Одлука У.бр.56/2008 и У.бр.91/2008

У.бр.56/2008-1 и У.бр.91/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 јуни 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА:

а) Точка 3 во делот „од 1 јануари 2008 година“ од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за просечната цена на производство, диструбиција и снабдување со топлинска енергија за греење за регулиран период на Топлификација АД-Скопје, донесена од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија бр.02-406/1 на 25 февруари 2008 година („Службен весник на Република Македонија„ бр.27 од 25 февруари 2008 година).

б) Точка 3 во делот „од 1 јануари 2008 година“ од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за просечна цена на производство, диструбиција и снабдување со топлинска енергија за греење за регулиран период на Скопје Север АД Скопје, донесена од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија бр.02-409/1 на 25 февруари 2008 година („Службен весник на Република Македонија„ бр.27 од 25 февруари 2008 година).

в) Точка 3 во делот „од 1 јануари“ од Одлуката за одобрување на Ценовник-Тарифа за испорака на топлинска енергија за греење на тарифните потрошувачи на Топлификација АД Скопје, за приод од 1 јануари до 31 декември 2008 година, донесена од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија бр.02-428/1 на 28 февруари 2008 година („Службен весник на Република Македонија„ бр.29 од 29 февруари 2008 година) и

г) Точка 3 во делот „од 1 јануари“ од Одлуката за одобрување на Ценовник-Тарифа за испорака на топлинска енергија за греење на тарифните потрошувачи на Скопје-Север-Скопје за приод од 1 јануари до 31 декември 2008 година донесена од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија бр.02-429/1 на 28 февруари 2008 година („Службен весник на Република Македонија„ бр.29 од 29 февруари 2008 година).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесени иницијативи од. Кики Мангова Поњавиќ, Петре Илиевски и м-р Ѓорѓи Наумов сите од Скопје со Решение У.бр.56/2008 и 91/2008 од 14 мај 2008 година поведе постака за оценување на уставноста на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука .

Постапката беше поведена затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за согласноста на наведените одредби од Одлуките со член 52 став 4 од Уставот.

4. Согласно член 18 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006 и 36/2007), работите кои се однесуваат на регулирањето на одделни прашања во вршење на енергетските дејности определени со овој закон ги врши Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, која е независна во своето работење и одлучување во рамки на надлежностите утврдени со овој закон и има својство на правно лице. Согласно, пак, член 25 од Законот таа е составена од 5 члена од кои едниот е претседател кој ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија.

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на седницата одржана на 25 февруари 2008 година ја донела Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за просечната цена на производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за греење за регулиран период на Топлификација АД Скопје бр.02-406/1 („Службен весник на Република Македонија“ бр.27 од 25 февруари 2008).

Во точката 1 на оваа Одлука е предвидено дека во Одлуката за просечна цена за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за греење за регулиран период на Топлификација АД Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.102/2006, 30/2007 и 127/2007) во точката 4 во алинеја 3 бројот 2.3635 се заменува со 2.7786.

Во точката 2 од Одлуката е предвидено дека се задолжува Топлификација АД Скопје согласно просечната цена утврдена во точката 1 од оваа одлука по објавувањето на оваа одлука во „Службен весник на Република Македонија“ до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија да достави заради одобрување и објавување Предлог-Ценовник-Тарифа за период од 1 јануари до 31 декември во кој линеарно треба да бидат зголемени тарифните ставови утврдени во Одлуката за одобрување на Ценовник-Тарифа за топлинска енергија за период од 1 јануари до 31 декември 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2007).

Во точката 3 од одлуката е предвидено дека оваа Одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јануари 2008 година до извршувањето на редовната контрола согласно Правилникот за начинот и условите за регулирање на цени на топлинска енергија или до утврдувањето на просечната цена на производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за греење за преостанатиот дел од регулираниот период врз основа на контролата на финансиското работење на Топлификација АД Скопје за изминатиот период од регулираниот период која ќе ја изврши Регулаторната комисија за енергетика во согласност со издадените лиценци.

Регулаторната комисија за енергетика на седницата одржана на 25 февруари 2008 година донела Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за просечна цена на производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за греење на регулиран период на Скопје Север АД Скопје бр.02-409/1 („Службен весник на Република Македонија“ бр.27 од 25 февруари 2008).

Во Одлуката за просечна цена на производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за греење за регулиран период на Скопје Север АД Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.102/2006 – грешен – треба 133/2006, 134/2006, 30/2007 и 127/2007 – грешен – треба 134/2007) во точката 1 во алинеја 3 бројот 26.461 се заменува со 28.820.

Се задолжува Скопје Север АД Скопје, согласно просечната цена утврдена во точката 1 од оваа одлука по објавувањето на оваа Одлука во „Службен весник на Република Македонија“ до Регуларотната комисија да достави заради одобрување и објавување во „Службен весник на Република Македонија“ Предлог-Ценовник-Тарифа за период од 1 јануари до 31 декември 2008 година во кој линеарно треба да бидат зголемени тарифните ставови во просек за 8,92% во однос на тарифните ставови утврдени во Одлуката за одобрување на Ценовник-Тарифа за испорака на топлинска енергија за греење на тарифните потрошувачи на Скопје Север АД Скопје за период од 10 октомври до 31 декември 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/2007).

Во точката 3 е предвидено дека оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ а ќе се применува од 1 јануари 2008 година до извршувањето на редовната контрола согласно Правилникот за начин и услови за регулирање на цени на топлинска енергија за греење или до утврдување на просечна цена на производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за греење за преостанатиот дел од регулираниот период врз основа на контрола на финансиското работење на Скопје Север за изминатиот дел од регулираниот период, која ќе ја изврши Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Понатаму Судот утврди дека на 28 февруари 2008 година Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, врз основа на член 6 став 3 од Законот за енергетика, а во врска со точката 2 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката бр.02-406/1 од 25 февруари 2008 година за просечна цена на производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за регулиран период на Топлификација АД Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2008) донела Одлука за одобрување на Ценовник-Тарифа за испорака на топлинска енергија за греење на тарифни потрошувачи на Топлификација АД Скопје за период од 1 јануари до 31 декември 2008 година бр.02-428/2 („Службен весник на Република Македонија“ бр.29 од 29 февруари 2008 година).

Во точката 1 од Одлуката е предвидено дека се одобрува Ценовник-Тарифа за топлинска енергија за греење за период од 1 јануари до 31 декември 2008 година, доставен од страна на Топлификација АД Скопје согласно точката 2 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката бр.02-406/1 од 25.02.2008 година за просечна цена на производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за греење за регулиран период на Топлификација АД Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2008).

Во точката 2 се задолжува Топлификација АД Скопје од 1 јануари 2008 година да ги зголеми постојните тарифи утврдени во согласност со применуваниотт тарифен систем за 17,56% и да ја применува Ценовник-Тарифата по тарифни ставки станбен, деловен простор и основно образование.

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавување, а ќе се применува од 1 јануари 2008 година.

Воедно, Судот утврди дека врз основа на член 6 став 3 од Законот за енергетика, а во врска со точката 2 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката бр.02-409/1 од 25.02.2008 година, за просечна цена за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за греење за регулиран период на Скопје Север АД Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2008) Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на 28 февруари 2008 година донела Одлука за одобрување на Ценовник-Тарифа за испорака на топлинска енергија за греење на тарифните потрошувачи на Скопје Север АД Скопје за период од 1 јануари до 31 декември 2008 година („Службен весник на Република Македонија„ бр.29 од 29 февруари 2008 година).

Се одобрува Ценовник-Тарифа на топлинска енергија за греење за период од 1 јануари до 31 декември 2008 година доставен од страна на Скопје Север АД Скопје, согласно со точката 2 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката бр.02-409/1 од 25 февруари за просечна цена на производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за греење за регулиран период Скопје Север АД Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2008).

Се задолжува Скопје Север АД Скопје од 1 јануари 2008 година да ги зголеми постојните тарифи утврдени во согласност со применуваниот тарифен систем за 8,92% и да ја применува наведениот Ценовник-Тарифа.

Во точката 3 е предвидено дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањет во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јануари 2008 година.

5. Според член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Отстапувањето од принципот на забраната на повратното дејство на законите и другите прописи според Уставот на Република Македонија е допуштено само по исклучок, доколку е во корист на граѓаните.

Тргнувајќи од содржината на оспорените одлуки, со кои е утврдена и одобрена цената на топлинската енергија, од аспект на нивното повратно дејство, Судот оцени дека со нив е создадена правна ситуација односно можност зголемените цени на топлинска енергија утврдени во одлуките кои ги плаќаат граѓаните, односно корисниците на топлинска енергија, да се применуваат наназад пред нивното донесување и објавување, односно влегување во сила, што значи нивно повратно дејство. Притоа предвидените цени во одлуките се понеповолни за субјектите-корисници на топлинска енергија на кои тие се однесуваат, бидејќи се повисоки.

Со оглед на наведеното, оспорените одлуки во деловите во кои е предвидено тие да се применуваат наназад пред да се објават во Службен весник и пред да влезат во сила не се во согласност со принципот на забрана на повратно дејство на законите и другите прописи утврден во член 52 став 4 во Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.56/2008
У.бр.91/2008
25 јуни 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply