251/2007-0-0

251/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 јули 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 35 став 4 во делот „најмногу уште три пати„, членовите 183, 184, 259 и 259-а од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003, 112/2005 и 134/2007).

2. Васко Лазески од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените членови и нивните делови од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата кој најпрвин ги цитира членовите 3, 4, 34, 35 и 232 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија за да заклучи дека од оспорените одредби од член 35 став 4 од Законот произлегувало дека на офицерите, подофицерите и цивилните лица им била дадена можност да вршат служба во Армијата на Република Македонија на неопределено време, а на професионалните војници максималното време за служба било 12 години (договор на три години и после тоа уште три договори по три години) и потоа работниот однос им престанувал што според подносителот на иницијативата тоа значело дека сите лица кои се во служба на Армијата на Република Македонија не биле еднакви во своите п рава.

Можноста за продолжување на договорот за работа на професионалните војници за уште три пати, исто така, била во спротивност со членот 46 од Законот за работните односи. Од изнесените причини со иницијативата се бара судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од членот 35 во делот: „најмногу уште три пати„ од наведениот закон.

Во врска со оспорените одредби од членовите 183 и 184 од Законот подносителот на иницијативата наведува дека со нив се регулирал начинот на доделување на користење на службен стан, при што офицерите, подофицерите и професионалните војници не биле еднакви од причина што офицерите и подофицерите имале право да користат службен стан, а професионалните војници имале право на престој во касарнски услови, поради што се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на наведените оспорени одредби од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 35 став 4 од Законот, во зависност од покажаните резултати и потребите на соодветниот род, односно служба, договорот за работа со професионалните војници може да се продолжи најмногу уште три пати.

Според оспорениот член 183 од Законот, воен старешина за време на вршење на службата во Армијата има право на користење на службен стан во местото на вршење на службата.

За користење на службен стан воениот старешна плаќа закупнина.

По исклучок од став 1 на овој член, воен старешина кој во местото на вршење на службата има стан во лична сопственост или во сопственост на член на потесно то семејство (брачен другар или деца кои живеат во заедничко домаќинство со него), нема право на користење на службен стан.

Професионален војник за време на вршење на службата во Армијата, по сопствен избор, има право на бесплатно сместување во касарнски услови на живеење.

Поблиски прописи за утврдување на критериумите, мерилата и постапката за доделување на користење на службени станови на воени старешини, како и за сместување на професионалните војници во касарнски услови на живеење, донесува министерот за одбрана.

Според оспорениот член 184 од Законот, воен старешнина на кој во период од пет години на вршење служба во Армијата не му е обезбедено користење на службен стан, има право на надоместок на трошоците за закупнина на стан.

Воен старешина кој прима надоместок на трошоци за закупнина на стан го губи правото на надоместокот доколку не се пријави на објавен оглас за доделување на користење службен стан во местото на вршење на службата, освен кога од оправдани причини (боледување, службено или друго оправдано отсуство од земјата во време на траење на огласот) не бил во можност да се пријави на објавениот оглас.

Професионален војник по пет години вршење служба во Армијата има право на надоместок на трошоците за закупнина на стан, доколку не му се обезбедат услови за користење бесплатно сместување во касарнски услови на живеење.

Висината на надоместокот за закупнина на стан не може да биде поголема од висината на трошоците за одвоен живот.

Поблиски прописи за определување на висината н а надоместокот за трошоците за закупнина на стан донесува министерот за одбрана.

Во оспорениот член 259 од Законот е утврдено дека професионалните војници кои на денот на влегување во сила на овој закон имале склучено договор за работа, со Министерството за одбрана, продолжуваат со службата до истекот на договорот, со можност договорот да им биде продолжен најмногу уште за три пати по три години, доколку не се постари од 35 години, а во оспорениот член 259-а од Законот е утврдено дека професионалните војници кои пред денот на влегувањето во сила на овој закон имаат склучено договор за работа со Министерството за одбрана, продолжуваат со службата до истекот на договорот, со можност за нивно продолжување до навршување на 38 години.

4. Во член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципот на владеењето на правото и на хуманизмот, социјалната правда и солидрноста.

Во членот 9 став 1 од Уставот предвидено е дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во членот 34 од Уставот утврдено е дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Членот 51 став 1 од Уставот предвидува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според ставот 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од содржината на наведените одредби од Уставот произлегува дека правата на вработените и нивната положба, како и правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредуваат со закон и со колективни договори.

Врз основа на овие уставни одредби е донесен Законот за работните односи, Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за одбрана, Законот за служба во Армијата на Република Македонија и други закони од овие сфери.

Со Законот за служба во Армијата на Република Македонија се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на лицата на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Во членот 3 од Законот е утврдено дека служба во Армијата вршат воени и цивилни лица. Воени лица во смисла на овој закон, покрај останатите, се и воените старешини – офицери и подофицери, на кои се однесуваат и оспорените одредби од Законот, а додека цивилни лица се лицата на служба во Армијата поставени на должности согласно со актот за формација на Армијата.

Според Законот за служба во Армијата на Република Македонија офицерите, подофицерите и професионалните војници на служба во Армијата на Република Македонија имаат различни по вид и обем права, должности и одговорности што значи дека тие согласно овој закон не се во еднаква, туку напротив се во различна правна положба.

Имено, во делот III „Прием на воени лица на служба во Армијата (каде е поместен и оспорениот член 35 став 4) за прием во служба на Армијата на Република Македонија се предвидени различни услови за офицер, за подофицерите и за професионалните војници. Така во членот 26 од Законот е утврдено дека за офицер во служба на Армијата се прима лице кое покрај општите услови предвидени во членот 25 од Законот треба да има завршено и воена академија или да има завршено стручно оспособување и усовршување за офицер, а според членот 27 од Законот за офицер на служба во Армијата може да биде примено и лице со високо образование кое е воен обврзник – офицер во резервниот состав на Армијата, доколку покрај општите услови од член 25 на овој закон има отслужено воен рок во Армијата со оружје, да не е постар од 35 години, потребите на службата да бараат прием на офицер со посебна стручна подготовка, како и да заврши стручно оспособување и усовршување за офицери во траење од три месеци.

Согласно членот 28 од Законот на служба во Армијата за подофицер се прима лице кое покрај општите услови предвидени во членот 23 од овој закон има завршено и средно образование, не е постар од 28 години и да заврши стручно оспособување и усовршување за подофицер во траење од девет месеци. А подофицер согласно членот 29 од Законот може да се прими на служба во Армијата и питомец на Воената академија кој го прекинал натамошното школување на Воената академија по завршувањето на втората година, доколку покрај општите услови од член 25 на овој закон ги исполнува и следниве посебни услови:
– да поднесе барање за прием на служба во Армијата како подофицер во рок од три месеци по прекинот на школувањето на Воената академија;
– потребите на службата да бараат прием на подофицер во редот пешадија, а Воената академија да даде позитивно мислење за негово вработување и
– да заврши стручно оспособување и усовршување за подофицер во траење од три месеци.

Согласно членот 30 од Законот, за професионален војник на служба во Армијата се прима лице кое покрај општите услови од член 25 на овој закон, ги исполнува и следниве посебни услови: 1) да има завршено средно образование; 2) да има отслужено воен рок во Армијата со оружје и 3) да не е постар од 27 години.

Поаѓајќи од анализата на изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот за прием на служба во армијата покрај општите услови предвидува и посебни услови кои се однесуваат за офицери, посебни услови за подофицери и посебни услови за професионални војници што значи дека не ги става во иста правна положба па од тука и правото на законодавецот во рамките на утврдувањето на правата, одговорностите и должностите на лицата во армијата да утврдува и различни права како што е случајот и со оспорената одредба од член 35 став 4 од Законот според која во зависност о д покажаните резултати и потребите на соодветниот род, односно служба, договорот за работа за професионалните војници може да се продолжи најмногу уште три пати, без притоа да се смета дека со оспорениата одредба е повреден принципот на еднаквост. Ова од причина што за повреда на овој принцип може да стане збор само кога се во прашање различни права и обврски за граѓани, што не е случај со офицерите, подофицерите и професионалните војници, меѓу кои не може да се стави знак на еднаквост во однос на остварувањето на правата по било кој основ, па ниту по основ на времетраењето на работниот однос. Според тоа, наводите во иницијативата дека со членот 35 став 4 од Законот се повредува начелото на еднаквост на граѓаните утврдено во членот 9 од Уставот се неосновани поради што не може да се постави прашањето на согласноста на наведената оспорена одредба со членот 9 од Уставот.

Повикувањето на подносителот на иницијативата во членот 46 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија„ бр.62/2005) според кој договор за вработување може да склучи на определено време за вршење на работи кои по својата природа траат определено време, со прекин или без прекин до четири години и дека по овој рок работниот однос согласно ставот 2 на членот 46 од овој закон се трансформира на неопределено време, укажуваме на фактот дека за прием на воени лица на служба во армијата важи Законот за служба во Армијата на Република Македонија како „lex specijalis„ според кој на специфичен, јасен и прецизен начин се уредув аат приемот на лица на служба во Армијата, како и престанокот на нивниот работен однос.

Во однос на оспорените одредби од членовите 183 и 184 од Законот Судот оцени дека при анализа на овие оспорени законски одредби како и Законот во целина произлегува дека поради спецификата на воената служба на воените старешини и на професионалните војници, им се дадени други, поинакви права во однос на останатите вработени во Република Македонија, а во врска со наводот во иницијативата дека овие оспорени одредби професионалните војници ги става во нерамноправна положба во однос на офицерите и подофицерите Судот утврди дека не е основен од причина што тие не се наоѓаат во енаква правна положба (како што веќе е наведено при анализата на оспорениот член 35 став 4 од Законот) и ако законодавецот, сепак, станбеното прашање на некој начин го регулирал така што воен старешнина за време на вршење на службата во Армијата има право на користење на службен стан во местото на службата за што плаќа закупнина, а професионалниот војник за време на вршење на службата во Армијата, по сопствен избор, има право на бесплатно сместување во касарнски услови за живеење. Доколку во преиод од пет години за вршење на служба на воениот старешина не му биде решено станбеното прашање, Министерството за одрана му ги надоместува трошоците за закупнина на стан, во согласност со Правилникот донесен од министертот за одбрана. По пет години вршење на служба во Армијата и професионалниот војник се стекнува со право на надоместок на трошоците за закупнина на стан, доколку не се определи да користи бесплатно сместување во касарнсски услови на живеење.

Поради наведеното Судот утврди дека не може да се постави прашањето на согласноста на одредбите од членовите 183 и 184 од Законот со Уставот на Република Македонија.

Поради исти причини не може да се прифатат и наводите во иницијативата по однос на оспорените членови 259 и 259-а од Законот. Имено, наведените оспорени одредби се сместени во „Преодните и завршните одредби од Законот„. Според оспорениот член 259 од Законот, професионалните војници кои на денот на влегување во сила на овој закон имале склучено договор за работа со Министерството за одбрана, продолжуваат со службата до истекот на договорот, односно имаат можност договорот да им биде продолжен најмногу уште за три пати по три години, доколку не се постари од 35 години.

Со донесувањето на Законот за дополнување на Законот за служба во АРМ во ноември 2007 година, со дополнетиот член 259-а е дадена можност, професионалните војници кои пред денот на влегувањето во сила на законот имаат склучено договор за работа со Министерството за одбрана, да продолжат со службата до истекот на договорот, со можност за негово продолжување до навршување на 38 години.

Една од причините ова прашање да се уреди на начин како што е уредено со сега оспорениот член 259-а, е професионалните војници на служба во Армијата на Република Македонија кои со Министерството за одбрана имале склучено договор за работа да продолжат со службата до истекот на договорот, со можност за нег ово продолжување до навршување на 38 години, заради потребата на службата. Овие лица во текот на траењето на службата биле упатувани на стручно оспособување и усовршување во Републиката и во странство и завршиле курсеви и обука кои натаму треба да ги практицираат во Армијата. Освен тоа, овие лица вршат посебен вид работи и задачи кои поради спецификата на воената служба, се сосема различни со работите и задачите на најголем дел на вработените лица во Република Македонија.

Во согласност со стратешките определби и цели за натамошно преструктуирање на Армијата на Република Македонија во правец на целосна професионализација во мала, мобилна, ефикасна, добро обучена, високо професионална, мотивирана и дисциплинирана сила способна да се справи со законите по безбедноста на државата и истовремено да одговори на потребита за учество во мисии, мировни и хуманитарни операции, вежбовни активности и сл. потребата од обучени професионални војници за служба во Армијата е евидентна.

Ова е уште една причина што на овие лица им е дадена можност за продолжување на договорот за работа со Министерството за одбрана до навршување на 38 години.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови 259 и 259-а од Законот со Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова–Ристова, Вера М аркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.251/2007
2 јули 2008 година
С к о п ј е
лк/ви/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply