41/2008-0-0

41/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 281 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007).

2. Марјанчо Ангеловски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 281 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 281 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 4 и член 15 од Уставот на Република Македонија.

Ова затоа што со предвидениот рок утврден во ставот 1 на наведениот член за продолжување на дозволата за возач – инструктор, а посебно со одредбата од ставот 2 од истиот член без донесување на правосилна судска одлука на граѓанинот му се ускратувало правото за вршење на занимањето возач – инструктор стекнато според условите предвидени во членовите 275, 276, 277 и 278 од Законот. Имено со наведените одредби индиректно се укинувал акт – свидетелство или уверение за завршен V ти степен на образование, издадено од Министерството за образование и наука, односно образовна институција без право на жалба.

Понатаму, подносителот наведува дека ако се имало предвид дек а дозволата за возач – инструктор е јавна исправа која се издавала од Министерството за внатрешни работи согласно член 278 став 1 од Законот, а врз основа на свидителство со кое се докажува стекнатото знаење согласно член 277 став 2 со претходно исполнување на условите предвидени во член 277 став 1 од Законот и полагање на предвидените испити пред испитна комисија формирана од Министерството за образование и наука, спроведени според програма за образование за занимање возач-инструктор евидентно е несогласноста на оспорениот член со начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се пропишувала надлежност на
Министерството за внатрешни работи кое не му припаѓа, а кое нешто можело да се констатира ако се имала предвид содржината на одредбата од член 283 став 1 од Законот со која се предвидувала обврска за возачот-инструктор по добивање на дозволата да се подложи на проверка на стручноста за добивање на лиценца за оспособување на кандидати за возачи, која проверка се вршела на секои четири години пред комисија, а согласно програма утврдена од Министерство за образование и наука.

3. Судот на седницата утврди дека според став 1 на член 281 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, важноста на дозволата за возач – инструктор може да се продолжи ако возачот инструктор поднесе барање за продолжување на истата најдоцна еден месец пред истекот на рокот на важноста на дозволата. Со барањето за продолжување на дозволата, се поднесува уверение дека возачот-инструктор е здравствено и психофизички способен да управува(свидетелство) со моторни возила од онаа категорија за која е издадена возачката дозвола, во објавениот текст на Законот е погрешно употребен терминот свидетелство.

Според став 2 на наведениот член, за возач-инструктор кој ќе поднесе барање за продолжување на важноста на дозволата за возач инструктор по истекот на рокот од ставот 1 на овој член рокот на важноста на дозволата ќе се продолжи откако возачот инструктор повторно ќе ги положи испитите потребни за добивање на свидетелство за завршено специјалистичко образование за занимање возач-инструктор.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок е утврден принципот на владеењето на правото.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и два автентично толкување на законите.

Поаѓајќи од наведеното, неспорно е дека Собранието на Република Македонија како носител на законодавнста власт може да донесува закон за сите области на општеството, што значи, меѓу другото и за уредување на прашања и односи поврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Со Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата се уредува безбедноста и заштитата на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци и опрема, должности во случај на сообраќајна незгода, условите за стекнување на право за управување со моторно возило, оспособување н а кандидати за возачи, полагање возачки испит и проверка на оспособеноста на возачите и други прашања (член 1).

Во насока на остварување односно реализирање на наведеното, законодавецот во делот „Испит за возач инструктор„ односно во членовите од 275 до 286 од Законот ги утврдил прашањата кои се однесуваат на стекнување на звањето возач инструктор кој врши оспособување на кандидати за возачи.

Според член 275 од Законот, оспособување на кандидати за возачи може да врши возач-инстуктор по завршување на специјалистичко образование за занимање возач-инструктор во соодветна образовна институција.

Испитите за возач инструктор се полагаат во образовната институција пред испитна комисија формирана од министерот за образование и наука (член 276 став 1).

За спроведените испити образовната институција од ставот 1 на овој член води соодветна евиденција (став 2).

Во членот 277 од Законот е предвидено кои услови треба да ги исполнува кандидатот за возач-инструктор за да може да ги полага испитите (меѓу кои е да има завршено најмалку средно образование), а по полагање на предвидените испити согласно Програмата од член 419 од Законот, на лицето му се издава свидетелство за завршено специјалистичко образование за занимање возач-инструктор (член 277). Врз основа на свидетелството Министерството за внатрешни работи издава дозвола за возач-инструктор со рок на важење од 5 години (член 278).

Во оспорениот член 281 ставовите 1 и 2 од Законот е предвидено дека важноста на дозволата за возач инструктор може да се продолжи доколку лицето еден месец пред истекот на петте години поднесе барање за продолжување на важноста на дозволата, при што долоклу лицето го пропушти рокот од еден месец пред истекот на петте години, рокот на важноста на дозволата ќе се продолжи откако возачот инструктор повторно ги положи испитите потребни за добивање на свидетелство за завршено специјалистичко образование.

Во член 282 од Законот е предвидено дека свидетелството за завршено специјалистичко образование од член 277 став 2 ќе се пониши и дозволата за возач инструктор ќе се одземе во случаите од член 274 став 1 на овој закон, при што решение за поништување на свидетелството донесува министерот за образование и наука, а решение за одземање на дозволата за возач-инструктор го донесува министерот за внатрешни работи. Наведените решенија се конечни и против нив лицето може да поведе управен спор пред надлежен суд.

Од наведените законски одредби произлегува дека со Законот се уредува начинот на стекнување на соодветно специјалистичко образование врз основа на кое се добива дозвола за возач-инструктор со важност од пет години, дека дозволата може да се продолжи 1 месец пред истекот на рокот од пет години и дека доколку возачот инструктор во рок од 1 месец не поднесе барање за продолжување на дозволата должен е повторно да ги полага испитите потребни за добивање на свидетелство како и тоа дека свидетелството за завршено специјалистичко образование може да се поништи од страна на органот кој го издал во точно определени услови пр едвидени во законот.

Тргнувајќи од напред наведените уставни одредби наспрема содржината на оспорениот член 281 од Законот со основ се поставува прашањето која била целта на законодавецот од едно вакво законско решение односно дали Министерството за внатрешни работи кое ја издало дозволата за возач-инструктор врз основа на свидетелство за стекнато специјалистичко образование за занимање возач-инструктор издадена од Министерството за образование и наука, поради пропуштање на рокот од 1 месец пред истекот на рокот од петте години може на индиректен начин да го негира свидетелството за стекнато образование и да бара од лицето кое има веќе свидетелство повторно да ги полага испитите од тој вид на образование за да може да ја продолжи дозволата и дали со тоа не се доведува во прашање правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото.

Имено, според мислењето на Судот во конкретниов случај нема издржани аргументи кои би ја оправдале целта на законодавецот од ваквото законско решение кое е неразумно и крајно ирационално. Ова дотолку повеќе ако се има предвид дека свидетелството според позитивните прописи е јавна исправа издадена од надлежен орган со кое се докажува стекнатиот степен на образование и истото може да се поништи во со закон точно утврдени случаи од страна на органот кој го издал или во постапка пред суд.

Со оглед на наведеното пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 281 од Законот со наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.41/2008
25 јуни 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply