначалникот со Советот околу прифаќањето на одредени аманмани на Предлог-буџетот, градоначалникот доставил писмен допис до претседателот на Советот дека ги повлекува точките од дневниот ред, меѓу кои се предлог-Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година и Предлог-одлуката за извршување на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, по што тој, заедно со службите, ја напуштил Големата сала за состаноци во која се одржувала седницата на Советот. Седницата на Советот продолжила, при што Предлог-буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, со усвоените амандмани, бил усвоен едногласно од страна на присутните советници. Потоа, Советот ја усвоил и Предлог-одлуката за извршување на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, со амандманот поднесен на членот 8.

При ваква ситуација, градоначалникот на општината донел Решение за запирање на објавувањето на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, бр. 08-1048/2 од 08 април 2008 година. Според образложението на наведеното решение со повлекувањето на Предлог-буџетот од седницата на Советот, врз основа на член 145 став 2 од Деловникот на Советот на Општина Кавадарци, немало точка на Дневен ред Предлог-буџет, односно немало ниту расправа, ниту седница, односно немало донесување на Буџет.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во член 110 од Уставот, според која Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, сметаме дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за тоа дали оспорениот буџет бил донесен во постапка спротивна на одредбите на Деловникот на Општина Кавадарци. За оценка на уставноста и законитоста на овој буџет, од аспект на постапката за негово донесување, Судот смета дека е од значење дали истиот е донесен од страна на надлежните органи утврдени во закон. Во оваа смисла, фактот што предлог-буџетот, доставен од градоначалникот на Оштината, бил ставен на дневен ред на седница на Советот на Општина Кавадарци, кој дневен ред бил усвоен и по кој почнала расправа, при што се усвоени Буџетот на Општината за 2008 година и Одлуката за извршување на тој буџет, значи дека оспорениот буџет бил предложен и донесен од надлежните органи утврдени со закон. На законитоста на постапката за донесување на оспорениот буџет Судот смета дека не влијае повлекувањето на точките од дневниот ред, на кое се повикува подносителот на иницијативата, како негово деловничко право, затоа што дневниот ред бил усвоен, а повлекувањето на точките е извршено во фаза на амандманска расправа по Предлог-буџетот на Општината за 2008 година и тоа од причина на несогласување на градоначалникот како овластен предлагач, со поднесените амандмани. Ова од причина што не е спорно дека градоначалникот е овластен предлагач на буџетот, но надлежен орган за негово усвојување е советот на општината, и тоа на јавна седница на која се расправа за буџетот, што било сторено во конкретниот случај. Од доставениот записник може да се констатира дека Предлог-Буџетот на општина Кавадарци за 2008 година со составен дел од предлог Амандманите кои им беа доставени на советниците, советниците го усвоија едногласно Буџетот.

Врз основа на изнесеното Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот буџет со членот 51 од Уставот и членот 50 став 1 точка 7 од Законот за локалната самоуправа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.105/2008
1 октомври 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply