Одлука У.бр.269/2007

У.бр.269/2007-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јули 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 5 став 2 во делот: „во сопственост на правното лице“ од Законот за обезбедување на лица и имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/1999 и 66/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод подне­сена инициијатива на Комората за обезбедување на имоти и лица и детективски услуги Детектив – Скопје, со Решение У.бр.269/2007 од 9 април 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 5 став 2 во делот: „во сопственост на правното лице” од Законот означен во точката 1 од ова решение. Иницијати­вата со пис­мен поднесок ја подржуваат и Агенциите за обезбедување на имоти и лица: “Феникс-ЏМ”, ДОО “Струмица”, “Сигурност Енџил”-Скопје, “ВИП” ДООЕЛ Струга, “КГБ Секјурити” ДООЕЛ Кавадарци, “Статус” ДОО-Скопје, “ТИМ” ДОО Скопје и “ИБИСА” Обезбедување Скопје.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 5 став 1 од Законот за обезбедување на лица и имот е предвидено дека правното лице кое дејноста на обезбедување на лица и имот ја врши во вид на давање на услуги се стекнува со право за вршење на дејноста со упис во трговскиот регистар.

Според став 2 на овој член, за уписот од став 1 на овој член покрај условите предвидени со прописите за упис во трговскиот регистар, потребно е правното лице да има најмалку десет лица кои имаат лиценца за работа, дозвола за работа од Министерството за внатрешни работи, како и две деловни простории и две превозни средства во сопственост на правното лице” .

5. Во член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот на Репуб­лика Македонија како темелни вредности на уставниот поре­док на Република Македонија се утврдени владеењето на правото, прав­ната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприем­ништвото.

Со членот 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 на истиот член Репуб­ликата обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополс­кото однесување на пазарот.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот Собранието на Република Македонија донесува закони.

Од изнесеното произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите облас­ти на стопанскиот систем. Меѓутоа, слободата на пазарот и претпри­емништвото не може да се сфати како работа само на субјекти на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството.

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоста­вува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквоста мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монополското однесување на пазарот, зашти­тувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби наспрема оспорениот дел на член 5 став 2 од Законот според кој правните лица за вршење на дејност обезбедување на имот и лица мора во сопст­веност да имаат две деловни простории и две превозни средства, Судот оцени дека државата во сферата на економските односи кои се сведуваат на поттикнување на економски напредок на земјата и тоа преку гарантирање на слободата на пазарот и претприемништвото, како и преземање на мерки против монополската положба и однесу­вањето на правните субјекти, не може со закон да пропишува услови кои во суштина значат ограничување на дејноста обезбедување на лица и имот да можат да ја вршат правните субјекти кои се услову­ваат да имаат во сопственост две простории и две возила.

Имено, според мислењето на Судот во конкретниов случај предвидените услови за вршење на наведената дејност значат созда­вање на нормативна основа за нееднаква правна положба на субјек­тите на пазарот во вршењето на една дејност, што не е во согласност со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот го донесе во состав од претсе­да­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.269/2007
9 јули 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply