Решение У.бр.93/2008

У.бр.93/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Слободан Беличански од Прилеп за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесува на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

2. Слободан Беличански од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесува на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, повредени со Решение Дов.бр.27/07 од 29 јануари 2008 година донесено од Советот за одлучу­вање по жалба при Врховниот суд на Република Македонија.

Подносителот на барањето, најнапред хронолошки ги прикажува спроведените постапки за негово разрешување од вршење­то на судиската функција и негово времено оддалечување од вршење­то на судиската функција со посочување на писмени докази и коментар по однос на секоја од фазите на двете постапки.

Потоа, подносителот на иницијативата по однос на жалбе­ните постапки посебно акцентира дека предлагал запирање на постап­ката за негово разрешување поради протек на рокот за поднесување на барањето за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, согласно член 58 став 1 во врска со член 55 став 1 од Законот за судскиот совет, како и тоа дека информацијата на претсе­дателот на Основниот суд во Прилеп Дов.бр.5/2006 од 13 ноември 2006 година, според формата и соджината не можела да има третман на благовремено поднесено барање за утврдување на нестручно или несовесно вршење на судиската функција. Впрочем, со информацијата од наведениот датум и не се барало поведување на постапка за утврдување на негово нестручно или несовесно вршење на судиската функција, туку тоа било сторено подоцна со барање Дов.бр.5/2006 од 26 февруари 2007 година. Во поткрепа на ваквото тврдење се прилага­ат писмени докази.

Оттаму, Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Македонија, не можел во образложението на актот со кој била сторена повредата на слободите и правата да заклучи дека нема пречекорување на субјективниот рок за поднесување на барањето за утврдување на нестручно или несовесно вршење на судиската функција и да прифати дека информацијата од 13 ноември 2006 година (доставе­на до Судскиот совет на Република Македонија на 15 ноември 2006 година) треба да се толкува како барање за поведување на постапка.

Според тоа, во случајот, не биле земени предвид неспорни факти и докази, ниту пак било земено предвид неговото правилно толкување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, а ако тоа се случело за подносителот на барањето ќе следувал поволен исход на постапката. Притоа, требало да се има предвид дека формулацијата на членот 9 од Уставот упатувала на заклучокот дека еднаквоста значела и еднаквост при примената на одреден пропис, а членовите 15 и 24 од Уставот зборувале и за слободата на правното мислење на човекот и граѓанинот како странка или учесник во судска или друга постапка, како составен дел на слободата на мислење на човекот и граѓанинот.

Имено, слободата на мислата, како човеково и граѓанско право, вклучувала право на човекот и граѓанинот да формира и искажува мислење во ситуации кога манифестира свој поглед на светот, кога заштитува туѓо или свое на закон или друг правен акт засновано право. Според тоа, искажувањето на правното стојалиште во жалбената постапка, а при заштита на свое право од работен однос, односно функција преставувало акт на користење на слободата на мислата, кое, во конкретниот случај, не се исцрпувало само во чинот на формирање на правното мислење и негово искажување во писмена или усмена форма, туку и со негово респектирање и уважување од страна на жалбените органи.

Бидејќи тоа не било случај, подносителот на барањето предлага заради укажаните повреди на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд да донесе одлука за заштита на слободите и правата, да го поништи Решението Дов.бр.27/7 од 29 јануари 2008 година, со задолжение Судскиот совет за решавање по жалба, формиран при Врховниот суд на Република Македонија повтор­но да одлучува по двете поднесени жалби на подносителот на барањето.

3. Судот на седницата утврди дека Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Македонија, формиран согласно член 60 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија, решавајќи по жалбите на судијата Слободан Беличански од Прилеп, на седницата одржана на 29 јануари 2008 година, донел Решение Дов.бр.27/07 од 29 јануари 2008 година со кое жалбите на Слободан Беличански се одбиваат како неосновани, а Решенијата на Судскиот совет на Република Македонија Дов. бр. 07-11/7 од 29 ноември 2007 година и Дов.бр.27-11/10 од 13 декември 2007 година, се потврдуваат.

Според образложението на Решението Дов.бр.27/07 од 29 јануари 2008 година неосновани се жалбените наводи за сторена повреда на постапката од страна на Судскиот совет на Република Македонија, сторени на начин што барањето за поведување на постап­ка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција било поднесено по истекот на рокот од 3 месеци определен во членот 55 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Маке­донија. Ова од причина што информацијата на претседателот на Основниот суд во Прилеп составена на 13 ноември 2006 година треба да се толкува како барање за поведување на постапка, од каде очиг­ледно не може да стане збор за пречекорување на рокот од наведе­ната законска одредба.

4. Согласно членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјал­ното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општестве­ната положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според Амандманот XXI на Уставот, со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Со член 16 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според членот 24 од Уставот, секој граѓанин има право да поднесува преставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор. Граѓанинот не може да биде повикан на одговорност, ниту да трши штетни последици за ставовите изразени во преставките, освен ако со нив не сторил кривично дело.

Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност. Со ставот 2 од овој член на Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно Амандман XXV на Уставот со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт во Република Македонија ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратифику­вани во согласност со Уставот.

Според член 99 став 1 од Уставот, судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот.

Со Амандманот XXVI на Уставот со кој се заменува ставот 3 на членот 99 од Уставот, се утврдуваат случаите кога на судијата му престанува судиската функција и кога судијата се разрешува. Така, се утврдува дека судијата се разрешува:

– поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и
– поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

Според Амандманот XXVIII став 1 на Уставот со кој се заменува членот 104 од Уставот, Судскиот совет на Република Македо­нија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Согласно Амнадманот XXIX став 1 на Уставот со кој се заменува членот 105 од Уставот и се брише алинејата 15 на ставот 1 на членот 68 од Уставот, Судскиот совет на Република Македонија:

– ги избира и разрешува судиите и судиите поротници;
– утврдува престанок на судиската функција;
– ги избира и разрешува претседателите на судовите;
– ја следи и оценува работата на судиите;
– одлучува за дисциплинската одговорност на судиите;
– одлучува за одземање на имунитетот на судиите;
– предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија и
– врши други работи утврдени со закон.

Со Законот за судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006), се уредуваат постапката за избор на Судскиот совет на Република Македонија, начинот на остварување на неговите функции и начинот на работа и одлучување.

Според членот 55 став 1 од Законот, дисциплинска постап­ка се поведува по барање на член на Советот, претседателот на судот, претседателот на повисокиот суд или општата седница на Врховниот суд на Република Македонија во рок од три месеца од денот на осознавање на сторената повреда, но не подолго од една година од денот на сторувањето.

Постапката за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, како еден од основите за разрешување на судија од судиската функција, се пропишува со член 58 од овој закон. Така, со ставот 1 на овој член, се утврдува дека постапката за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција се води согласно со членот 55 од овој закон, а ја спроведува Комисија за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Согласно ставот 2 на истиот член, Советот од своите редови формира Комисија за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција составена од пет члена.Според став 4 на овој член, врз основа на извештајот на Комисијата и расправата на седницата, Советот може да ја запре постапката и да го разреши судијата поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Согласно член 59 од овој закон, Советот може времено да отстрани судија од вршење на судиската функција кога е поведена постапка за утврдување одговорност на судијата, согласно со Законот за судовите.

Со членот 60 од истиот закон се уредува правото на жалба. Така, согласно став 1 на овој член, против одлуката на Советот судијата има право на жалба до Советот за одлучување по жалбите на Судскиот совет против решенија за разрешување или изречена дисциплинска мерка формиран при Врховниот суд на Република Македонија. Согласно ставот 2 на истиот член, Советот за одлучување по жалба е составен од девет члена од кои: тројца судии на Врховниот суд на Република Македонија, четворица судии од апелационите судови и двајца судии од судот од кој е судијата против кој е водена постапката.

Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, а според алинеја 3 од истиот член, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здржување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставу­вањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иници-јативата ако не е надлежен да одлучува по барањето, односно ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, произлегува дека решението на Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Македонија за одбивање на жалбите на подносителот на барањето е донесено во постапка пропишана со Уставот и Законот за Судскиот совет на Република Македонија.

Понатаму, имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, утврдена во членот 110 од Уставот произле­гува дека наводите во барањето за повреда на слободата на мислата, практично претставуваат барање за заштита на правата од работен однос, како што наведува и самиот подносител на барањето, односно за тоа Уставниот суд да се постави во позиција на инстан­ционо надреден арбитер, што треба да влијае врз жалбениот орган да ги респектира жалбените наводи и да го прифати толкувањето на законс­ките норми на начин како што ги преставува подносителот на бара­њето. Тоа, според оцена на Судот би значело впуштање во оцена на законитоста на работата на надлежен орган кој постапувал по изјавените жалби во постапката за разрешување на конкретен носител на судиската функција, за што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

Од друга страна, слободата на мислата, значи право на човекот слободно да мисли за сите прашања и слободно да гради свест за себе, за природата и за општеството во кое живее и работи и за така изразената мисла да не трпи штетни последици, што овде не е случај. Имено, слободата на мислата како индивидуална човекова слобода е различна уставна и правна категорија од практицирањето на правото во конкретен случај, односно оцената на доказите и жалбените наводи во постапките што се водат пред државните органи или оцена на искажан правен став во својство на стручно лице на што инсистира подносителот на барањето.

Оттука, произлегува дека обврската на државните органи за респектирање на изразена мисла на учесниците во постапките што се водат пред нив е фактичко прашање кое не е опфатено во корпусот на слободи и права на човекот и граѓанинот чија заштита се обезбедува пред Уставниот суд согласно член 110 алинеја 3 од Уставот.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.93/2008
18 јуни 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply