111/2008-0-0

111/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за определу­вање на висината на надоместокот на членовите на советот што учествуваат во постапката за склучување на брак како претставници на Советот на општина Чашка бр. 0701-738/6 од 28.04.2006 година.

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Стојан Маневски – градоначалник на општина Чашка на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката на Советот на општина Чашка означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, согласно Законот за локалната самоуправа освен надоместокот на советниците за присуство на седница, друг надоместок не било предвидено во Законот.

Имено, подносителот на иницијативата наведува дека не било предвидено ни надоместок за матичарите, од кои причини се поставувало прашањето за согласноста на оспорената Одлука со Законот за локалната самоуправа и Законот за државните службеници. Поради тоа, подносителот на иницијативата бара Судот да поведе постапка за истата Одлука.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Чашка на седницата одржана на 28 април 2006 година донел: Одлуката за определување на висината на надоместокот на членовите на советот што учествуваат во постапката за склучување на брак како претставници на Советот на општина Чашка бр. 0701-738/6 од 28.04.2006 година.

Според член 1 од оваа одлука, на Советниците на оштина Чашка кои учествуваат во постапката за склучување на брак, како претставници од Советот на општина Чашка им се определува надоместок во висина од 500 денари плус патни трошоци за советниците што не се од Чашка.

Според член 2 од оваа одлука, на матичарите кои присуствуваат во постапката за склучување на брак им се утврдува надоместок од 500 днери за присуство на склучување на брак, само во неработен ден.

Со член 3 од Одлуката се утврдува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Чашка“.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.
Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдeни со закон.
Согласно членот 100 од овој Закон кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“ до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.
Притоа, во Законот за локалната самоуправа, законодавецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот не само што го утврдил туку и го лимитирал и тој може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на патните и дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници. Исто така, законодавецот упатува на тоа дека овој надоместок ќе се применува додека не се донесе нов закон. Со Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 121/2007) исто така е уредено прашањето на надоместоците на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје.
Со оглед на тоа што со оспорената Одлука правото на надоместок на членовите на советот што учествуваат во постапката за склучување на брак како претставници на општина Чашка, не е утврденo во согласност со Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и горенаведениот закон.
Оттука, имајќи ја предвид содржината на оспорената Одлука, според Судот, истата не е во согласност со наведените одредби од Законот за локалната самоуправа. Ова од причина што во цитираните законски одредби се предвидува надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, како и надоместок за дневни трошоци врз основа на прописите кои се однесуваат на државните службеници, но не се предвидува надоместок на членовите на советот што учествуваат во постапката за склучување на брак како претставници на советот без оглед на одржана седница за секоја седница поодделно, односно не се предвидува фиксен износ на надоместокот за дневни трошоци без оглед на одржана седница за секој советник поодделно, како што предвидуваат членовите 1 и 2 од оспорената Одлука.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот утврди дека основано се поставува прашањето на согласноста на оспорената одлука со Законот за локалната самоуправа и Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, поради што пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука и со член 51 од Уставот.

6. Со оглед на тоа што со извршувањето на оспорената одлука би можело да настанат тешко отстранливи последици, до донесувањето на конечна одлука, Судот реши да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени врз основа на таа одлука.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.111/2008
25 јуни 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply